February 3, 2013

The Hobbit: An Unexpected Journey (2012)

Откако месец дена сочно ги пцуевме кината кај нас што не ни овозможија да го гледаме со останатиот нормален свет, ете го сега во двете од три (ако она во Рамстор уште може да се нарече кино, секако). Го гледав The Hobbit во Синеплекс, во сала која не беше којзнае колку поголема од онаа кај што го гледав Django Unchained пред две недели. Киното е супер, платното не изгледа како да јадел чичкото што ги пушта филмовите на него, седиштата се распоредени така што не може да ти сметаат големи глави пред тебе, а продаваат и начос со сомнително потекло. 

Излегов рамнодушен, за жал. Онака. Просечен филм што не ми направи разлика. А, кога ќе се земе во предвид дека и книгата е неколку класи под Lord of the Rings, не знам зошто воопшто очекував Питер Џексон дека ќе успее да ја повтори магијата. Како што вика Дамјан и нагласи да го цитирам, овој пат предизвикот беше една книга да ја развлечеш низ три филмови. Ќе се согласам и ќе додадам дека овој пат Питер Џексон развлекува книга која една иста формула ја користи многу, многу пати. Џуџињата и Билбо на секој чекор се соочуваат со некоја опасност (гоблини, орки, камени џинови, поларни мечки или службеници во банка кои те трујат за кредитот) која само што ќе ја пројдат, се вплеткуваат во нова. Добар дел од книгата е баш таков линеарен, па логично е и филмот да е таков.

Првите неколку минути се сериозно добри и ветувачки, додека Билбо не тргне на неговата, во случајов досадна акциона авантура. Во Lord of the Rings сите битки беа крајно импресивни, најмногу поради тоа што не беа толку чести како тука. Имаше време да се внесеш, да се соживееш со секој лик и да се грижиш за нив, иако веќе знаеш каков ќе биде исходот. Тука, со сите тие познати факти, не ти е баш многу гајле. Пак ќе кажам, динамиката на книгата е таква, но Питер Џексон не се потрудил многу да го ублажи тоа. Единствено место каде што текот на настаните зема здив е Riddles in the Dark, сцената во пештерата каде што Прстенот оди од Голум кај Билбо. На другиве им се допадна, а мене не ми беше ништо посебно.

Питер Џексон премногу се трудел филмот да го поврзе со претходните. Кадрите се кои се речиси идентични со оние во Lord of the Rings го губат сјајот после првите единаесет такви. Знаеме Питер дека ти ги режираше и дека приказната се случува во истиот свет, меѓутоа беа крајно исфорсирани. А, бев среќен кога Гилермо Дел Торо се повлече. Едноставно нема простор за да се оддалечиш од споредбите. Она што беше стварно добро пренесено е хуморот. Книгата е подетска, полабава од LotR и добро е што Питер Џексон успеал јасно да го потенцира тоа.

Она што крајно ме разочара е тоа што воопшто немам желба да го гледам пак. Веројатно следниот пат ќе биде некое маратонско гледање на сите три. Има уште за раскажување од книгата, така што еве, ќе дадам шанса да ме запрепасти следниот дел. Да не се разбереме погрешно, The Hobbit е забавен филм и солидно остварување, меѓутоа му фали магија и шарм.

А, и да. Саундтрекот на Хауард Шор е одличен.

4 comments:

Vortex said...

Разлигавен хејтер не заслужува гледање на ништо друго освен Величенствениот и Кога лисјата ќе паднат.

Бојан Николов said...

Фала Пецо. :))

silfiriel said...

се сложвам дека имаше претерано исфорсирани моменти за да потсеќа на ЛОТР. Плус приказнатае развлечена за да се направат три филма. И не изгледа така епски како што го “рекламираат“ и џуџињата се досадни.

Darko said...

1. И Рамстор го даваат.
2. Може да ти смета главата на тој што седи пред тебе. Јас седев во последниот, 15и ред и и дишев во врат на типката до мене јер не можев да го читам преводот, меѓу другото.
3. Филмот изобилува со магија и шарм бидејќи е Fantasy-Adventure. Карактерите се детски и бидејќи ги има помалку од оние во LotR (кои се неистражени) помалку време е оставено да се истражат нивните потекла, а повеќе за ујдурмите што ги прават.

Излегов од киното со став дека филмот е совршената екранизација на книгата што никогаш не сум ја прочитал.
Па сега види за кого е наменет.