Викендов конечно го гледав
Terminator Salvation, и тоа во кино. Веќе два дена се обидувам да напишам нешто за филмов и некако не ми оди ко што сакам. После неколку згужвани драфтови, саати размислување и враќање сцени од
Salvation, дојдов до следниов заклучок: Terminator Salvation е океј. Ништо повеќе, ништо помалку, но секако далеку подобар од
Terminator: Rise of the Machines.
Да, поразличен е од претходните, има CGI Шварценегер, се случува по Судниот Ден, го има Бејл... Да немаше Terminator во насловот, ќе беше совршениот
Б-филм. Интересно е тоа што конечно ја видовме војната меѓу машините и остатокот од човештвото, за која толку се зборуваше во претходните делови. Приказната не беше толку лоша, само што на моменти ми се виде премногу хаотична и тешка за следење, веројатно поради тоа што некои ужасни сцени ми го одвлекуваа вниманието што неколку минути после нив не можев да прекинам да мислам на ништо друго освен на грчевите во стомакот.
Исфорсирани акциони сцени, тон непотребни експлозии и ефекти - не прават добар филм. Го угушиле филмот со вакви глупости, а од напнатоста која беше карактеристична за првите два дела, ни трага. Покрај тоа, имаше повеќе од доволно модели на Терминатори, ко што вика еден другар, фалеше уште був Терминатор.
Ајде малку за приказната. Џон Конор е клучна фигура во Отпорот кој се бори против машините. Пораснат е со снимките на мајка му Сара Конор (гласот го позајмува Линда Хамилтон, нормално) која зборува за иднината и што треба да направи за да ги исправи работите. И тука доаѓаме до делот каде што го бара татко му, Кајл Рис (преведен како Кили; со кој памет, неписмени едни?), тинејџер кој потсеќа на младиот Џон Конор од
Т2, кој треба да го испрати во минатото за да се случи најголемиот темпорален парадокс во историјата на филмовите.
По низа настани и купишта CGI сцени со млатење роботи, доаѓаме до делот каде што се крчкаат новите T-800 машини кои верувам дека ќе бидат клучен дел од следното продолжение во 2011. Од муабетите до сега, Роберт Патрик изјавил дека сака улога во следниот дел, па баш ќе ми биде мило ако успеат да го изведат тоа некако.
Негде тука ќе завршам, со тоа што ќе кажам дека воопшто не е лош филмот, можеби е малку празен, но остава простор за да се погледне уште еднаш, и тоа во кино, зошто знаеме дека Рамстор тупат со исти филмови со месеци...