Уште се чудам како Кевин Смит успеа да го склопи оној Jay and Silent Bob Reboot од пред две-три години во толку прифатлива целина. Не беше ни отприлика меѓу неговите најдобри филмови, меѓутоа испадна сосема океј и баш некако ми ги обои тие тмурните рани каратински денови. Можеби само добро му го темпирав гледањето. Го немам гледано пак од тогаш, едвај и ги памтам деталите, ама се сеќавам дека впечатокот ми беше позитивен. Некако природно си беа легнати некои ствари во филмот, таман за да заокружи една етапа од тој View Askewniverse континуитет.
Баш заради тоа очекував дека Clerks III ќе оди во друга насока. Веќе се поздравивме и изљубивме со неговите ликови и дела во Jay and Silent Bob Reboot. По таа логика, овој пат ти доаѓа да очекуваш бар малку свежа перспектива на повозрасен Кевин Смит кој го разбира времето во кое денес живее и твори, наместо со повеќе пари да се обидува да го направи истиот филм од пред триесетина години. Clerks III е многу полошо од тоа за жал, ама не знам ни дали реално можеш да му замериш на Кевин Смит за ова. Па, ајде сега надоле без спојлери.
Види, Кевин Смит има различен однос со Clerks. Не може прецизно да види како публиката го доживува. Свесен е за успехот на филмот, за огромната орда фанови, за влијанието што го има врз генерации независни режисери и нормално е да се гордее со тоа. Никој никогаш нема да му го одземе тоа. Не ни може. Нема нешто што може да се случи да го испогани првиот Clerks, па дури ни ваквите глупави продолженија како тројката. Го сакам и Clerks II. Иако можеби има помалку важна позиција во кинематографијата на Кевин Смит, филмот лично ми го обележа преминот од средно образование кон полнолетство, дури е и тема на најраните муабети на блогов.
Си го сакам Clerks II и засекогаш ќе го бранам како таков, без разлика дали станува збор за носталгија или што и да е. Денес да го пуштиш изгледа скроз шашаво, ама ми прави да се осеќам добро. Од друга страна, Clerks III е крш. Можеби и најлошиот Кевин Смит што сум го гледал до сега. Разбирам дека оној однос на Кевин Смит со Clerks што го спомнав погоре е причината за ова и ако го следиш низ годиниве ќе видиш дека не му е до пари дојдено. Кевин Смит е полн пари, не е ова продолжение на Dumb and Dumber или Bill and Ted нарачано од студио. Едноставно сакал да го направи овој филм, само што пристапот повеќе функционира како интерни штосови на инволвираните од него отколку вистинско искрено обраќање кон публиката.
Кевин Смит обожава да зборува. Најмногу од сè сака да зборува за сам себе и фуриозно да мастурбира на сопствените слики или тоа што го претставуваат. Разбирам дека срцевиот удар што го доживеа пред неколку години му помести некои гледишта и дека таа приказна ја раскажува во секоја можна прилика што ќе му се пружи, ама кога правиш цел филм околу тоа е некако... премногу. Clerks III не е најсоодветното место за да го верглаш истото, со истите зборови. Мислам, може и да е супер доколку имаш уште нешто да кажеш освен тоа, нешто ново и интересно, ама тоа не е случај овде.
Кога Кевин Смит не ни ја раскажува истата приказна по седми пат, ни ги прераскажува сите негови филмови повторно, особено Clerks кецот. Нешто што до некоја мера го направи пред две години. Мета-дискурсот на Clerks III му овозможува и да го преправи кецот, заедно еден куп реплики, сцени и ликови. Верувам дека било презабавно на сет, сите тие луѓе да се сретнат пак после толку години и да ги снимат истите тие сцени, меѓутоа како публика сакаме повеќе. Сакаме различно. Различно како што Clerks II беше различен од Clerks. Затоа и викам дека ова е филм наменет за Кевин Смит и неговото друштво отколку за нас и нашето друштво.
Освен што е преполн со референци кон претходните филмови на Кевин Смит и речиси нема ништо ново и свежо, натрупан е и со референци кон поп култура кои тука воопшто не се ефикасни. А, како да бидат ефикасни кога денес сè што ти е достапно во мејнстрим е дел од некаква популарна супкултура и сакал или не, имаш секојдневен контакт со истото. Самиот Кевин Смит е таква икона денес, не е веќе младиот режисер што чат-пат има да каже два-три штоса за Star Wars во девеести. Никој нема да ти се воодушеви на тие референци, имаме Star Wars дома сега и повеќе од што ни треба. Не е веќе специфичниот "настран" интерес што некогаш претходно бил, па да се израдуваме што некој друг во светот го дели со нас. Заморно е.
Хуморот во Clerks III претежно се основа на рециклирани штосови од првиот. Кога ќе се обиде да направи нешто друго е комплетно неуспешен, бидејќи користи ликови како Елијас кои апсолутно никако не функционираат денес како во 2006. 2006 и тој период околу си носеше таква поглупа комедија општо секаде. Од тогаш и пораснавме и начинот на кој се прават филмовите подсозреа, а Кевин Смит изгледа упорно мисли дека и таа генерација е заглавена во времето како неговите Данте и Рендал.
Емотивните сцени што ги има низ Clerks III не функционираат воопшто. Кевин Смит можеби не пишува толку лоши љубовни дијалози како Џорџ Лукас, ама актерите кои треба да ги одглумат не се професионални актери и се приметува. Не знаев дали требаше да сочуствувам со некои од расплаканите ликови тука или дали се смеам. Clerks III во ниеден момент не успеа да ми го долови точниот тон на тие сцени. Затоа само гледав бледо и се чудев колку овие луѓе не знаат да глумат. Што е сосема во ред. Clerks кец е практично аматерски филм, ама не можеш истата таа екипа да ја влечеш низ сцени кои бараат многу повеќе актерски вештини. Не се тие виновни, ама Кевин Смит требало да знае колкав им е капацитетот додека склопувал реплики што не се препишани од неговите претходни филмови.
Жал ми е што не го исклучив филмов во првите петнаесетина минути како што сакав. Не дека е страшно, ама потрошив саат и пол за да превртувам очи. Можев да изгледам било што друго и ќе си поминев подобро. Clerks III само горчи. Го нема засладувањето што го имаше во духовно сличниот Jay and Silent Bob Reboot, а не па било какви реални траги од некогаш креативниот Кевин Смит. Ако самиот Кевин Смит мисли дека ова е достојно испраќање на сопствените ликови, тогаш супер. Треба да сме среќни за него. Публиката што вооппшто ќе дознае за филмов, догодина ќе заборави и дека постоел.
Можеби е време Кевин Смит пак да се обиде да се самоизмисли со други жанрови. Не мора да се баш анимирани серии од веќе постоечки бренд, нека е друго нешто. Не може уште долго да си ги молзи златните денови. Еве Mallrats 2 да речеме ќе има, после тоа што? Продолжение на Dogma? Нов Chasing Amy? Сите полни со референци кон филмовите на Кевин Смит од девеести и Star Wars? Почитувам што стварно сака да се зеза со старите пријатели со кои некогаш си снимал добри филмови и верувам дека му е забавно, ама мислам дека мене Clerks III ми е границата. До тука најмногу можам.
No comments:
Post a Comment