По Interstellar, Нолан се враќа со уште еден филм базиран на вистинска приказна. Dunkirk се занимава со историската евакуација на британски трупи заглавени на француските плажи за време на Втората светска војна, како и со придобивање на симпатиите на Академијата за филмски уметности и науки. Нолан можеби не нуди прецизна лекција по историја, но склопил воен спектакл што практично успева да ти го помести газот од седиштето до другиот ред во кино салата. Не знам како функционира Dunkirk надвор од кино, ама она што го доживеав вчера беше како ниедно друго гледање филм, барем во последно време.
Dunkirk нуди третман на тензичната ситуација од три перспективи, копно, вода и воздух, преку неколку ликови кои го имаат апсолутно најлошиот ден во нивниот живот. Поголемиот дел од филмот едвај има било каков дијалог, целиот наратив се потпира на маестралната музика на Ханс Цимер која постојано е во такт со она што во моментот им се случува на ликовите, со кои патем не се ни труди да ти понуди емотивно поврзување. Барем не на начин на кој си навикнат да го гледаш тоа. Некогаш е доволна само интензивна аудио подлога која ќе направи да ти се првртува стомакот секој пат кога ќе слушнеш сказалки од саат во иднина.
Толку е добро склопено што без проблем можеш да го осетиш она што и самите ликови, а претежно не се некои убави чувства. На почетокот на филмот мислев дека се работи само за долга напната сцена каде што се сите панично растрчани, па после ми се разбистри дека всушност цел филм е таков и не сопира во ниту еден момент. Веројатно сум и длабоко истрауматизран, само да почекаме уште некој ден додека да почне да ми се манифестира асално.
Oна што ме изненади, а кое не го очекував од некоја бизарно глупава причина, беше тоа што Dunkirk изгледа како Нолан филм. Не би можел истото да кажам и за Interstellar. Да не знаев кој е режисер, прво ќе ми текнеше на него. Иако филмот е концептуално различен од останатото во неговата филмографија, не е тешко да ги осетиш финтите што користи, а за кои можеби и не си бил свесен претходно. А, со оглед на тоа што Dunkirk користи аудио-визуелна основа врз која се развива, Нолан има прилика да направи и некои отстапки од неговиот стил со што можеби достигнува нов врв во неговите режисерски вештини. Верувам дека ќе фатам уште детали при второто гледање.
Значи, можело и вака да се прават воени филмови. Можеби стилот застапен во Dunkirk нема да доживее имитација, но се надевам дека барем ќе послужи како инспирација за некој следен голем блокбастер кој ќе исчекори кон ваков поекспериментален пристап. Не мора секогаш ваквите филмови да траат три дена, со ваква храбра идеја и реализација се исто ефективни и кога се помалку од два саата.
No comments:
Post a Comment