Најјако ми е ова 'Аниме на месецот' на Crapwerk. Како секој месец да се претргнувам од гледање аниме серии, па сега ја издвојувам најдобрата. Можеби е крајно време да почнам да ги формулирам насловите посоодветно, пример, 'Аниме на последните две-три години' или нештo, зошто во последно време ретко доаѓам до аниме што ќе ми го задржи вниманието повеќе од неколку епизоди. Kabaneri of the Iron Fortress (Kōtetsujō no Kabaneri) успеа. Ми сервираше дванаесет епизоди што ги сркнав на два пати.
Има неколку работи што ги барам кај моето аниме, покрај очигледната нели, да има оргинална приказна. Не мора да се секогаш во ист пакет, ама сакам кога ќе ме затекне со помрачна нијанса и некаков сив морален контекст. Малку да ме растревожи. Другата опција е да е само чиста лесна забава, бонус ако има џиновски роботи, ама да се повеќе од реклама за играчки. Некогаш потребите и ќе ми се искомбинираат како со Neon Genesis Evangelion или Bokurano. Третото се секако филмовите на Ghibli студиото, кога покрај другото, сакам да си ја стоплам душата или да ми пораснат јајници.
Kabaneri го исполнува оној критериум на забавно, акционо аниме. Нема големи идеи што ќе ти натежнат врз следните денови откако ќе завршиш со гледање, не индуцира егзистенцијални тегоби. Едноставно успева да биде кул. Зомби приказна сместена за време на индустриската револуција, каде што група преживеани од вирусот што ги претвора луѓето во чудовишта наречени Кабане, се обидува да најде раат во тврдини поврзани со железница. Практично, целото дејствие е сместено на oгромен воз кој се обидува да стигне до една таква тврдина.
За да биде приказната нешто повеќе од класична зомби инвазија, постојат и ликови што серијата ги нарекува Кабанери, кои се имуни на вирусот и се еден од главните адути во борбата против тие со чија крв се извалкани армираните возови. Некои работи како режијата, преубавата анимација, кореографијата на битките и општо целиот стимпанк амбиент се толку добро изведени, што пристојно компензираат за главните ликови на кои пак им фали по некој слој за да се попривлечни. Океј сум и со финалето, кое приметив дека безобразно се плука во кружните отаку мастурбации.
Си кликнавме со Kabaneri. Не знаев за што точно да се спремам, ама сум презадоволен од тоа што го добив. Темпото на почетокот е толку брзо, што од возбуда нема ни да приметиш дека си веќе до пола. А, тимот зад серијата веќе има изградено име и репутација, верувам дека точно знаеле што сакаат да постигнат, без разлика што многумина се разочарани. Тетсуро Араки позади себе ги има мојата засекогаш омилена Death Note, Highschool of the Dead, Attack on Titan и еден куп други од кои барем една епизода имам изгледано.
Со оглед на тоа што е неферски споредувано со Attack on Titan и публиката некако е поделена, па и негативно расположена, не знам каква е иднината на Kabaneri. Дванаесетте епизоди ми летнаа пребргу, сакав да видам повеќе од светот што го создава. Најавено е нешто ново за 2018, но во моментов нема информација дали ќе биде втора сезона или само долгометражен филм. Што и да прават, сакам да е со нови ликови, фино би било да се понуди ситуацијата во Kabaneri од друга перспектива.
No comments:
Post a Comment