Чим сум седнал да пишувам за наслови од кобниот DC Rebirth, тоа значи дека работите таму конечно почнале да се менуваат кон подобро. Не сите, ама барем оние што најмногу ме разочараа. А, кога посветувам пост на Batman наслов, убедливо најлошиот серијал од "преродбава" на DC, треба да е јасно дека Том Кинг успеал да го заслужи тоа и за момент да ми ја врати довербата. Првите два арка со Готам и Monster Men беа катастрофални. Да ги платев на хартија, веројатно ќе си го имав пресечено гркланот со рабовите до сега.
I Am Suicide е различен арк. Заврши минатиот месец и ги опфаќа броевите #09-#13, со што дел од приказната се пренесува и во последниот, 14-ти број, меѓутоа тоа не е толку важно сега. Исто како што приказната во овие пет броеви суптилно се обидува да се врзе со тековниот Justice League VS Suicide Squad кросовер настан, или барем да го најави. Не знам што се случува таму ни кога хронолошки е почнато, а и не планирам да дознаам во скоро време. Важното е дека Бетмен заминува на мисија по барање на Аманда Волер, на која составува тим сличен на Суисајд Сквод за да "се види" со Бејн.
Претежно акциона приказна, но со тон кој најпосле навлегува во суштината на Бетмен, онака како што недостасуваше во целово Rebirth срање. Си го сакам мојот Бетмен интроспективен, ја сакам неговата динамика со ликови како Кетвоман кои му го оплеменуваат карактерот и методите, а Том Кинг во I Am Suicide одлично го третира тоа. Но, наместо внатрешните монолози на Бетмен како чест метод преку кој гледаш што се случува со човекот во костим на џиновски лилјак, Кинг овде користи писма кои ги разменуваат Брус Вејн и Селина.
Иако претежно на различната страна на делување, Бетмен и Кетвоман не се толку различни. Том Кинг итро ги потенцира оние точки каде што се допираат и зошто нивната полу-функционална врска е толку моќна и како успева да се протне и со поромантичен тон. Брус ги преиспитува неговите методи, ги гледа од перспектива на неговите родители кои веројатно само би се смееле доколку чујат за возрасен маж кој се облекува како лилјак и мисли дека ако доволно силно удри во криминалот, ќе го уништи засекогаш.
Сите знаеме зошто Бетмен е Бетмен, но Кинг нуди една перспектива која не сум ја сретнал до сега. Нешто за кое Брус верува дека само Селина може да го види и разбере и барем за кратко двајцата да ја занемарат дуалноста. Освен тоа, Кинг го продлабочува и светот на малиот Брус Вејн, за кој првпат дознавам дека имал обид за самоубиство по смртта на неговите родители. Паралелно со интимната нарација, во I Am Suicide се одвива и брутална акција која е раскажана речиси без зборови. Цртежите на Микел Јанин се живописни, детални и често користи и по две страни за една сцена. Кобинацијата на две приказни кои се движат со различен вид на нарација е совршена, правејќи го аркот еден од најдобрите до сега од досадниот DC Rebirth.
Улогата на Бејн е повеќе површна отколку што очекував, но очигледно е дека главниот столб се Брус и Селина. Секако, присутни се елементи директно повикани од Knightfall, меѓутоа претежно за Бетмен да може да се присети на уште едно трауматско искуство од неговото минато. Фокусот е сосема друг, освен ако нешто пропуштам, а го има во Justice League VS Suicide Squad. Сепак, кога ќе го погледнам #14 и она што веројатно ме чека во следните броеви, јасно е што била целта и ете, постигната е. Едвај чекам I Am Suicide да биде собрано во колекција. Доволно е вредно за да се поседува на хартија.
Види такоѓе:
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment