Не знам како уште имам сила намерно да си го изложувам спокојот на глупости. Особено оние што се во телевизиски облик и се викаат Supergirl. Да речеме дека CW први почнаа овој пат, со тоа што зададоа удар директно во моето уживање во лесна поп култура, уфрлајќи некој нов Супермен од задна врата во нивното купче суперхеројски серии. И, покрај тоа што светот моментално има Супермен, ти се свиѓал тебе или не. Се вика Хенри Кавил. Да, знам, ама не можеш како ќе ти текне да земеш таков иконски лик и да го ставиш каде год. Не функционира така тоа.
Пробав да си склопам некоја груба слика за Supergirl серијата со читање кратка содржина на епизодите, зошто освен пилотот и епизодата со Флеш немам гледано ништо. Очигледно, адаптираат некои елементи од Супермен стрипови, нешто слично како што се случува во The Flash, дури имало и епизода што позајмува од For the Man Who Has Everything на Алан Мур. Еве, не знам. Што да кажам без да превртам очи. Од сезонава, Supergirl се префрли на CW каде што се The Flash, Arrow и тоа другото, ама затоа што се глупи, нема да го дели универзумот со овие серии. Но, затоа, некој некаде решил дека Супермен ќе биде забавен додаток, зошто нели, серијата тоне со рејтингот па им треба друг сирак од Криптон да го поткрене малку.
И, да. Ете го Супермен, братучедот на секогаш насмасната и неупатена Супергрл, слета во кој и да е градот каде што се одвива дејството. Од Метрополис доаѓа директно во серија за која уште не сум сигурен каква точно публика таргетира. Стварно не би сакал да кажам тинејџерки и климактерични тетки несреќни во животот и љубовта, ама некогаш етикетите сами си се лепат. Кастингот на Супермен е промашен. Верувам дека Тајлер Хоучлин или како и да се презива е океј актер. Само што не е Супермен. Дури помалку Супермен од Дин Кејн и некој рендом лик со "С" маица. Дозволи да објаснам зошто.
Супермен треба да изгледа импозантно, авторитетно, да биде шармантен и харизматичен. Не мамурно како дојден на работа во понеделник, а почнал да пие во четвртокот. Кларк Кент исто така треба да изгледа пристојно, а не како сексуален престапник. Кривицата најмалку треба да се бара од Хоучлин. Со некое поквалитетно сценарио што не го пишувале шимпанза, можеби и му се вади актерскиот потенцијал, не знам. За стап по прсти се тие што одлучиле дека е конечен избор на кастингот. Дебелиот, покварен Кристофер Рив, што дрма виски во Superman III е бог за овој.
Приказната е уште потажна. Во обид да дојде Супермен до израз, ја има и сестра му на Лекс Лутор, со можеби... мал глупав незначаен пресврт? Не знам, го пропуштив тој дел изгледа, го галев постерот од Хенри Кавил. Присуството на Супермен е исфорсирано од самиот почеток. Од причината поради која се појави, до оние три реда муабет што ги прави со Пери по телефон. Јасно ми е дека ќе биде само гостин во неколку епизоди, баш заради тоа можеле да се потрудат да го направат целото доживување поспецијално. Јасно ми е и дека серијата е шкарт, ама ако веќе го носиш Супермен да ја поправиш, барем нека биде добар.
Доколку им бил потребен ваков весел, лабав Супермен и тоа е промашено. Зошто Хоучлин не е Кристофер Риф, а зошто сме 2016 не можеш ни како Дин Кејн да го направиш. Кавил можеби е во мрачна територија и неговиот Супермен веќе не знае што со себе, но во Batman v Superman е сосема пријатен како Кларк Кент во тие дваесетина секунди колку што го има. Дури и се смее еднаш или два пати и тоа е поефективно од овој сосила дружељубив Супермен на Хоучлин.
Го има и Маршан Менхантер во серијата инаку. Не знам како. Ете го има. Друга тема е тоа. Разменуваат неколку реченици со Супермен, очигледно дека се знаат, веројатно тоа беше некаков хинт за еден од составите на Џастис Лиг, а гледам ако продолжат вака, ништо чудно да добиеме некоја телевизиска варијанта на тимот. Ако нели, воопшто постои нешто друго освен The Flash на CW догодина.
Го има и Маршан Менхантер во серијата инаку. Не знам како. Ете го има. Друга тема е тоа. Разменуваат неколку реченици со Супермен, очигледно дека се знаат, веројатно тоа беше некаков хинт за еден од составите на Џастис Лиг, а гледам ако продолжат вака, ништо чудно да добиеме некоја телевизиска варијанта на тимот. Ако нели, воопшто постои нешто друго освен The Flash на CW догодина.
4 comments:
cekame recenzija za krypton :D
ja bi ja ocenil 8/10
Уф, тешко да глеам Krypton. :)
ja posle 3 epizodi se uhodav. Ubavo e obrabotena mitologijata na supermen.
samo daredevil punisher i ova gleam poso mi se vrzani epizodite. ne mozam flash da go gleam so 22 epizodi rascepkani ili arrow hh
Cekam da vidam so kje bide od DC universe streaming seriite
i marvel najavija nesto slicno vo idnina :)
a da i Watchmen se ceka na hbo na damon lindelof
Post a Comment