October 8, 2016

Музичка плејлиста за 2016 (втор дел)

Нов месец, нови албуми и секако изговор за уште една збирка од мојата плејлиста. Некои излегоа во текот на годинава, а ми требаше време да ги испроцесирам, други во периодот што помина од претходниот пат кога се занимавав со оваа тема. За разлика од првиот дел на "Музичката плејлиста за 2016", од сега ќе вклучувам и некои албуми кои само поминаа низ звучници без долго да се задржат таму. Давам повеќе шанси на сè што барем малку ќе зазвучи интересно.

Жанровски, пак се трудев да биде шарено, па затоа некои изданија ќе почекаат до следните вакви листи кои делумно успеав да ги склопам и ќе ги објавам наскоро. Годината уште не е завршена, музиката не сопира, така што ќе имам уште многу ново за преслушување.



Оваа плодна 2016 за драм ен бејз жанрот ми почна баш со овој албум. Две години од неговиот деби албум, Keeno докажа дека уште има енергија и интегритет (за разлика од Netsky, на пример) за создавање на музика која (ќе) му обезбеди легендарен статус на сцената. Futurist гради врз звукот кој беше воспоставен со Life Cycle. Веќе нема простор да бидеш изненаден од тоа што умее да го прави, единствено можеш да забележиш дека талентот е стегнато негуван во изминатите две години.

Futurist е за нијанса повесел  и подинамичен од претходниот, но во никој случај не е изоставена меланхолијата која Keeno толку добро ја преточува во звук и е причината поради која го сакам и него и ликвид жанрот. Заедно со новите албуми на Logistics и Technimatic, ова е најдоброто нешто што оваа година драм ен бејз сцената го стави во мојата плејлиста за вечерно мекнеење.

Слушни: "Lifeline (ft. Oscar Corney)", "Futurism" и "Eos"



 Токен го привлече вниманието на светот уште лани со "No Sucka MCs Contest". На 17 години израпува подобро од некои што се со кариери колку неговата возраст. Минатиот месец го прослави полнолетството со првиот сериозен микстејп. Во главно е добар, има сериозен талент и вештина, меѓутоа славата што толку бргу ја стекна, ја претвори во ароганција која е својствена за неговите постари колеги, па Eraser Shavings тематски најмногу страда од тоа. 

Нема потреба од дополнително курчење и докажување, особено кога веќе знаеш да раскажуваш лични и емотивни приказни. Таквите најмногу му лежат на Токен, дури и кога станува збор за некои бели тинејџерски проблеми и догодштини. Има што да каже. Но, мала скромност не е на одмет, глеј на Lil Dicky како добро му успева тоа. Токен дефинитивно има кариера пред себе, но ако не го искористи моментумот попаметно, ќе остане заборавен како уште еден рапер што се курчел на други рапери. А, такви има повеќе од доволно.

Слушни: Цел Eraser Shavings е достапен бесплатно на неговиот официјален сајт



Некогаш ми треба лабава музика за работа, читање или пишување. Нешто што нема да ме дефокусира, а ќе биде повеќе од обичен звук што излегува од звучниците или слушалките. Кога не посегнувам по Bonobo, Emancipator, Little People или некој амбиент без битови, го слушам првиот албум на Tor, Drum Therapy

Blue Book излезе баш кога ми беше потребно нешто ново вакво. Албумот испадна толку добар што воопшто не мораш да го користиш "наменски". Доволно е само да легнеш удобно и да се изгубиш во убавина. Тогаш ќе приметиш колку е Tor сериозно напреднат и дека овој албум можеби и го надминува вонвременскиот Drum Therapy.

Слушни: "Two Suns", "Sunyata" и "Days Gone".



Упорно не ми е јасно како и покрај талентот за пишување текстови, компонирање и пеење, сестрата упорно е потценета сите овие години. Можеби треба да престане да си ги продава песните на Ријана. Затоа и се радував за Natural Causes. Добро, и за првите зборови на Еминем оваа година, кој единствен гостин на албумот, а се појавува и како продуцент. 

Natural Causes е океј поп албум. За жал, некогаш преголемата мешавина на стилови го прави да звучи како позадинска музика. Во еден момент е Лана Дел Реј, во следниот се обидува да биде Бијонсе. Некогаш дури се обидува и да рапува. Со секое наредно слушање се осеќа каде се стварите кои се тука за да ја пополнат минутажата, меѓутоа балансот го воспоставува секогаш кога успешно ќе ја погоди целта. Можеби не од почеток до крај, ама важно го испорачува квалитетот што го очекував. Отприлика.




Види, Everythinks A Ripple од 2009 ми е еден од омилените албуми воопшто. Феноменалната комбинација на битбокс, рап, реге, даб и џангоидни жанрови беше свежа и елегантно изведена, речиси беспрекорно. Така ни кликна на сите албумот, веројатно бевме помлади, посреќни и повеќе се дрогиравме, не знам. Со секое наредно издание од тогаш, Dub Fx ја користи истата формула која веќе е досадна и репетитивна.  

Thinking Clear не само што не нуди ништо ново, туку и тоа што го има е некако суво и неинспирирано. Албумот ми звучеше добро првиот пат, можеби зошто долго време немав слушано ништо освен тие редовните од 2009. Со секој нареден се обидував само безуспешно да го засакам. Од вкупно 11 песни, единствено две ми легнаа. Има музичари кои се забавни и кога немаат видлив прогрес, а Dub Fx очигледно не е еден од нив.

No comments: