October 6, 2016

Пак гледам Флеш

Од "дајте ми електролити, ме пребледе ова" пред некој месец, стигнав да ги бројам деновите до почетокот на третата сезона на The Flash. Да, до таму е стигната мојата љубов кон серијата. Дури скришно ја изгледав и епизодата на срањено Supergirl кај што гостува Бери, зошто паузата меѓу сезониве практично почна да ме убива. Трејлерите што го најавуваа Flashpoint како основа за новата сезона не помогнаа времето побргу да пројде. Сега ќе треба да чекам и цела недела за нова епизода. Прекрасно, зар не?

Трета сезона е Флешпоинт. Барем така ја нарекуваат алтернативната реалност што Бери ја создаде во финалето на втората, иако има големи разлики со стрипот. Не очекував да следи страница по страница, секако, исто како и да ги нема останатите суперхерои кои се дел од оргиналната приказна, меѓутоа првата епизода ветува дека и оваа адаптација ќе биде забавна. Комплетно е во духот на серијата и го следи сето она кое беше елегантно обликувано минатите две сезони. Задоволен сум со ова, ама би бил пресреќен и со Томас Вејн како Бетмен епизода. 


До сега The Flash докажа дека нема граници кои може да ја запрат приказната, воведувањето на мултиверзумот беше смел потег, па верувам дека е сосема возможно подлабоко да згазне во оргиналниот Флешпоинт. Почеткот ветува дека продуцентите се спремни да се справат со емотивниот аспект на стрипот. Колку и влогот да е преголем, фино беше конечно да го видиш Бери среќен на начин на кој што некогаш бил и веројатно нема да биде повторно. Веројатно си ги заслужи тие неколку месеци, со оглед на неговата пожртвуваност, колку и да беше себично. 

Но, цената изгледа, за жал ја плати два пати, барем според крајот на првата епизода. Тоа е тоа што ќе биде занимливо за гледање сезонава. Форматот од претходните добива нова, возбудлива димензија, баш во време кога истиот може да стане досаден во серии во ваков концепт. Од тоа страдеше и почетокот на првата сезона, ама изгледа ја најдоа формулата кој ќе ги освежи стварите кога можеби е најпотребно.

Во промо трејлерите го имаше и Џеј Герик како Флеш, со тоа што сега ќе бидат три Флешови сосе Воли Вест сега. Ако нели, одлучат да го задржат и понатаму, но не гледам зошто да не. Ова отвара нови прилики за обединување на повеќе Флеш универзуми и едвај чекам да видам како ќе го изведат тоа. Со ова што (ќе) се случува сега, шансите да затупи се минимални. Се надевам дека не грешам.

No comments: