Не би знаел. Зошто Overwatch не стигнав да ја играм кога беше во бесплатна бета, а не е нешто за кое би платил. Верувам дека е добра, ама ваков тип на арена шутери премногу лабаво го конзумирам последниве години. Затоа е тука Paladins, бесплатната "варијанта" која ја покажуваат со прст како копија на новата игра на Blizzard. Не знам кои се заедничите работи на двете игри, освен тоа што се шутери и се со слична еститка, но поддржувачите на Overwatch тврдат дека и некои од хероите се... ископирани. Но, нема да навлегувам во оргиналноста на Overwatch сега, имам време само за Paladins.
Значи, Paladins е арена шутер во прво лице, шарен, брутален, бесплатен и моментално во бета. Има 17 херои со различни оружја, способности и улоги, неколку мапи каде што можеш да се исереш врз постоењето на противничкиот тим и два мода на игра, од кои едниот го додадоа баш деновиве кога почнав. Тимовите се по пет играчи, кои пожелно да е да соработуваат меѓусебно зошто Paladins најмногу се потпира на тимскa соработка.
Во Siege модот, треба да освоиш точка на мапата од која вагон тргнува кон непријателската база. Непријателскиот тим треба да го спречи вагонот кој се придвижува само доколку има живи играчи од тимот кој ја освоил точката и да гледа на тајмерот додека пука во шаренила што скокаат околу. Поените се добиваат кога ќе успееш да завземеш точка, го однесеш или го спречиш вагонот, ако другите го собрале први. Со оглед на тие неколку начини на поентирање и краткиот тајмер за кој се убивате меѓусебно, партиите може да траат од пет до петнаесет минути.
Другиот мод, Payload е со истиот вагон. Партијата е поделена на две етапи, каде што во едната тимот од сопствената база треба да го однесе вагонот кај душманите, а во другата треба да го спречи. Ова е тоа што го додадоа сега пред некој ден, исто како и еден нов херој и ситни подобрувања на интерфејсот, па се надевам дека во скоро време Paladins ќе добие и класичен Deathmatch мод. Интересни се и двата мода, само што очајно ми фали нешто каде што ќе можам само да пукам без да се грижам дали мојот тим воопшто разбира што треба да прави со вагонот.
Што се однесува до хероите, ги играм претежно оние што се фокусирани на ефикасно убивање противници. Има и support херои, меѓутоа исто како и во вистинскиот живот, не сум некој на кој што можеш да се потпреш, па затоа не ги играм. Сакам да пукам од високо со снајпер или да изгинам во прв ред. Покрај тоа што секој херој е уникатен, има еден забавен систем со карти што ги собираш и можеш да му ги менуваш или појачуваш способностите, како не би бил идентичен со истиот тој херој кога ќе се најде и во противничкиот тим. А, во самата партија има и некои други работи што можеш да ги купуваш за херојот и веројатно треба да си паметен што ќе избереш.
Играта е целосно бесплатна и вреди да се проба. Половина од хероите се исто бесплатни, нема неделни ротации како во League of Legends на пример, туку си ги отклучуваш другите со валута што брзо се собира со секоја партија. Или со вистински пари. Нормално, продаваат и скинови за вистински пари, што е сосема фер и кул. Paladins ќе го задржи овој модел и после бетата. Ми фалеше ваква игра после Loadout, и се надевам дека луѓево што ја прават ќе успеат да ја истуркаат подалеку. Неколку партии неделно се супер лек за висок крвен притисок.
No comments:
Post a Comment