September 24, 2016

Втората сезона и иднината на Mr. Robot

Веќе неколку денови не можам да престанам да размислувам за втората сезона на Mr. Robot, а особено тоа што Сем Есмаил го приреди со финалето. За тоа каде почна сето ова, правецот во кој евентуално ќе се движи во иднина и сите оние случувања по пат кои ги поткопаа правилата на телевизискиот наратив. Кога имаш неверодостојна нарација манифестирана преку менталната нестабилност на главниот лик и делумно го инволвираш гледачот со тоа што потпираш одредени работи на неговата перспектива, теренот за раскажување на приказна станува поопширен за секакви егзибиции. Поради ова уживав во сезоната, но истото е и мала причина за да бидам загрижен за она што ќе се случува следно. Секако, надолу следуваат ситни спојлери. 


Втората сезона тргна бавно. За разлика од првата, никогаш немаше една голема приказна, дури до самиот крај. Иако темпото имаше таква динамика, во никој случај не беше мирна пловиба. Почетокот беше претежно фокусиран на Елиот и неговото соочување со пресвртот од првата сезона. Сериозноста на неговата психичка состојба, борбата за превласт на идентитет и стремежот за воспоставување на контрола и возможноста на истата. Цената која Сем Есмаил ја плаќа за да ја истражува оваа територија, а и ти како публика, се сите оние прашања кои веројатно ќе останат неодговорени до следната сезона. 

Сепак, верувам дека овој поинаков концепт е намерно тука, исто како и точките кои ги повлекуваше со првата. Во ниту еден момент не се чувствуваше дека нешто е измислувано по пат, туку дека целото ова е само мостот кој ќе не одведе до следниот чин. Тука и доаѓа мојата загриженост. Сем Есмаил има сфатено дека пресвртите кои ги сервира функционираат. Првата сезона имаше таков. Втората на средина, успеа апсолутно да го надмине и да те остави без сон. Ги прегледав пак сите епизоди кои водеа до тоа откритие во седмата епизода и не можам да престанам да се воодушевувам на генијалноста. Но, финалето повторно најде простор за голем пресврт, за се запрашаш дали е ова тоа што ќе стане Mr. Robot во иднина.

Доколку Есмаил продолжи да ја базира приказната на вакви "трикови", ќе стане заморно. Очигледно е дека може да го потоне Елиот во уште поголема психичка бездна, но колку многу е доволно? Во исто време, можностите и начините за раскажување на приказни стануваат поголеми, меѓутоа во еден момент нема повеќе да може да ја издржи сопствената тежина. Затоа се надевам дека пред тој евентуален колапс, Есмаил ќе знае да трасира нова рута за расплетот. Поголем заплет од овој кој сега е присутен, не е возможен. Читам теории деновиве, сосема луди, дека во следната сезона серијата ќе добие и СФ елемент. Ако стварно се случи тоа, кажи му збогум на целиот кредибилитет граден овие две години. 

Затоа се надевам дека третата сезона е вистинското финале. Границите веќе се доволно разрушени, сериозно не гледам потреба за ново екстремно поигрување, па и синхронизирање со очекувањата на публиката. Веќе бевме неколку пати прелажани и не знам дали некој би простил пак. Сега веќе влогот е ризичен и полеа почнува да прети на нешто што го сметам на најдоброто и најуникатно парче во поновата телевизиска историја. Да. Само што го реков тоа. Си го потврдив и со прегледување на првата сезона. А, оваа на моменти правеше Breaking Bad да ми личи на ситком.

No comments: