September 15, 2016

Се возбудив за Kong: Skull Island

Колку интензивно го доживеав трејлерот за новиот Кинг Конг. Со крици и удирање во гради. Да, изгледа како и секој друг трејлер за непотребен блокбастерски римејк и можеби оваа состојба на бурна возбуда ќе ме напушти до март 2017, но ќе се потрудам да бидам отворен и со надеж дека нема да нè намајмунчи сите со неквалитет. На крајот па, какви големи очекувања можеш да си создадеш за филм со џиновски примат што има чудна наклоност кон човечки женки со плава боја на коса?

Освен тоа, Кинг Конг се има повеќе пати појавувано на филм. Од оргиналот во 1933, чијшто статус е одговорен зошто во 2016 уште може да се зборува на темава, преку јапонското студио зад Годзила филмовите, римејкот и продолжението со Џеф Бриџиз и Линда Хамилтон од пред четириестина години, до оној на Питер Џексон од 2005 со тогаш благо-релевантниот Џек Блек и млада Наоми Вотс.


Всушност, King Kong на Питер Џексон е единствениот римејк кој е толку блиску до оргиналниот. Дури и ликовите ги имаат истите имиња. Го изгледав пак, долгата верзија од 200 минути, без да заспијам, наспроти последните гледања кога сум го гасел или сум го фаќал некаде од пола. Питер Џексон уште во 90-ти бил договорен да снима Кинг Конг филм, ете, некако студиото ја ценело неговата опсесија со оргиналот и му дозволиле да прави што сака. Резултатот можеби не е совршен, но секако е забавен. Барем поголем дел од времето.

Главниот проблем не е должината со која веројатно мислел дека филмот ќе добие некаква "епска" димензија, туку што на моменти изгледа како обичен акционен Кинг Конг филм искомбиниран со сцени од нискобуџетен мокбастер скрпен за викенд во студиото на The Asylum. Не само што финансиите за специјалните ефекти отишле само за Конг и останатите џиновски суштества на Островот изгледаат како Шаркнадо, туку изгледа и сценариото е петнаесетина страни како она на ликот што го глуми Адриен Броди. 

Освен во сцената кога Конг ја брани потресената Наоми Вотс од Тираносауруси, не знам за кого да навивам во филмот. Дали за Конг што го тероризира локалното племе кое му принесува жртви? За Наоми Вотс која развива Стокхолмски синдром и повеќе се грижи за голем смрдлив мајмун што веројатно има вошки големи колку куче отколку за екипажот луѓе што буквално изгина за да ја спаси? За Џек Блек за кој не сум сигурен дали е добронамерен или тајно работи за свои цели? Во Годзила филмови навивам за Годзила. Во случајов бев збунет, ама се забавував цели три саати.

Можеби Kong: Skull Island ќе ги надмине овие ствари. Секако очекувам и тука суптилна бестијална романса помеѓу Бри Ларсон и Конг, очигледно не може да бидеме поштедени од некои концепти, меѓутоа се надевам дека нема да има сцена каде што се лизга со Конг на замрзнато езеро во Њујорк за Божиќ. Слушаш Питер Џексон? На никој не му пречат Сем и Фродо, ама мотивите на Наоми Вотс се крајно дискутабилни. Што имаше Конг што немаше Адриен Броди? Океј, не сакам да знам.

Она што е исто така занимливо за Kong: Skull Island е што го прави истото студио зад американскиот Godzilla римејк од 2014 и ќе го делат универзумот. Да, колку и да е силен удар по јапонското културно наследство, во 2020 ќе има филм Godzilla vs Kong. Toho веќе имаат таков филм oд 1962 и баш би сакал да видам обновена верзија на тоа. Макар и американска продукција. Фали уште еден Pacific Rim и да почнеме да се спремаме за нов мејнстрим тренд со џиновски чудовишта што конечно ќе ги замамени суперхероите или рано е?

No comments: