December 17, 2015

Ден по Ѕtаr Wаrs: Тhе Fоrcе Аwаkеnѕ

Пред почетокот на полноќната премиера, возбудата целосно ми беше спласната до степен што веќе бев седнат во кино со некаков килав "дај нека помине" мајндсет. Не помогна ни целиот квази-религиозен Star Wars циркуз што се случуваше околу мене деновите претходно, а и самата вечер, нешто што на крајот го прифатив како позитивен сигнал за моите очекувања. Сепак, целата моја рамнодушност беше прегазена и заменета со детска насмевка во моментот кога логото блесна на платното и се слушнаа првите ноти од музиката на Џон Вилијамс. До првата сцена, вибрациите во коленава веќе се осеќаа и во редот пред мене. Си помислив, дали е возможно овој вештачки оплоден Star Wars на Абрамс и Дизни да испадне навистина добар? Да те поштедам од бавното доаѓање до крајниот заклучок - да. The Force Awakens е супер, без оглед на тоа што штофот со кој е скроен е одамна износен и ти е добро познат. Но, нели ако со години стоел одлично нема да биде проблем да се преправи за уште една цифра на долари која можеби и не можеш да ја изговориш од прва? И да, и не.


Како што зборувам години наназад, овојпат должноста да се направи Star Wars не е во рацете на збунет мегаломан. Има огромен тим кој знае што ќе ти стави насмевка и солза на лицето, ти ги познава слабостите и е спремен бесмислосно да ти зададе удар во носталгијата кој потешко ќе го избегнеш. Затоа и не е чудно што поголемиот дел од филмот е возење низ сè она што е оргиналната трилогија, поткрепено со свежина во визуелниот дел и делумна модификација на познати детали кои во суштина се само емулација на она што речиси четириесет година совршено функционира. Сè што содржи светата трилогија, особено A New Hope, ќе го најдеш и тука во некоја индустриски нашминкана форма. Низ цел филм се препознаваат таквите финти што во еден момент само чекав новите темели да попуштат и да тресне покривот. Најлабавиот опис е римејк. Не во онаа традиционална смисла, малку позавиен, но сепак јасно препознатлив. Вистинскиот благослов тука е што Хан и Чуи се повторно во акција, која и покрај годините на ликовите и актерите, успеваат да бидат исклучително кул до самиот крај.

Фановите ќе бидат задоволни, ќе им се допадне и на тие кои немале многу средби со Star Wars. Абрамс и Дизни се свесни што ќе запали  кај двете групи и се трудат услугата да биде поеднакво задоволителна и фер. Ова го сакаше? Еве ти го. Спектакуларно, забавно, па дури има и срце кое силно чука под исполираната хауба. Можеби ќе ми треба уште едно гледање и плус некој ден вртење во кревет и размислување за што навистина функционира, а што не, но и првиот впечаток е некогаш битен, нели. Ако ти служи како утеха, новата трилогија ја гужва и ја става директно во газот ушите на Џар Џар Бинкс. Очекувањата дека ќе биде таков каков што си кенкал дека сакаш да е, веројатно ќе ти бидат исполнети. Што се однесува до спојлерите и гласините, добар дел од тие што ги прочитав изминативе месеци, па дури и  години, ги има. Имав доволно време да прифатам некои од нив, но мислам некои ствари кои ме затекнаа неспремен ќе треба допрва да почнам да ги дигестирам. 

Сакам да кажам дека едвај чекам на Episode VIII, само што во моментов не се осеќам така. Да оставиме ова убаво да легне пред да си ги превртиме очите во транс. Новите ликови беа присутни наоколу долго пред да ти се пикнат под кожа, меѓутоа дај им време да отстојат малку и да осетиш колку ќе ти биде удобно со нив. Не заборавај дека и The Phantom Menace делуваше импресивно првите десет гледања.

1 comment:

Anonymous said...

да, филмот е финиш оф на старите ликој и отварање простор за нови ствари, ликој, акции итн итн.. без товарот да се, да личат на некој и да го носат многугодишнио товар на многупознатите ликој и заедно со то, пресметвањата на секаквите очекувања од разноразните фаној - шо е мн добар потег. во та смисла, можи да се наречи и еден вид долг трејлер кој уствари наговестува за идните епизоди кај шо би било супер да видиме новини и свежина од универзумот... Ч)