Последното нешто што го очекував на MMORPG полето во 2025 е дека RIFT ќе направи некаков камбек. Најпозитивното изненадување во оваа исклучително турбулентна година за жанрот. New World доби нова огромна експанзија со која конечно изгледаше дека ќе фати стабилен правец, за неколку дена покасно да објават дека студиото се гаси и играта ќе ги држи серверите отворени уште во 2026. Како последица на ова, веројатно нема да го видиме ни новото Lord of the Rings MMO.
Другиот голем шок е одлукатa на Ashes of Creation за early access на Стим, што веројатно трајно ќе ја закопа играта. И после толку години тегавење е eдвај во игрива состојба, ама изгледа конечно Стивен Шариф ги спичка парите и пробува да собере колку може од тие неколку што уште веруваат дека ова не беше обична превара.
Јако ми е што RIFT и покрај годините без нова содржина, уште е тука за на секој сандак да фрли земја. Одамна не сум активен рифташ, ама обавезно еднаш годишно ја пуштам да се промафтам неколку саати, да се поздравам и свртам два-три реда муабет со луѓето што се уште таму од добрите денови и ја одржуваат во живот. Не се останати многу, ама очигледно прават доволно профит за Gamigo да не им стави клуч на виртуелниот дом. Играта така и опстојува во лимбо. Единствено ново во последните седум години се некои козметики и глупости што се плаќаат со вистински пари.
Пред нешто повеќе од месец, мала
група играчи се организираа со идеја да почнат тазе на официјален постоечки сервер, да левелираат низ оригиналната содржина пред експанзиите и практично да го играат тогашниот ендгејм. Иако бев многу скептичен околу ова, лудо е колку голем замав зема. Гилдот за "свежи карактери" во моментов има повеќе од 2000 и над 100 луѓе онлајн во секој дел од денот. Незамисливо беше до пред некој месец да дојдеш во
RIFT како нов играч и да пробаш да се левелираш низ данџни или било каква инстанцирана содржина. Немаше жив човек за таква група. Сега само кликаш и во било кој момент играш што сакаш.
Неверојатно е. Мислев дека моето традиционално годишно рифтање заврши на почетокот на годинава, ама еве ме назад со нов карактер и трчам низ Телара како да е пак 2011. Бев на места заборавени со години. Има народ насекаде, во секоја зона, бројката е огромна и секојдневно расте. Дури и староседелците на серверот се изненадени од тоа како им живна околината. Иако повеќето ја играат преку официјалниот клиент, RIFT ја има и на Стим, а таму бројките од едвај сто луѓе дневно, месецов стигнуваат и над 500. За игра стара петнаесет години која нема ништо ново барем пола од постоењето, ова е прејако. Покрај ова, многу од некогашните водичи и туторијали се имаат изгубено од интернет, па некои
работи повторно се откриваат и од стари и нови играчи, ко сега тазе да е излезена.
RIFT е од оние MMORPG наслови кои се дизајнирани да се играат со луѓе. Има огромен динамичен отворен свет, кој во постојано има ивенти наменети за повеќе играчи. Се појави додека
World of Warcraft од врвот спаѓаше на
Cataclysm, дрско ја предизвикуваше со незаборавниот
"We're not in Azeroth anymore" маркетинг и во еден момент неверојатно блиску ѝ се доближи. Имав и некоја среќа да ја фатам ептен на почетокот, уште од
бетата во декември 2010. Не постои
WoW клон што толку добро успеа да ги долови најдобрите работи што играта ги имаше до
Wrath of the Lich King и врз нив да гради со уникатни концепти кои до ден денес не се надминати во ниедна друга игра од жанрот.
Во RIFT, светот е сардисан од шест елементални сили, претставени преку змејски ентитет. Сите тие со своите армии, од нивните димензии доаѓаат до светот преку бројни процепи кои рендом се отвараат на различни локации. Покрај стандардното MMORPG квестање и авантури, како играчи мора да се справувате и со овие "рифтови", односно да ги истепате нивните неколку фази. Ги има многу, многу различни видови, може со месеци да играш за повторно да сретнеш ист рифт, а во секоја зона може да има повеќе во еден момент.
Од нив изглегуваат различни сушства, кои доколку не бидат спречени прераснуваат во "инвазии" кои се движат и преземаат населени места во зоната, поточно места со NPC карактери кои им служат на играчите за квестови, продавници, разни професии и слично. Ако инвазијата преземе таква локација, пак ќе треба да се соберете за да ја елеминирате. Во склоп на ова, дневно низ светот се случуваат и разни специјални ивенти кои ја имаат истава механика, ама се потематски и наративно склопени, а она што доаѓа од рифовите е значително засилено и обично е потребно поголема група на играчи. Презабавно е.
Сега има доволно народ за сè што ќе се појави, за разлика од претходниот пат кога се имав логирано и пола свет беше преземен од нешто, без никој да го спаси. Вакви слични ивенти ќе сретнеш и во
Guild Wars 2 и во многу поглупа, рудиментирана варијанта и во
WoW, меѓутоа никој не ги направи толку добри и возбудливи како
RIFT. Самиот дизајн овозможува да влијаат на околината, пример ако е огнен рифт, ќе ја спали земјата и слично. Прават како играч да ги почуствуваш последиците и те поттикнуваат да преземеш нешто.
Во една од следните
експанзии додадоа и
Nightmare рифтови, тие се моментално најпопуларни кај нови играчи и стари што ги пропуштиле додека беа актуелни. Фазите им тераат додека се пресретне тајмерот и секоја наредна станува потешка, па обично се собираат по неколку рејд групи на тепање. Може и пола ден да се млати таков рифт. Не е рендом како другите, мора некој да собере доволно ресурси за да отвори еден ваков. Јако е што кога ќе се отвори е општа возбуда на цел сервер, сите трчаат натаму. Последен пат ова го имав видено пред десет години.
Штета како
Trion ја остави играва да заврши вака, продадена на шупачка компанија како
Gamigo, кои со кур не мрднаа да инвестираат и вистински да пробаат да ја вратат. Едвај имаат тим за одржување на најосновни работи, еве тие што рејдаат на 50 левел, уште чекаат вистински
exp lock. Имплементацијата теоретски би требало да е лесна, ама актуелниот мал тим не е доволно запознаен со кодот за брзо да заврши работа. Има едно
Death of a Game видео за
RIFT каде што е убаво објаснето што се случи и како
Trion се глупираа со разни ризични проекти наместо да се фокусираат на најпрофитабилните.
Покрај "ера" начинот на играње каде што на 50-ти левел мора сам да се пазиш да не фатиш 51, има и тазе играчи што не ги интересира ова, туку сакаат да ја искусат играта со сите експанзии до краен левел. Ја сум во вторава група, барем на еден карактер ќе пробам и "ера", меѓутоа има премногу забавни работи вон таа содржина за да се ограничиш. Среќа, сега има доволно луѓе и за едното и другото. Планот на "ера" групата е постепено да прогресира низ сите експанзии, па евентуално двете групи на крајот ќе се сретнат на исто место.
Најважното е што има лабава гостопримлива заедница, чиј ентузијазам ја прави најкомотната MMORPG игра во моментов. А не ни мораш да учестуваш во било какво глобално или групно случување,
можеш лефтерно сам да си тераш квестови и сопствени авантури. Светот во
RIFT е огромен и отворен, не мора да го спасуваш ако не сакаш. Има многу, многу содржина. Приказната е интересна, не се врти само околу тие шест елементални непријатели, туку секоја зона и континент си има и сопствени случувања од кои можеш да си дел.
Лабаво левелирам и играм содржина што долго време не сум можел да ја играм прописно поради тоа што немало луѓе. Главниот карактер на матичниот сервер ми е доволно моќен да можам сам да пржам стари инстанци, ама не е истата забава. Овде моментално играм некаков Некромансер. Една од најдобрите работи во RIFT е што имаш огромна слобода во креирање на тоа што го играш. Секоја класа има околу десетина подкласи со сопствени дрва и можеш три од нив да ги комбинираш во една улога. Има некаква мета нормално, ама нема да ти треба за левелирање, а и поинтересно e да склопуваш и експериментираш сам. Нема да си секогаш најефикасен секако, ама комбинациите што можеш да ги правиш се налудничави.
Многу ми е ќеф што ја гледам RIFT во оваа состојба. Мислев дека следниот пат кога ќе треба да пишувам за играта на блогов, ќе биде некое збогување зашто најавиле дека ќе гасат. Којзнае до кога ќе цепа вака, ама во моментов нема знаци на сопирање. Бесплатна е, сосе сите експанзии и чуда, па нонстоп циркулираат и стари и нови играчи. Брзо се прошири вестта дека е некако назад, а толку е очајна состојбата во MMORPG жанрот што ете ова е меѓу подобрите опции.
Иако има содржина да потрае и да го извози бранов на подолго, се надевам дека дел од луѓето што се вртат тука ќе донесат и некој профит за Gamigo да го види потенцијалот на RIFT. Или уште подобро, некоја друга компанија да им ја откупи како што ја откупија Defiance, која би дала вистински нов живот на играта со тазе содржина. Не верувам дека некогаш RIFT пак ќе ја има шансата како сега, па се надевам дека некој ќе успее да ја искористи.
No comments:
Post a Comment