Денес е речиси невозможно да разговараш за Lady Snowblood без да го спомнеш Kill Bill. Благодарение на Тарантино ова јапонско ремек-дело последниве петнаесетина години го зајакнува својот култен статус и кај западната публика. Базиран на истоимениот манга серијал, првиот Lady Snowblood филм од 1973 раскажува приказна за одмазда чиј наративен и визуелен тон подоцна ќе му послужи на Тарантино како една од главните инспирации за Kill Bill. Тарантино толку многу позајмува од концептите на Тошија Фуџита што во некои моменти ќе те натера да ја повториш линијата помеѓу омаж и плагијат. Дури и песна од саундтрекот на Lady Snowblood е искористена во Kill Bill.
Lady Snowblood, како и Kill Bill, има нелинеарна структура и именувани поглавја. Додека гледаме како Јуки Кашима ја спроведува одмаздата, филмот преку флешбеци ги раскажува нејзините мотиви и позадина. Јуки го одмаздува семејството кое всушност никогаш немала ни прилика да го запознае. Нејзиниот татко и брат се брутално убиени неколку криминалци кои подоцна со денови ја силуваат нејзината мајка. Откако мајката на Јуки ќе успее да убие еден од напаѓачите, завршува во доживотен затвор каде што има секс со различни стражари со цел да затрудни со дете кое ќе може подоцна да се одмазди. Мајката умира во затворот на пораѓај, а бебето Јуки е испратено кај учител по боречки вештини кој за дваесетина години ја претвора во машина за убивање.
Јуки не е Невестата, ниту О-Реш Иши, ликови кои Тарантино делумно ги обликува по неа. Трагедијата на Јуки не е смртта на нејзиното семејство колку тоа што целиот живот од раѓање ѝ е сведен на прецртување неколку имиња од список. Никогаш немала ништо освен наметната загуба и пресудата уште од самото раѓање да биде инструмент за одмазда на нејзината мајка. Речиси и не покажува емоции и ретко зборува, а кога треба да каже нешто остава мечот кој го крие во рачката од чадорот да прозбори за нејзе. Крвта шприца од непријателите на идентичен начин како во Kill Bill, уште еден симпатичен детал што Тарантино одлучил да го позајми.
Насилната природа на филмот е феноменално вклопена во кинематографијата на Фуџита. Контрастот на боите, сетовите, позиционирањето на ликовите во кадар и играњето со агли е генијално. Такво внимание за толку многу детали не може да те спречи да ја цениш љубовта на Фуџита кон тоа што го правел, а ниту пак да се инспирираш и да учиш режисерски штосови. Така ли е, Квентине? Во Lady Snowblood има и еден сегмент кој раскажува претходен настан со мангести цртежи како што на сличен начин Тарантино користи аниме во Kill Bill.
Вториот дел од 1974 Lady Snowblood: Love Song of Vengeance ја враќа прекрасната Меико Каџи во улогата на Јуки, меѓутоа одмаздата малку ја заборава во првиот дел, иако е дел од поднасловот. Ми се допаѓа и вториот, ама генерално поради визуелниот третман и режисерските мајстории на Фуџита. Приказната некако не ми функционира, пред сè зашто првиот дел ја заокружува целта на Јуки. Love Song of Vengeance ја сместува во затвор од кој е ослободена за да се справи со политичките противници на актуелната власт. Не само што каратеристичното насилство е со намален интензитет, туку филмот е преполн со политички интриги од тој период од јапонската историја за која не знам доволно за да ми се интересни. Ниту пак Јуки делува како некој што би се замарал со такви ствари за да преживее.
Сепак, за едно гледање вреди. Не е воопшто лош, ама едноставно не е тоа што сакам и очекувам да го видам во овој тип на филмови. Верувам дека и Тарантино само еднаш го има гледано, зошто ништо од тука не успевам да препознаам во Kill Bill. Без првиот Lady Snowblood можеби и немаше да постои Kill Bill, а без Kill Bill којзнае дали воопшто ќе дојдев во допир со филмот, така што ете ти еден глупав полу-парадокс. Мангата ја немам читано, ама има јапонска научно-фантастична адаптација во 2001, се вика The Princess Blade. Може и тоа да се провери некогаш.
No comments:
Post a Comment