Еве, веќе неколку денови се приземјувам од концертот на Kraftwerk. Ја имав таа среќа трет пат да ги гледам во живо последниве години и секој пат сум бил затекнат неспремен од надреалниот спектакл што го приредуваат. Денеска би било одвишно да се навлегува во величината и влијанието на Kraftwerk, ете нека сведочи фактот што можат без проблем да распродаваат турнеи и покрај тоа што последниот студиски материјал им од пред петнаесет години. Но, Kraftwerk се една поинаква машинерија чија уметничка безвременост никогаш нема да им дозволи нешто како "стара слава".
Временските услови не беа баш најсјајни тој вторник, па тргнав две недели порано за со Ивана и Наум да најдеме некоја пристојна позиција во партерот на "Борис Трајковски", зашто од некои причини дента кога ги пуштија билетите, опцијата за фан-пит не функционираше. Така што, овој пат бев лишен од приликата на роботите да им ги покажам од прв ред моите две цицки на кои пишува "Ralf" и "Hütter".
Фотографијата е украдена од телефонот на Ивана
Откако влеговме внатре и ни ги поделија белите 3D наочари за да изгледаме како сељаци на транс, приметив дека фан-питот е единствената обележана зона за која е потребна посебна алка. Не сум сигурен дали е намерна 'луфта' на организацијата, ама сличен случај беше и концертот на Jean-Michel Jarre пред некоја година. Тогаш беа распродадени картите за партер и моравме да земеме поскапи за трибини како тетки на романтичен Владо Јаневски концерт, ама можевме без проблем да се движиме секаде, па се симнавме одма во лабаво пополнетиот партер.
Kraftwerk се појавија на сцена точно во 20:30, како што беше најавено. Без минута доцнење, која можеби и ќе беше корисна за тие што заглавија на единственото мало шанкче за пијалоци во партерот каде што невоспитани фиромјани газат преку луѓе како да ќе умрат од дехидрација за недоизладено пиво. Си ги ставаме наочарите на фаца додека почнува да свири "Numbers" и во истиот момент почнувам да жалам што малку се посомневав дека целава турнеја со 3D концерти е можеби само штос за да се оправда истата. Да, секако е штос, меѓутоа е наменски, ефективен и исклучително квалитетен.
Сите тие проекции позади што ги придружуваат песните совршено функционираат и на нивните стандардни настапи, но е необјасниво возбудливо кога ќе те 'надлета' бродот на "Spacelab" или компјутерот од омотот на Computer World (кој патем, речиси цел го отсвиреа). Не сум сигурен дали e до мојата неконтролирана еуфорија, ама волку добро 3D немам видено во ниту едно кино до сега. Концертите на Kraftwerk секогаш кулминираат со роботите кои стапуваат на сцена за изведбата на "The Robots". Но, овој пат нивната глава, торзото и 'голите' екстремитети беа еволуирани во комплетните андроидски верзии на членовите. Не би имал проблем ако еден ден и целосно ги заменат, зашто Kraftwerk се веќе инсталација која можеби го надминува човечкиот фактор.
Којзнае кога пак нешто вакво ќе ни стапне во жабокречинава, па малку и жалам за дел од смартфон генерацијата што беше дојдена на концертот за да си разговара во кругче, без наочари. За жал, и звукот во салата во неколку наврати го губеше интензитетот, па бев дефокусиран од нивните муабети за минатиот викенд. Вакви дебили им ги грабнаа картите на луѓе кои можеби повеќе ќе ценеа концерт на еден ваков голем бенд, но тоа е. Убаво беше да се доживее ова. Секогаш ќе биде.
No comments:
Post a Comment