January 28, 2018

А Ghоst Stоry не е тоа што мислиш

Не знам како ми се слизна A Ghost Story лани. Веројатно сум видел чаршав со дупки за очите на постерот и сум помислил дека конечно некој го направил најглупавиот хорор филм каде што духот изгледа како од Скуби Ду. Деновиве си ги тргнав предрасудите настрана и погледнав под корицата, па ми се откри филм кој не само што не е хорор, туку е и еден од најдобрите што сум ги пропуштил. Второто изненадување дојде во моментот кога сфатив дека добивам повеќе и од иницијалната идеја која го враќа тазе починатиот лик на Кејси Афлек назад во домот како дух кој беспомошно посматра како неговата жена се справува со неговата смрт.


Не, A Ghost Story не е никакво модерно прераскажување на паранормалната романса помеѓу Деми Мур и Патрикс Свејзи. Повеќе е збирка на концепти кои режисерот Дејвид Лаури решил ги истражува од перспективата на двете дупки од белиот чаршав, како начин да се справи со сопствените егзистенцијални кошмари. Секако, ја третира и неподносливоста на болката после загуба на близок, всушност и од таму филмот почнува да се движи по меланхоличната траекторија, меѓутоа размислувањата на Лаури не сопираат таму. Во еден момент дури и се подбива со миленијалскиот мемефициран нихилизам.

Со цел да создаде некаква интимна клаустрофобичност, филмот е сниман во 4:3 формат, со заоблени рабови. Изобилува со долги кадри кои ако не ти здосадат до смрт, ќе ти овозможат време и простор да се препуштиш на размислување околу тематиката. Некогаш перспективата е и преку вратата на некоја просторија, па видикот е дополнително стеснет. Речиси и да нема дијалози, а и тие малку што постојат не се толку пресудни за раскажувањето на приказната. Музиката е таа што во овој случај има поголема одговорност и прекрасно е вклопена.

Воопшто не е претенциозен како што веројатно изгледа, само е малку поинаку спакуван. Во оние моменти каде што смело си игра со апстракноста, забележуваш дека не се ни труди да се врзе во некоја кохерентна целина и покрај тоа што идеи имаат некоја хомогена основа. Баш поради неконвенционалниот поетичен стил, филмот и не успева да допре до поширка публика. Читав дека луѓе ги напуштале проекциите по само дваесетина минути. Штета.

A Ghost Story e таков е каков што е, не прави некој голем напор да ти се допадне по секоја цена. Оттаму е и тој поларизирачки ефект. Но, доколку му дозволиш простор, комотно ќе ти се всели и ќе те опседнува со денови.  

No comments: