December 22, 2015

Трет пат Тhе Fоrсе Аwаkеns

По третото гледање на The Force Awakens последнава недела, фокусирано размислување, премотување на детали во глава и долги разговори на темата, мислам дека конечно оформив некаков поцврст став за филмот. Се надевам дека ќе остане така некое време. И, покрај тоа што имам волја, трпение и неконтролиран нагон да го гледам пак, ќе си дадам одреден период за убаво да легне. Не очекував дека нов Star Wars вака ќе ми влијае на овие години, но очигледно таква била намерата на Мики Маус и Џ.Џ. Абрамс кога нишанеле со носталгијата во моите детски чувства.

Доколку The Force Awakens е создаден со цел курвински да ги задоволи фановите со "џедајски трикови" кои се состојат од рециклирање на познат материјал, јас ете не успеав да останам имун. Иако се плашам дека во моментов расудувањето можеби ми е малку замаглено, сакам да потврдам дека уживав во секое гледање. Открив интересни детали што сум ги пропуштил, но исто така ми се зацврстија и некои работи кои потешко ги прифаќам. Подолу ќе се распукам со спојлери, така што безбедната зона завршува овде. За првиот впечаток без спојлери, обрати се тука


Приказната можеше да направи некој похрабар исчекор од познатиот шаблон. Го разбирам ризикот, се сеќаваш каков беше исходот кога последен пат се случи тоа,  меѓутоа имаа доволно време и ресурси да настапат со нешто пооргинално. Мислам, трет пат Death Star, неколку пати поголем и со друго име, а со истата оскудна заштита? Го прифатив останатото, го засакав новиот дроид што повторно носи некаква важна информација потребна на непријателот, се соочив со смртта на Соло (можеби дека го знаев спојлерот одамна), но што е многу, многу е Дизни. Заканата од Првиот Ред можеше да биде во различна форма и повторно да биде застрашувачка. Единствено во овој момент си ја покрив главата со кофа пуканки. Од туѓиот срам. 

Но, ликовите што го носеа ова "дежа ву", се покажаа значително солидни. Верувам дека сè што се смета себе за актер отишло на аудиција, па не ме чуди што изборот испаднал така квалитетен. Жалам што не видовме повеќе од По Дамерон, кој иако е очигледно замислен како новиот Хан Соло тип на лик, ветува многу. Природен е, харизматичен и има потенцијал да ја зајакне хемијата која веќе постои цврсто помеѓу Фин и Реј. Се надевам ќе најдат начин како да го искористат во следното продолжение. Дејзи Ридли е феноменална како Реј. Толку добро се втемели во Сагата што ми е невозможно да замислам некој друг на нејзино место. Покрај тоа, убеден сум дека е во некаква роднинска врска со Лук Скајвојкер. Парите ги ставам на тоа дека му е ќерка, зошто сосема е возможно старото куче да има најдено некоја адекватна госпоѓа на која би ѝ ја пренел џедајската ДНК. Океј, прекини. Прекини да мислиш на мидихлорини. Ако добро се сеќавам, Абрамс еднаш кажа дека и оваа трилогија ќе се занимава со фамилијата Скајвокер, а некако не верувам дека Лук ќе е повторно во фокусот. А, се додека не е сестра на Кајло Рен, јас сум океј.

Кајло Рен, а? Да го собереш целото зло на планетава, од реалност и фикција, пак нема да може ништо да се доближи на Дарт Вејдер. Интересен лик, многу посложен од што првото гледање можеби ќе те убеди да веруваш, но многу прашања остануваат нејасни, прашања што претпоставувам дека ќе бидат одговорени уште во Episode VIII. Мотивот ми е некако нејасен, иако можам да ја разберам опсесијата, но која работа точно ја остави Вејдер незавршена? Балансот во Силата? Не го уби син му? Не завладеа со Галаксијата? Која историја за Вејдер ја знае Кајло Рен? И, кои се Витезите на Рен и кои се другите Ренови зошто очигледно е титула како Дарт, нели? 

Соло и Чуи ми го направија филмот мене. Секој кадар со нив во него е бесценет. Имаше еден момент што ме разнежни онака, кога пред да излезат пак надвор на снегот, Чуи му ја дава јакната на Соло што овој претходно ја фрла на земја. Да не му студи, ти текнува? До толку се сакаат и се грижат еден за друг. Перформансот на Харисон Форд е беспрекорен и незаменлив, не знам зошто воопшто некој се осмелува да снима филм за млад Хан Соло. Форд е класи над она што е во последниот Индијана Џонс филм. Смртта на Соло, колку и да е тажна, е логичниот храбар потег. Форд е веќе во години каде што нема да може уште долго сам да оди во тоалет, а не па да лета низ Галаксијата со Фалконот. Неговата смрт е цената што ја плативме како фанови за да го видиме уште еднаш. Јас сум презадоволен со тоа како испадна сето ова. Поефективен е овој трагичен крај на Соло од било кој друг среќен. Направи простор за новата генерација и замина како секој добар ментор во Star Wars претходно. Сети се на Кеноби и Квај-Гон. Потажно ми беше што беа разделени со Леа, отколку што умре, но тоа е тоа.

Дуелот со сејберите е исто океј. Не можеш да ги повториш тие од оргиналната трилогија, можеби ќе се случи понатаму, но тие имаат поинаква тежина и емоции кои тука немаше простор да се протнат. На едната страна имаш будала со црвен сејбер што не верувам дека некогаш имал прилика вака да го вкрсти со вистинска битка, па ако ти е чудно зошто толку долго противниците успеаа да останат живи е тоа што можеби реши да поужива во борбата. Во првиот дуел со Фин, во моментот кога ќе наиде на неочекуван отпор од него, тогаш вистински почнува да се бори и го победува. А, со Реј... тоа е малку чудно. Се изнаслушав критики за тоа како ја совладала вештината толку брзо, до некаде се согласувам, но повеќе ми пречеше што така нагло се прекина нивното соочување. Баш во тој момент, баш на тоа место се расцепи земјата? 

Има уште многу да се дискутира за The Force Awakens, но во моментов ми е битно дека крајниот резултат за мене беше задоволителен. Секоја чест за Лоренс Касдан, верувам дека добар дел од хуморот во сценариото е негово дело, за режијата на Абрамс и користењето на сетови наспроти целосно потпирање на зелено платно, за музиката на Џон Вилијамс која не можам да ја прекинам да ја слушам цела недела како и за младата, а и старата екипа, што овозможија пак да веруваме во Галаксијата таму некаде далеку. Не можам да се натерам да пишувам за друго деновиве, така што ќе мораш да истрпиш уште неколку муабети на оваа тема.

1 comment:

Unknown said...

Бууууууууууу

(spoiler: многу го мразев филмот)
[begin rant]

Сори брат, ама по се изгледа Дизни со нивните купени џедајски (ситовски?) трикови успеале да ти ја променат перцепцијата за добар Star Wars филм. Може 1, 2 и 3 не се добри филмови, но се добри Star Wars филмови. Придонесуваат кон универзумот со нешто ново, нови ликови, нови филозофии, технологии, чудовишта, и според мене како најважен аспект на трилогијата: увид во политичките состојби, колективниот mindset, и џедајската (не)организација потребна за галаксијата да стигне до состојбата во 4-ката. Кец, два и три беа добра идеја за продолжување на серијал, имаше што да се каже, и кажаа (на лош начин). Новава трилогија (петтологија? седмологија? Where does it end?!?!!) е најнепотребното нешто моментално, minus новиве live-action remakes на Дизни цртани (оh gawd). И ај шо немаше потреба од нови Star Wars филмови, туку и ој шо го напраја беше подпросечен филм (глума како кој, ефекти 9/10, сценарио -20/10, plot-holes over 9000). И не можеш да го почниш муабетов со “Да, филмов е рихеш...“, а потоа да кажуваш позитивни одлики. Рихеш. Точка. Или поточно: рихеш/молзење крава/ beating a dead horse/ комплетна креативна затуцаност итн.

[end rant]