Колку погрешно мислење може да ти создаде серија што се вика Mr. Robot. Особено ако во двете реченици што ја опишуваат се спомнува асоцијален хакер што гради врски со други луѓе преку... хакирање. Дали сме 1998, ќе се помислиш. А, кога ќе ги видиш насловите на епизодите од типот на "eps1.1_ones-and-zer0es.mpeg", претенциозноста испишана на постерите уште толку те тера да се запрашаш дали само 14 годишни деца се ложат на "хакирање". Барем онакво какво што серијата мислиш дека го претставува. Но, и покрај сите предрасуди, решив да дадам шанса на двете епизоди што веќе беа излезени. Не бев нешто претерано импресиониран од почетокот, па затоа третата шанса беше пресудна. Заклучокот е дека ова е моментално најдобрата нова серија на телевизија, заедно со Wayward Pines.
2edgy5me.jpg
Елиот е хакер. Таков супермоќен, според сите хакерски постулати во поп културата, митски волшебник со неговите вештини. Социопат, нонконформист и уникатна снегулка. Сите тие карактеристики на ликот кои серијата се труди да ги протне како досега невидени, ќе ме одвратеа од гледање понатаму да не беше Реми Малек толку добар актер. Па, и самата приказна која третира идеи и размислувања кои одамна не се до толку непопуларни за да би биле така остри. Првите мисли ми беа баш во таа насока. Ако Mr. Robot се обидува да допре до поинтелигентна публика, зошто тогаш има потреба од експлицитно објаснување на терминолгија (пример, rootkit), или Елиот брише фајлови од десктоп со десен клик. Цепидлачки детали, знам, но дозволи еднаш публиката да се прилагоди на тебе, наместо ти на неа. Не дека е којзнае колку страшно, ама не е лошо некогаш да стимулираш мало истражување. Приказната нема да страда, некои работи може многу поелегантно да бидат презентирани.
Третата епизода успеа да го тргне скоро секој сомнеж што го имав додека ги гледав првите две. Mr. Robot покажа дека има храброст да истражува некои посериозни ноти. Барем додека сме уште во овој период на златното доба од американската телевизија каде што брутално насилство и сексуални фетиши се состојките со кои покажуваш колку ти е делото озбилно. Елиот веќе се развива во покомплексен лик отколку што капуљачата го правеше да изгледа како таков. Не само поради тоа што наводно целиот fsociety е во неговата глава (или барем Кристијан Слејтер), туку серијата отиде назад во неговото детство со намера да ни доближи како дошло до сето она што се случува под таа модерна фризура.
И, дали сум единствен на кој не му пречи евентуалниот позајмен штос од Fight Club? Па, макар и дел од карактеристиките на главниот лик? Mr. Robot може и да изненади со пресврт, и покрај тоа што во моментов си поигрува со постоењето на Кристијан Слејтер. Се фатил пола интернет за тоа како да е најбитното. Еве, сите ги замислува, сега што правиме? Може да се очекува било што, да треснеш монитор на крај кога ќе испадне дека Елиот е производ на имагинацијата на берберот на ќошот, ама може и ништо посебно да не се случи. Да, занимливо е, ама не е клучно. Обрни внимание на Тајрел и колку е Мартин Валстром глумчиште за почит. Има уште седум епизоди чии наслови се надевам дека се заебанција, така што имаат шанса да докажат дека ова е најдобрата серија и во последниве неколку години. Полека.
1 comment:
"да треснеш монитор на крај кога ќе испадне дека Елиот е производ на имагинацијата на берберот на ќошот,"
Lol.
Post a Comment