Еј, фак ит. Знам дека пројде годината, исто знам и дека не најдов време да пишувам, а јасно ми е дека останаа еден куп албуми што не ги спомнав. А, сакав. Подобро покасно, отколку никогаш, нели? Еве, додека уште трае зимата и откривам албуми што некако ми се слизнале, ќе го продолжам (барем ќе пробам) серијалов на постови. Крис Веби веќе го покрив колку што можев, а сега е време за "жанровски" пост. Во 2014 имаше еден куп добри драм ен бејз албуми и ЕП-ја. Во фолдеров што ми е при рака гледам околу дваесетина што се албуми. Нема да ги проаѓам сите, ќе ги издвојам тие што ми се најслушани. Сега само три, а останатите во следна прилика.
Nelver е причината поради која се решив за постов. Black & White е вториот албум, наследникот на Passing the Obstructions од 2012, издаден за Offworld. Издавачката куќа е специјализирана за баш ваков атмосферичен ликвид каков што Nelver цепа со години, и веројатно е логично зошто неговото најсериозно издание до сега се нашло баш во нивниот каталог. Албумот е совршенство. Хармоничен, опуштен, со пијано мелодии и фанк детали, баш онаков драм ен бејз за најавување пролетни вечери, и свежи сончеви утра. И, очигледно за пишување на емаскулирани реченици како претходната.
Гостински вокали нема, туку низ повеќеслојните инструментални подлоги, успешно се слеани суптилни семплови кои го прават звукот уште побогат. Black & White успева да погоди баш таму каде што се обидува, оставајќи те занесен и навлечен. Можеби сум пристрасен за Nelver, можеби задоцнив со преслушувањето на албумов, ама нема да згрешам ако го вметнам во листата за најдобри албуми од 2014. (чим е во листава, се разбира дека е во најдобри, Бојане)
Избор: "Nightwalker", "Aurora", "Black & White"
Знаеш колку години има Keeno? 19. На 19 години, вади албум што дефинитивно станува класика, и тоа не само затоа што е прв и брилијантен, туку зошто ги засрамува неговите постари колеги од Hospital Records кои во последно време го носат жанрот во некои води кои не можам да ги следам. Она што беше Netsky некогаш тоа денес е Keeno. Жанровски се наоѓа во оној "пожуркаџиски" ликвид, очигледно некои траки се наменети за клуб, меѓутоа е доволно лабав за да можеш само да затвориш очи и да легнеш со книга.
Да го поседував Life Cycle на ЦД, од летоска до сега ќе ми останеше само стопена пластика. Еден од оние први албуми кои го сетираат капацитетот на артистот и по кои ќе се мери неговиот опус понатаму. Секоја од овие 14 ствари тука е уникатна, различна од претходната, со сопствен филм и енерија. Нема повторување, а сепак е задржан конзистентен звук. Гостинските вокали се маестрални и одлично одговараат на целото меланхолично носталгично патување низ кое Keeno ќе те фати за рака ако му дозволиш. Самиот Кино инаку личи на Џастин Бибер, ама тоа нема да ти биде воопшто битно.
Избор: "Frozen (ft. Louisa Bass)", "Moonrise (ft. Azedia)", "Scripted (ft. Louisa Bass)"
Уште еден дебитантски албум, само што овој пат не станува збор за ново дете, туку за двајца ветерани, Technicolour и Komatic. После години соработка, со Desire Paths конечно "поофицијално" удрија печат на нивната дружба, комбинирајќи се во Technimatic. Албумот е вистински драм ен бејз колаж, кој воглавно се потпира на ликвиден звук. Од ствари кои успешно кокетираат со мејнстримот, до некои посериозно напнати моќни, создадени за најтемната журка на која скокаш весело, испотен и потурен со алкохол и туѓи повраќаници. Desire Paths има и една помеланхолична страна, која некако се протнува и се оптегнува низ целото тоа весеље, баш онака како што жанрот знае убаво да овозможи. Од оној тип на музика е, за секој ден, така што одлично ќе прошара низ секакво расположение и емоции.
2 comments:
Го слушна новиот на Body Count?
https://www.youtube.com/watch?v=X9jXnZS3ouU
да, ама не сум нешто посебно воодушевен. :)
Post a Comment