Со почетокот на Star Wars Rebels, започнува едно ново доба за Star Wars. Не само како универзум, зошто нели, со проширениот универзум (составен од книги, стрипови, и други, воглавно шкарт лајна) Дизни решија да го нахранат Сарлакот, туку и како продукт. Машинеријата на Дизни е спремна да штанца Star Wars до крајот на времето, поредовно од било кога, во малку обновен универзум, без книги во кои детално се опишуваат Евокси во разводна парница. Следствено на тоа, Rebels е првиот продукт што ќе биде во директна врска со Episode VII, покрај оргиналната трилогија, нели.
Првата епизода, или првите две споени, се сосема фини. Конечно во ваков формат е обработен период кој е поблизок до оргиналната трилогија, и конечно Дизни ќе имаат поинтересни играчки за продавање, за оплеменување на колекциите на секој штребер, помодарец и секое возрасно дете. Вејдер се продава многу повеќе син му на Џаба, така? За среќа, Rebels не е само 20 минутна реклама за играчки, зошто уште од самиот старт приметив дека елиминирале некои елементи кои ја правеа првата сезона на The Clone Wars неподнослива. Иако има доволно акција да залепи и шест годишно дете за телевизор, има и моменти кои ќе натераат дваесет и шест годишно дете да симнува торент после работа.
Ликовите се стандардниот шаблон на група добронамерни вагабонти кои се обидуваат да преживеат во режимот на Империјата. Херојот што е несигурен во себе и на крај ќе постигне големи дела, напатениот напнат лик со минато што го носи секаде со себе, неговата жена што го балансира постојано, сомнителниот крупен тип што ги мрази повеќето ама успева да се искупи, и нормално јаката цура, тука поради сексуалната тензија која го инволвира и херојот. Некое дроидче исто така се вртка, зошто мора да има и дроид како R2-D2. Не може да нема. Генерално, сите ликови се базирани на ликови што веќе ги знаеме од Star Wars, затоа и толку некако блиски ги осеќаш, а дури и бродот им е сличен на Фалконот. Можеби е само до мене и мојот рептилски мозок, ама во целава група и ситуациите во кои се наоѓаат, ми делува инспирирано од Firefly.
Rebels не е The Clone Wars, тоа имам потреба вака експлицитно да го нагласам. Рано е да се збори, меѓутоа судејќи по квалитетот на анимацијата, сценариото, па и приказните некако ќе заостане доколку почнеме да ги споредуваме. А, со оглед на тоа што ова е "понудено" како замена, споредбите тешко дека ќе бидат избегнати. Потенцијалот е огромен, па останува да се понадеваме дека прогресот ќе биде како во The Clone Wars, кои стануваа подобри и посериозни од сезона во сезона. Дизни има што да земе како репер, има екипа што си ја знае работата, така што може да мижиме од недела до недела и да се надеваме на најдоброто. Мене ми фалеше ваков Star Wars фикс, а ова ми изгледа како супер ствар што ќе ми го убие времето до Episode VII. Ако не ме убие нешто друго до тогаш, се разбира.
No comments:
Post a Comment