November 12, 2010

Prison Break: Прва сезона

Не знам како сум успеал толку години да се држам настрана од серија каква што е Prison Break. Ете, некако се наместиле работите да ја пропуштам, па морав дури сега да надоместам за тоа. Хајпот одамна пројде, сите ја изгледаа и знам дека е исто како да пишувам за ланскиот снег, но тоа е тоа. Подолу следи нешто накратко за Prison Break, со спојлери сведени на минимум.

За неколку дена, ја изгледав првата сезона и можам да кажам дека е пример за совршено реализирана приказна, ретко добра, како првата сезона на Lost и Firefly. Моментално ја гледам втората сезона, уште сум на почеток, меѓутоа ни отприлика не успева да го достигне квалитетот на првата.

Иако сите веќе знаат што е целиот муабет околу Prison Break, ќе сумирам во кратки црти. Линколн Бароус, жртва на политички заговор, е наместен за убиство кое не го извршил и се наоѓа во затвор каде што чека да седне на електрична столица. Во затворот доаѓа брат му, Мајкл Скофилд, со план за бегство и целата мапа на затворот која е умешно истетовирана по неговото тело. Мајкл уште од првиот ден во Фокс Ривер затворот започнува да работи на реализиација на планот, ги наоѓа луѓето кои би му биле од корист и го спрема бегството кое ќе го спаси животот на неговиот брат. Мајкл успева да ги спроведе сите точки од планот, меѓутоа по пат се соочува со разни непланирани проблеми, како на пример затвореници кои случајно дознаваат за бегството и стануваат дел од тоа. Како што се шири кругот на луѓе, така и се комплицираат работите.

Prison Break постојано држи во неизвесност, напнати моменти и е прилично тешка за предвидуање. Затоа се гледа брзо и мило ми е што сум немал потреба да чекам нова епизода секоја недела. Многу е позгодно кога се гледа во еден здив. Всушност, приказната е многу едноставна, исто и планот на Скофилд, меѓутоа сценаристите се потрудиле да изгледа којзнае колку заплеткано. Втората сезона, за споредба, е премногу исфорсирана и нема никаква тензија, има милион досадни моменти, глупи претерувања и ситуации во кои ќе си помислиш дека сите ликови едноставно ги следи лоша среќа.

Настрана од браќата, сите ликови во првата сезона се одлично напишани, па затоа е лесно да се приврзеш и да се грижиш за нив. Тоа ми е најбитно кога гледам филм или серија, така што Prison Break комплетно го задоволи тој услов кај мене. Развој во секоја епизоди, без филери, без ништо, првата сезона е маестрална. Колку е да е лошо понатаму, серијава веќе влезе во мојата топ листа на омилени работи за гледање.

Вторава сезона ја гледам онака, од љубопитност, на моменти делува како сосема друга серија, меѓутоа ќе догледам и ќе пишам нешто повеќе.

1 comment:

Losteech said...

Ццц, дури сега ја гледаш? Ако, подобро некогаш отколку никогаш... :)

Мене прва и четврта сезона тука некаде ми беа, втора е нешто полоша, а трета е хаос заради штрајкот на сценаристите.

Што и да правиш изгледај ја до крај сосе филмот "The Final Break", ова ми беше прво финале на серија кое ме расплака (буквално) :)