Пропаста на неколку игри базирани на популарен бренд во последниве години, петтиот Индијана Џонс филм што успешно го прескокнав и шашавиот правец во кој MachineGames го забегаа Wolfenstein серијалот по The New Order и The Old Blood, беа сосема валидни причини за да не ѝ се брзам на Indiana Jones and the Great Circle. Веројатно не бев ни единствен со недоверба во ова. Слабо се слушаа муабети откако излезе кон крајот на 2024, ама па тоа што ќе дојдеше мене секогаш имаше некаква позитивна конотација.
Заобиколував рецензии за случајно да не си ја расипам. Единствено знаев дека дејствието се случува годината после Raiders of the Lost Ark и тоа што е во прво лице. Надоле ќе избегнувам било какви детали од приказната, сериозно вреди да се проследи и искуси од прва рака. Деновиве конечно седнав и ја завршив. Не е нешто премногу долга ако останеш само на главната приказна, иако и споредните се супер вплетени во истиот наратив. Таман си е за две-три домаќински сесии. Мене времето ми дозволи само повеќе пократки, па ја делкав недела дена.
Испадна неверојатно добра Индијана Џонс авантура и е апсолутно најквалитетниот материјал од франшизата вон првите три филмови. Се гледа дека MachineGames воделе грижа со секакви ситници да понудат максимално автентично искуство, од самата приказна до тоа како изгледа и звучи. Играта детално го емулира изгледот на старите Индијана Џонс филмови, кадрирањето, специфичното осветлување и сенки, дури и одблесокот од објективот. Сите финти со кои Спилберг и Слокомб го имаат изградено визуелниот идентитет на серијалот се присутни тука. За целосно искуство имаш и cinematic mode.
Звучните ефекти се исто сродни со изворните. Аудио тимот ги имал и оригиналните на располагање, меѓутоа на крај биле искористени само како референца да создадат свои. Настојувале играта да звучи како од филмовите, особено ефектите што често ги слушаш, како тие на камшикот. Огромна пофалба и за Трој Бејкер кој мајсторски го кине гласот на Индијана Џонс. Веќе е докажан актер со дебело резиме зад себе, не е некое големо изненадување, а некогаш е толку убедлив што ќе си помислиш дека е млад Харисон Форд. Фино беше да се чуе и види и легендата Тони Тод, имав заборавено дека е во играва и се израдував кога се појави. Ова заедно со Final Destination: Bloodlines му е меѓу последните улоги.
Ми изгледаше необично тоа што ќе играм Индијана Џонс во прво лице, ама реално MachineGames знаат да прават вакви и еве функционира и во овој случај. Одлично е дозирано со неколку механики кога камерата се префрла во трето лице, па го гледаш Индијана Џонс и од страна во акција. Играта почнува со воведната сцена од Raiders of the Lost Ark, кога Индијана Џонс ја краде златната статуетка, активира стапица и бега од огромна камена топка. Не постои подобро запознавање со ликот и многу е јако што се одлучиле да го искористат и да го направат игриво. Тоа е буквално начинот на кој цел свет првпат се сретнал со Индијана Џонс и сега имаш прилика активно да учествуваш во една од најкултните филмски сцени воопшто. Многу добро е изведено. Најсоодветниот начин да ти го препушти Инди во овој формат.
Иако ова може да звучи како Indiana Jones and the Great Circle да користи носталгични финти за да се износи себе, воопшто не е така. Се зачудив колку малку играта се служи со референци кон светот на Индијана Џонс познат од филмовите. Секако го потврдува нивното постоење, ама пак е различна од нив како што и тие се самите различни меѓусебно, и покрај тоа што во еден сегмент повторно го користи Египет како една од дестинациите. Приказната е изолирана и самостојна, не е мост помеѓу постоечки приказни, туку го држи статус квото што доаѓа од серијализираниот формат. Многу ме израдува ова, зашто знаеш колку ствариве што излегуваат во последно време имаат тенденција да се мешаат во постоечки приказни и да оправаат криви дрини кај што не треба.
Структуирана е како Индијана Џонс филм, такво е раскажувачкото темпо заедно со сите елементи од шаблонот. Има и спектакуларни филмски сцени во изобилие, ама те инволвира во нив за да не се осеќаш како да играш филм. Слободен си да отстапуваш од линеарниот пат, не те држи на шини и те охрабрува да прошеташ и да истражуваш наоколу. Нема да е префинетото Индијана Џонс искуство доколку не ти дозволи да буричкаш по остатоци од древни цивилизации. Истражувањето некогаш ќе биде наградено со наоѓање на книга што ќе те научи некоја нова вештина, пусулче што ќе подобри постоечка, непријателска униформа за полесно да движиш низ нивните редови или некаков колекционерски предмет. Многу работи ќе најдеш доколку шеташ и тарашкаш.
Те охрабрува да се прикрадуваш, а со тоа доаѓаат и повеќе различни начини на кои можеш да им пристапуваш кон мисиите што инволвираат непријателска територија. Некогаш некои работи најефикасно се завршуваат ако си тивок. Непријателите може да те откријат, можеш да се степаш, да избегаш или да направиш уште поголема беља и да викнат засилување. Слично како во Wolfenstein поновиве, лабаво стелтање е, не е ништо сериозно.
Индијана Џонс не е типичен акционен херој, па поретко користиш огнено оружје. Во ситуациите кога конфликтот е неизбежен, непријателите ќе ги млатиш со лопати, палки, тенџериња, стаклени шишиња, метли и секакви предмети кои ќе ти се најдат при рака. Најчесто од зад грб. Секое оружје се крши, па некогаш сред тепачка ќе мораш да се ослониш на сопствените раце. Голите раце се често главното оружје, па играта настојува разменетите тупаници да се осеќаат и да звучат најфилмски на свет. Го имаш и камшикот на располагање, ама неговата улога во тепачките е на различен начин офанзивна, главната функција му е сепак интеракција со околината.
Се трудев што помалку вакви ситуации да ме дефокусираат од самата приказна, а се неизбежна разонода во Индијана Џонс материјал. Морам да ги пофалам и пазловите. Не иде Индијана Џонс игра без темни катакомби заштитени со невозможни механизми на отварање, затварање и стапици. Не сум некој посветен фан на пазлови, а овде уживав во сѐ што Indiana Jones and the Great Circle ми сервираше. Некои беа лесни, некои ме главеа подолго од што сакав, ама сите што ги сретнав имаа одлични, паметни дизајни.
Многу убаво се вклопуваат сите елементи низ целата играта. Пазлањето, стелтот, тепачките се во постојана хармонија и сѐ од нив функционира тамански. Никогаш ништо не е вишок или половично направено, успеале да најдат некој фин баланс. Има и еден дел од мисија каде што ја успорува акционата динамика, се претвора во 3Д платформер и те остава на раат да истражуваш древен локалитет во џунгла. Милина. Не дека претходно не си раат, ама често имаш некој лик со тебе што може да замара. Тука и најмногу ги изразува влијанијата од старите Tomb Raider, а доколку е намерно, баш симпатично се затворил еден круг на инспирација.
Она што исто многу ме воодушеви кај Indiana Jones and the Great Circle, е начинот на кој ненаметливо користи некои модерни системи. Без непотребни комплексности можеш да се фокусираш на непрекината акција, што на моменти се осеќа како да е игра од пред седум-осумнаесет години. Не си оптеретен со билдови, со некаква мета, комплицирани апгрејди или скраја да е, крафтање. Не дека се безначајни подобрувања, ама мислам дека можев да ја пројдам играта и без ниеден од нив. Освен можеби оној што се активира пред да умреш во тепачка, кога паѓаш на земја и се "оживуваш" чим си го најдеш паднатиот шешир. Барем два пати ме спаси во ситуации кога ме фаќаа жив во непријателски камп.
Презабавна е, многу ми направи мерак. Најдобрата игра што ја играв во 2025. Одамна немав фатено нешто вакво. Намерно се држев да не забегам премногу со споредната содржина, исклучиво ме интересираше како следно ќе се развие главната приказна. Си оставив доволно за второ преигрување, таман кога ќе олабави малку на некој иден Стим попуст. Ова е тоа продолжение што вистински е во духот на трите филмови, нешто како што Alien: Isolation совршено се вклопи во друштвото на Alien и Aliens. Мора да се изигра пак. Има и DLC што го прескокнав, така што ќе го имам и тоа следен пат.
Вакви Индијана Џонс ствари се бараат, достојни да застанат до изворниот материјал. Нешто што ќе држи некое ниво, не како последните два филма. Не можам и не сакам да го гледам Харисон Форд како се гњави да го поноси шеширот на крајот од животната авантура. Индијана Џонс е лик што буквално не функционира така и не старее грациозно. А MachineGames разбрале како може ликот да продолжи да живее, формулата е успешна, па ако склопат уште некоја ваква игра, нема да чекам толку долго за да се осигурам дека не е срање.






No comments:
Post a Comment