October 4, 2024

Пак не можам да ја изгасам Against the Storm

Гледам сум налупал триста и кусур саати за нецели две години. Можеби скромна бројка за ваков тип на игри, ама ништо слично ме нема заглавено вака. Главната фора на Against the Storm е што овозможува покомпактни сесии и со нив така ме навлече уште од првите денови. Не е како Cities на пример, каде што го развиваш градот во "бескрај", туку си временски ограничен и немаш многу простор за емотивно да приврзуваш со тоа што си го создал. Дробиш партија по партија. Некогаш е саат време, некогаш ќе се занесеш пола попладне. Имав цела листа од други игри во жанров што сакав бар да ги пробам, ама никако не стигнав да се одвојам, освен еднаш кратко поради Frostpunk.

Куп работи се сменија во Against the Storm од дента кога се појави на Стим. Тогаш играта уште беше во early access и го чекав секој втор четврток кога вадеа по нешто ново. Нешто повеќе од една година постепено се обликуваше до официјалното објавување во декември 2023. Додаваа и штимаа нови градби, нови раси, модификатори, па и поголеми ствари како "rainpunk" - механика што овозможува користење на разни типови дождовна вода во погоните на градбите како би добиле некоја подобрa функција. Нормално, штосот е што секое такво појачување има последици при главната бура со кои се справуваш на одреден начин, па отворен е нов аспект кој мора внимателно да го балансираш доколку се најдеш во ситуација вака да го квасиш градчето. Интересен систем е, особено корисен на поголемите нивоа тежина кога е неопходна построга оптимизација на комплексниот продукциски ланец. 


Скоро излезе првата експанзија Keepers of the Stone, која и ме поттикна уште еднаш да си помуабетам на оваа тема. Keepers of the Stone распакува многу новини. Се заборавив од листање кога ја пуштив тазе апдејтувана. Намерно се држев настрана од информации претходно баш за да можам домаќински да се раскомотам и натенане да откривам што сѐ содржи. Најглавното се новите човеколики жаби во екосистемот кои си носат свој табиет и градби, и малку се потерсене за одржување од останатите раси. Живеат исклучиво во куќи посебно наменети за нив, бараат чизми наместо кабаници и јадат специфична храна, ама последниве неколку партии додека се трудам да гурнам низ Prestige тежината, се покажаа како одлична работна сила кога станува збор за копање камења. Освен тоа, овозможуваат новите жители да пристигнуваат побрзо што е уште една згодна ствар во раната фаза на градење.
 
Има и нов крајбрежен биом кој овозможува испраќање експедиции на отворено море, па имаш уште еден начин за прибирање ресурси. Во моментов некако поретко го користам, повеќе поради тоа што до сега некако сум се снаоѓал за да не ми требаат толку, ама има и еден коцкарски елемент каде што не би сакал да ризикувам. Веројатно најпогодни се за средина на партија кога имаш вишок храна за товарење експедиции, а ти фали некоја градба или ресурс за да ги пркнеш стварите напред. Функционираат супер како опционална финта на самиот биом. Не е некоја механика што го крши балансот на играта или што ќе ти наруши претходно разработена стратегија. Сите нови работи од Keepers of the Stone се природно вклопени во постоечките системи и суштински е истата игра, само освежена и надоградена.


Освен биомот и жабите, речиси сите новини во актуелнава 1.4 верзија се достапни и за играчи без Keepers of the Stone, што е сосема фер. Не е нешто што задолжително мора да го поседуваш за да ја играш играта како до сега, затоа и цената е скромна, ама тука е за да рашара. Риболовот е една од тие "бесплатните" новини. Имаш рибарска колиба која отприлика функционира како стандардните кампови за суровини, ама ја користиш за новите мали езерца во ледините кои овозможуваат ловење и прибирање различни видови на риби и алги наменети за различни рецепти храна и градежни материјали. Скроз е кул, малку варијација не штети ич, а и тематски лепи некако. Не знам како претходно го немаа ова.
 
Мило ми е што Against the Storm во ниеден момент до сега не ме натера да го преиспитам тврдењето дека е една од најдобрите игри што било кога сум ги играл. Иако одамна се охрабрив да ѝ седнам на нивоа тежина што претходно ми беа незамисливи, упорно ме изненадува со предизвиците во секоја партија. Рендомизираните елементи ја држат постојано пресна, ама со тек на време оформив некоја "стандардна" стратегија чија основа ја модифицирам по потреба и ја користам во повеќето партии. Никогаш не се потпрев на било каков туторијал и откривањето на секој детал ми го направи целото искуство уште подобро. Роуглајк аспектот од Against the Storm ти ги наградува и пропаднатите обиди, така што имаш простор да се подобруваш самостојно без да се осеќаш како да си изгубил време.
 
 
Знам и цел месец да ја оставам, ама секое седнување ми е ептен ќефско, во последно време дури и медитативно. Ниедна друга игра периодов не успела вака да ме изгаси и фиксира. Можеш да ја играш на различни начини и по свое темпо. Сега во ретроспектива ми текна низ колку добар early access период пројде, плус. Иако чепкаа нешто секоја втора недела, никогаш ништо не се скрши и играта остана исполирана каква што е и денес. Немав видено игра што се развива со ова темпо, притоа константно да држи квалитет, особено од толку мал тим како што се Eremite Games. Се гледа дека работат максимално мерачки и посветено, ја слушаат и почитуваат публиката и постојано се стремат да си ја направат играта уште подобра.
 
Ако иднината на Against the Storm е вакви мали експанзии или dlc-иња, како сакаш кажи ги, тогаш нема гајле. Играта е фантастична и во најобичната варијанта, ама не би ми сметало еднаш годишно да биде вака оплеменувана со нов биом или раса. Keepers of the Stone сведочи за тоа како безболно може да се надградува формулата без да го изгуби изворниот облик. Верувам дека Eremite се доволно креативни и дисциплинирани за да ја одржуваат свежа без непотребни компликации. Уште е рано за желби, ама озбилно едвај чекам да видам кај ќе отиде Against the Storm после ова.

Види такоѓе:

No comments: