Пак се раскликав Against the Storm. Неодамна излезе официјално после година и кусур пројдени во early access, а уште во раните денови ми залепи инстантно што не ни пипнав друга слична игра од тогаш. Пристапот кој го има кон жанрот со "брзите" партии е сосема адекватен за слободното време што го имам за ваков тип на игри. Дали си завршил со градење за пола саат или дванаесет, или можеби воопшто не и притоа си ја напнал кралицата, Against the Storm има систем со кој го наградува твојот труд и ти овозможува напредок. Секоја партија е значајна, макар и ако "изгубиш".
Целата игра е феноменална, објаснував еднаш поопширно колку стварно треба да ѝ дадеш шанса некое дождливо попладне. Тотално вреди, не знам дали моментално има позабавно нешто од ова во жанрот, ама конечно минатиов викенд решив да ја одморам на кратко и да видам што друго слично сум имал на списокот. Frostpunk беше прва. Ја посматрам уште од раните денови кога излезе, ама никако не успевав да си го подесам расположението за домаќински да ѝ седнам. Ја собрав и ја поиграв малку кога Епик ја даваа бесплатно. Па, ја баталив за покасно да ја купам на Стим дека полесно ми беше така отколку да оправам заборавен пасворд на платформа што ја "користам" два-три пати годишно за да лапам игри кои и онака не ги ни играм таму. Глупости.
Викендашкото сместување во Frostpunk се продолжи некој саат и низ неделава. Конечно успеав да го завршам A New Home сценариото, односно главната приказна. Таму -150°C, а мене рацеве препотени, ама успеав некои триста и кусур несреќници да ги изгурам низ најладната зима во нивните мизерни животи. Се изнамачивме сите, реално. Приказната во Frostpunk те става на чело на мала група преживеани на кои треба им градиш нов град откако светот е втурнат во вечна зима на која не се отпорни ни најдебелите ѕиври. Се случува во алтернативна, неодоливо кул стимпанк верзија на 19 век каде што технологијата меѓудругото е сведена и на еден огромен генератор на топлина кој треба да го одржуваш активен за да не ти премрзне градот што го развиваш околу.
Групата преживеани ти се состои од обични работници, инженери и деца. Уште не си се ни раскомотил на првиот ин гејм ден, играта ти нуди опција да донесеш закон со кој и децата можеш да ги користиш како работна сила. Неколку дена подоцна добиваш информација дека некој од жителите се самоубил откако му ја ампутирале ногата поради новиот закон за третман на смртно болните. Не сакал да биде терет. Дај си неколку недели и веќе си се затекнал како сурово го малтретираш напатеното мало општество. Имаш пропаганден центар, растураш гневни толпи што протестираат гладни и измрзнати и на крај завршуваш распнат на генераторот.
Изборот со кој си соочен во Frostpunk е помеѓу лош и полош. Играта не се воздржува од постојаното истражување на мрачните аспекти на човечката природа и скоро и да нема некоја морално здрава одлука што можеш да ја донесеш. Такво е мрачно и полно со очај. Единствена весела ситуација е кога ќе видев дека имам доволно јаглен за да го појачам малку генераторот да не измрзне групата што подготвува храна додавајќи пилевина за количински да има повеќе. Луѓе ќе ти умираат по болници, во рудници, од студ и од глад. Нив можеш да им градиш гробишта, ама можеш и да наоѓаш примени за нивните органи.
Ми требаше неколку пати да пробам, да ми се распадне сѐ и да пробам пак. Не знаев колку денови точно има сценариото, а ме затекна и голема бура за која очигледно треба да си спремен можеби и недели претходно. Научив како да ги користам експедициите, кога да ги повлечам и како да градам станици од кои ќе имам прилив на ресурси. Битна работа што ми помогна за конечно да го завршам A New Home е и тоа што се фокусирав на подомаќинско чување и користење на истите тие ресурси.
Јаглен е најбитниот, а упорно го горев непотребно на температури како -40°C зошто не ни знаев до кај ќе тера ладново. Изненади. Веројатно најголемата почетничка грешка во Frostpunk е ако ги следиш "мисиите" кои очигледно неколку пати погрешно ги третирав како туторијал. Во суштина тоа и се, меѓутоа можеш најслободно да импровизираш. Секако адаптација и импровизација се претежно најбитните елементи во ваквите игри, особено ако се тркаш со нешто - во овој случај ниските температури, задоволството и надежта на граѓаните. Па, фатив да градам цркви, курварници и боречки арени наместо да ширам сомнителна пропаганда и да тепам народ по улици. Подруго беше.
Толку ме разгали Against the Storm со тој роуглајк елемент што првин ова сценарио во Frostpunk ми се виде како линеарно, а апсолутно не е. Одредени настани се случуваат "плански", ама имаш многу различни опции за како да пристапиш кон проблемот со кој те соочува. Некогаш треба да решиш дека е поисплатливо да ти умрат пеесетина луѓе од студ за да заштедиш јаглен за другите да ги преживеат следните два дена. Планирањето однапред е исто така важно, особено кога добро ќе си пресметаш колку Автоматони можеш да изградиш за жителите да ти се мрзнат дома наместо во посран рудник.
Frostpunk има уште неколку сценарија и опција да играш додека не се распаднеш и во вистински живот, ама ќе ја оставам до некоја следна зима или можеби никогаш доколку излезе двојката во меѓувреме. Стварно добро изгледа двојката, и трејлерот и гејмплеј трејлерот. Исто како и кецов личи на игра што ќе ме држи буден и кога нема да ја играм, па така што може и да го растеретам списокот до тогаш за побрзо да дојде на ред. Сакам конечно да седнам и на Terra Nil и Timberborn, ама ете упорно ја пуштам Against the Storm кога ќе ми се приигра нешто вакво.
No comments:
Post a Comment