Мислам дека никој не ја заборавил Jurassic Park франшизата, само што сите престанаа да се замараат. Имам впечаток дека интересот за овие филмови е привремен, односно околу датумот на нивната премира. Ретко ќе сретнеш некој возбудено да го очекува следниот Jurassic World филм или да се сеќава на името на ликот што го глуми Крис Прет. Ова маргинализирано присуство на брендот во денешниот мејнстрим најмногу се должи на претходните два филмови. Jurassic World беше практично римејк на оригиналниот Jurassic Park само далеку посув и поглупав, додека Jurassic World: Fallen Kingdom безуспешно се обидуваше да биде иновативен правејќи само погрешни чекори. Веројатно одговорноста за нарушениот имиџ на франшизата е повеќе кај вториов.
Jurassic World Dominion некако успева да ги заобиколи грешките на претходниот, но истовремено воведува еден куп свои кои не му дозволуваат да го истакне забавниот фактор кој можеби лежи закопан некаде во приказната и презентацијата. Уште од самиот почеток филмот не нуди многу логика на која го базира она што се стреми да го раскаже. Диносаурусите сега некако се рашиле низ цела планета и се очигледен проблем за човештвото кое едвај се справува со нив. Како прво, од каде толку многу динасуруси за толку кратко време, а како второ зошто нема војска насекаде да ги лови? Ова не се животинчиња што се природен дел од екосистемот, туку опасни предатори создадени од приватна компанија кои роварат наоколу.
Дури и да успееш да го голтнеш ова како појдовна точка, Jurassic World Dominion не станува подобар од иницијалната идеја. Барем е конзистентен со нешто, ретко да начекам филм што вака смело тера со истото лошо темпо. Морам со ситни спојлери понатаму, ама не верувам дека се страшни и дека некој сериозно смета дека деталите од ова фијаско би можеле да му го нарушат уживањето. Најголемиот проблем на филмот е што се обидува да биде четири различни филмови истовремено, напукани еден во друг. Почнува цели 40 минути со намера да најави неколку паралелни приказни и групи на ликови кои реално немаат причина да се најдат на исто место и исто време, освен за да ја мрднат главната напорна приказна од точка А до точка Б. Сигурен сум дека доколку Dominion се фокусирал на една или две приказни, таа забава што е можеби некаде скриена би дошла до израз.
Ликовите на Крис Прет и Брајс Далас Хауард се обидуваат да врзат некои глупости од минатиот филм, клонирање на луѓе и други непотребни ексалирања на приказна чиј распон можеше да биде многу поскромен, додека триото од оригиналниот филм е на сопствена досадна мисија. Во свет каде што диносауруси газад по Земјата, имаш злобна корпорација која вештачки создала џиновски скаклулци што го јадат житото што не е произведено од нив и сега светот е пред глад и колапс... Мислам, ако воопшто го разбрав ова во целост. Ти шетаат диносауруси низ цел град, а сега ќе нема ни храна? А, клучот на сето ова е лик од минатиот филм што воопшто не ни требаше да постои? Глупаво и нема никаква смисла.
Очигледно Колин Треворо низ неколку филмови не успева да сконта што го прави Jurassic Park толку ефективен и забавен. Не само поради чувството на авантура, туку и факторот на изненадување и мистерија што доаѓа од фактот дека во денешно време постојат живи диносауруси скриени таму некаде. Нивната интеракција со луѓето, како ликовите реагираат на нив, целата таа возбуда и изненадување, бројните прашања и дилеми што ако се измешаат со луѓето. Прашања чиј изоставен одговор ја прават целата тензија и мисијата на ликовите многу поефективна и интересна. Кога ќе ги расфрлаш компјутерски-генерираните диносауруси насекаде и буквално не поминуваат ни пет минути без некој од ликовите да се сретне со нив, се губи целата магија и восхит.
Ниту самите диносауруси се конзистентни во нивното однесување и кој како реагира на нив. Некогаш се како диви коњи што Крис Прет ги лови со ласо, некогаш се неуморни џукели што лаат и бркаат мотори во урбана средина со километри без престан. Леснотијата со која ликовите се справуваат со нив одзема од тензијата која понатаму филмот сака да ја наметне. Сега, се справија со десет диносауруси, еден малку поголем не може да изгледа како ненадминливата опасност со која се соочени. Невозможно е. Мора да поставиш некои правила за да знаеме во која ситуација да се грижиме. Затоа единствената добра сцена во филмот е кога ликот на Брајс Далас Хауард се крие од џиновски диносаурус во вода. Сцената успешно создава непријатност од интеракцијата меѓу луѓе и вакви ѕверови што е карактеристична за оригиналниот филм и ефектот е очигледен. Малку поумерено присуство на диносауруси ќе беше далеку подобро, ама за тоа треба да разбереш што функционира, а што не.
Но, поради тоа што диносаурусите се постојана закана за ликовите што е некако многу штуро презентирана, сцената со "главниот" опасен диносаурус е речиси без никаков ефект. Кога низ цел филм многу лесно се ослободуваат од што и да ги демне, нема никаква причина да веруваш дека следниот диносаурус ќе претставува било каков значителен проблем. Тука е само за уште една досадна сцена. А, кога сме кај досадни сцени, не можам да ги заобиколам Сем Нил, Лора Дерн и Џеф Голдблум. Нивниот придонес во Dominion нема никаква разлика. Дали ќе беа сите тројца или само еден или па сосема друг лик, филмот ќе се одвиваше идентично. Не само што нивните сцени се лошо напишани, туку и самите актери не ги глумат истите ликови од претходно. Без никаков труд.
Едно е да го гледаш Алан Грент, друго е кога ќе видиш како Сем Нил дошол да тезгари и да си оди дома малку побогат. Франшизата е уште со "свеж" наслов, благодарејќи на нанадминатиот квалитет на Jurassic Park кецот, за да би можела да се шлепа на носталгија од ваков тип. Реално, тие ликови се најефикасни во склоп на нивните филмови и приказни. Кога ќе ги извадиш надвор од таа рамка без некоја добро смислена наративна причина, ти остануваат само актерите што се "преправаат" дека се тие.
Сепак, очекував да гледам глуп филм. Тоа и го добив. Ако се наштимаш доволно добро со расположението, може и да извлечеш забава додека ги броиш сите глупости што ќе ги сретнеш тука. Ако бараш интересен филм со диносауруси, има два-три подобри филмови во целата франшиза. Ако следиш некаква приказна што е заеднича за целава нова трилогија, не постои такво нешто. Мислам дека реално толку и може Jurassic како концепт. Освен првиот филм, остатокот е вишок. Едноставно приказната е таква, капацитетот е премногу ограничен за да можеш да ја цедиш без да изгуби добар дел од тоа што навистина е. Паметни луѓе би сопреле тука, меѓутоа и јас и ти знаеме дека ќе има уште по некој Jurassic филм низ годините додека сме живи, а веројатно и после тоа.
No comments:
Post a Comment