July 13, 2020

Опсесијата со Astroworld

Веќе цела година нема ден без да преслушам нешто од Astroworld, третиот албум на Тревис Скот. Дури и да не ми отсвири цел, задолжително свири некоја избрана група на траки. Албумот излезе летото 2018, ама не успеа да ми кликне на првите слушања. Изостана и од тогашната моја "плејлиста за лажни рапери". Околу година покасно додека ја средував музичката колекција решив да му дадам уште една шанса пред да го снема и од таму. Наместо тоа, Astroworld ми се всади засекогаш меѓу омилените воопшто, па од "неразбирање на трап жанрот" завршив со некоја речиси морбидна фасцинација со таков албумски примерок.

Иако основата на Astroworld е траперска, Тревис Скот никогаш не го држи звукот стрикно лимитиран на едно место. Целиот албум е шарен, вибрантен и неприкинато разигран. Постојано се случува нешто што го движи и анимира општиот амбиент, било тоа да се интензивните психоделични мелодии или аутотјунираните вокали кои некогаш смело извршуваат функција на засебен инструмент.


Всушност, целиот овој музички рингишпил ја пакува главната движечка инспирација на Astroworld. Албумот е инспириран од истоимениот забавен парк кој постоел во Хјустон додека Тревис Скот бил дете. "АстроВорлд" е срушен во 2005, а Тревис Скот кој никогаш не го преболел тоа што му го одземале на градот, со неговиот Astroworld се обидува да го оживее и преслика цело тоа искуство во музички концепт. Тематски, албумот секако не е за убавите спомени од светкави ролеркостери, ама можеш да  осетиш како си поигрува со одредени аудио мотиви и прави јасна паралела.

Возењето е феноменално и покрај тоа што можеби никогаш нема да си кликнеш со текстовите и темите со кои се занимава. А, не се ни труди нешто особено да ги доближи на начин на кој ќе ги разбереш. Тревис Скот веќе не е малото скромно дете од Хјустон што се обидува да се пробие на сцената што дави со лични теми за идентификација. Лирички, Astroworld обликува гламурозен рокенрол свет претежно несфатлив за обичниот човек, ама во еден удобен гостопримлив амбиент каде што не може да не ти е пријатно доколку ќе ја прифатиш општата идеја. Ако го пуштиш албумот, веќе си се качил на реквизитите што ги нуди овој забавен аудио парк.

Само што ќе почне "Stargazing" веќе знаеш дека нема симнување додека не сопре. Знаеш и дека не е секогаш за тематиката, туку и за расположението кое го создава. Дури и тоa спротиставување на музиката и текстовите ми е крајно симпатично. Кога ќе чујам вакви психоделични инструментали обично очекувам некој како Onoe Caponoe да рипне со поеднакво забегани теми, но Тревис Скот вешто ги проработува звучните подлоги без премногу да отстапи од сопствената реалност.

"Stargazing" иако е една од позанимливите ствари, не е ни отприлика пример за каков е Astroworld како целина. Ама, тука започнува и тоа носталгично трагање по загубениот "АстроВорлд" парк кое како суптилен мотив вибрира до крајот на албумот, коегзистирајќи со дрски парчиња како "Who? What!", на пример. Има некоја чудна меланхолија што се мотка околу и повремено отцепува друга димензија од Тревис Скот. Како некој друг пулс од неговото детство што дошол на албумот со копнежот по "АстроВорлд", можеби непокането и ненамерно.

Има еден таков момент на крајот на "5% Tint" каде што албумот за конечно ми прозборе и сфатив дека е многу повеќе од тоа што е видливо на површина, само што не го фатив тоа ептен првото слушање. Не знам како. Кратката мелодија со која завршува таа песна почна да ми предизвикува еуфорија и ежење по врат, онака секое слушање, а кога нешто такво ќе ти се случи со музика мора да копаш подлабоко и да пробаш да најдеш како и зошто.

Astroworld има повеќе такви "паузи" за интроспектива, спознавање и можеби потрага по сопствен "Луна парк". Знаеш, како кога на непознатo место ќе се сретнеш со познат. Усната хармоника на Стиви Вондер со која се одјавува "Stop Trying to be God" или хипнотичките сајзери на крајот од "Astrothunder" се убав пример за како Astroworld остава простор за едноставно да земеш длабок здив од панаѓурската гужва и бука. Фајронтската "Coffee Bean" има сличен ефект, но со сосема поинаков пристап.

Неограничениот пристап до продуценти и разни музички гости овозможил беспрекорен звук, дури и кога се чини дека има моменти каде се комплетно препуштени на експериментирање и импровизација. Секое парче од Astroworld е дело на десетина различни луѓе, нешто што ме тера да мислам дека создавањето на албумот било многу слично My Beautiful Dark Twisted Fantasy од Кање. Complex имаат една многу убава репортажа за снимањето на тој албум што милион пати сум ја читал и не престанува да ме фасцинира. Штета што документарецот за Тревис Скот, Look Mom I Can Fly едвај нуди поглед позади завесата на Astroworld, ама се надевам дека еден ден ќе добиеме фино склопена приказна за како настанало ова бескрајно шармантно ремек-дело.

Уште не сум убеден Тревис Скот е таков музички гениј како неговиот ментор и баџанак Кање, чии пак влијанија се очигледни на албумот и можеш да чуеш каде точно го дал својот благослов. Но сепак, очигледно е дека одлично ги има изрежирано сите учесници на Astroworld за да си ја овековечи визијата. Некогаш и такво спроведување на креативен импулс е клучно за успех. Како домаќин е исто феноменален. Astroworld прибира куп гости ко на куќна слава, ама онакви како Drake, The Weeknd, James Blake, Kid Cudi, Frank Ocean, Swae Lee, Tame Impala, Migos, 21 Savage, Don Toliver и други чија задача е вокално да ги оплеменат инструменталите и во ниеден момент не се чувствува дека некој е вишок.

Мислам дека нема песна што The Weeknd не ја направил поубава. Сериозно, залепи го на било што и чуда прави, растура и склопува одново. Затоа "Wake Up" се двои како една од повпечатливите на цел албум и веројатно е една од најприземјените. Истовремено е и The Weeknd песна и песна од Astroworld. Има и супер спотче режирано од Џона Хил лично, замисли. Но, од сите гости мислам дека во моментов најмногу сум навлечен на Дон Толивер во "Can't Say".  Штета што дечкото до сега функционира најдобро како гостин. Супер беше и кај Еминем на Murder, ама едвај до пола му го издржав соло албумот.

А, пази. Astroworld денес не е само албум. Во 2019 се случи и како фестивал, естетски спастрен да потсеќа на непрежалениот забавен парк. А, на промотивната турнеја Тревис Скот користеше и различни реквизити на сцена, ролеркостери и слично, што ирелевантниот Томи Ли проба да го наклевети за плагијат, како некој да се сеќава дека некое старо глам рок прдало некогаш лупал бубњеви на сличен ролеркостер. Темата е преглупа, онака ја спомнувам попатно во контекстов, испадна дека иста фирма ги правела сценографиите и на двајцата. Повеќе на линков ако те фура жолт печат.

Веројатно секој артист во кариерата достигнува една точка од која не може понатаму. Astroworld е тој магнум опус на Тревис Скот и албум со кој ќе бидат мерени сите други негови. Тргни од тоа што сам го кажува за албумот и како лично го доживува, до енергијата што неприканто пршти од секое ќоше во овие седумнаесет песни. Знам дека многумина се крстат во Rodeo, ама сметам дека Astroworld е најзрелото и најамбициозно дело на Тревис Скот каде што очигледно го вложил секој свој атом. Цел албум е слој врз слој врз слој и упорно секое преслушување изненадува со нешто ново. Не звучи како ништо друго претходно, особено не во жанр што знае да биде хомоген, а сигурен сум дека влијанијата од овој звук допрва ќе се чувствуваат.

No comments: