March 23, 2017

Три филмови со Луис Тосар

Очигледно се зацапав подлабоко во шпанскава кинематографија отколку што мислев дека можам. Ми се отвори еден сосема нов филмски свет што претходно изгледа не го приметував од што ми се имаа марвели испрчено пред екран и сега сум како дете во продавница за играчки.  Да, и мене ми е симпатична мојата нова фасцинација со шпански филмови. Е, сега не сум доволно оформен како претенциозен ескперт за европски филм за да извршам прописна нужда врз блокбастерите што сум ги финансирал со одење во кино до вчера, ама веќе имам омилени наслови и барем еден актер што можам да го одвојам настрана.

Луис Тосар. Не само што е актер со еден тон остварувања зад себе, туку и е музичар. Талентот му го приметив во Sleep Tight и морав да проверам за какви други улоги е способен. Мислев дека ќе пројде време додека го одвојам од ликот на Цезар, но не. Петнаесет минути од следниот филм и веќе престанав да мислам на  тој психопатски домар. Не ми е јасно како до сега Тосар нема интернационална кариера како неговото добро другарче Хавиер Бардем. Еве, ќе претпоставам дека иако двајцата се речиси подеднакво квалитетни, Тосар ја имал таа несреќа да биде физички грд. Жалам, Тосар. 

Од спремното списоче најдов време да изгледам три филмови со него. Стварно има многу и луд подвиг е да фатиш ги гледаш сите, па се одлучив за неколку чија приказна ми изгледаше најинтересно. Заклучокот е дека се снаоѓа со секакви улоги, повеќе му лежат антагонисти секако, а неговиот сиров талент помага да се износат и некои подосадни сценарија. Затоа, ајде кратко да ги промуабетам тие што ги гледав, без спојлери, нели.



Cell 211 покрај тоа што ми се наметна како еден од најдобрите не-англиски филмови што сум имал прилика да ги гледам, се залепи и за листата на најдобрите чие дејствие е сместено во затвор. Сега си лежи таму заедно со The Shawshank Redemption и Papillon. Филмот почнува со првиот ден на работа на нов млад чувар во озогласена казнено-поправна установа, кој колегите го шетаат низ одделението каде што се сместени најпроблематичните затвореници. Хуан уште не успева ни да ја облече униформата кога во затврот избива бунт при кој е повреден, а колегите немајќи време и прилика да го пренесат во болница, го оставаат крвав во празната ќелија 211. 

Веќе погодуваш дека Хуан треба да се преправа дека е нов затвореник доколку сака да го преживее гневот на затворениците кои и не се баш наклонети кон чуварите. За кратко време, успева да се спријатели со водачот на бунтот, бруталниот но харизматичен Маламадре кој го глуми Луис Тосар, се разбира. Без многу детали, Cell 211 е многу повеќе од оваа иницијална идеја. Прилично храбар филм, со моќна порака за пријателство, лојалност и како еден трул општествен систем може да ти го сврти животот на глава доколку се затекнеш на погрешно време во некоја погрешна грозна дупка.

Иако насетував каде би можела да се движи приказната, не бев спремен за еден емотивен шамар што Cell 211 ми го нанесе кога најмалку очекував. Од оние што привремено ќе те упропастат, па не можеш со саати да си дојдеш на себе. Бонус поени одат за Марта Етура, девојката од Sleep Tight, како и за Алберто Аман. Опасно глумчиште, планирам наскоро да ја разгледам и неговата филмографија. 



Филмов е доказ дека освен заебани негативци, Луис Тосар умее да игра и грижлив родител чиј сопствен живот и животот на неговите деца се доведени во прилично незавидна ситуација. Овде е Карлос, банкар кој можеби не е најчесниот човек на светот, но си ја сака фамилијата. Додека едно утро тргнува да ги носи децата на школо, добива анонимен повик од глас кој му кажува дека на седиштата во колата со која се превезуваат има бомба што ќе експлодира доколку не префрли одредена сума пари на таа и таа сметка. Секако, бомбата ќе експлодира и во случај некој реши да стане или да се направи паметен на друг начин, односно да викне полиција. 

И, секако, префрлањето на пари што не се твои преку телефон и со две уплашени деца на заедното седиште не е баш толку едноставно како што очекува гласот од другата страна. Retribution e напнат, интензивен трилер кој претежно се случува во возило и предизцикува онаква непријатни чувства што сум ги осетил во филмови како Speed, "Shut Up and Dance" епизодата од Black Mirror, па дури и оној Phone Booth со Колин Фарел што ми е единствениот поднослив негов филм и ми е исклучително добро виновно задоволство.

Тосар е брилијантен и тука, а филмов е одлична прилика за да му ги приметиш актерските способности и можноста да пренесе милион различни емоции во толку ограничено време. Retribution има некои ситни маани и знае да го загуби моментумот повремено, но тоа воопшто не пречи за саат и пол тензична вожња. Буквално.



Доколку To Steal from a Thief се задржеше на нивото со кое почна и така фино тераше некаде до средина, ќе бев поубедлив со препораката. Вака, немам што многу пофално да кажам. Филм каде што група криминалци ограбуваат банка во која меѓудругото се наоѓа и депозит на влијателен политичар кој крие компромитирачки материјали што би можеле сериозно да ја размрдаат државата звучи интересно и возбудливо. Идејата е одлична, но To Steal from a Thief не успева да направи многу со тоа.

Потенцијалот е огромен за да се создаде приказна со заговор од огромен размер, ама неколку лоши одлуки на сценаристите кои силно се одразуваат и на ликовите, некаде на пола го вклучуваат тивкиот аларм кој ја сигнализира просечната реализација и досадниот крај. Немаше воопшто да се мачам да знаев дека ќе си заминам вака со празни раце. Да, сакам да правам референци за комичен ефект кои се однесуваат на елементи од приказната кои не се спојлери, ама не се ни смешни. 

Сепак, Тосар и Родриго де ла Серна прават сè што можат да го направат филмот позабавен, па ако ништо друго вреди за да видиш како функционира префинета актерска хемија помеѓу двајца луѓе кои се заложници на досадни реплики испрдени од некој што се обидувал да протне дневно политичка критика.

2 comments:

vasilz said...

Еве ги со Хавиер Бардем тука. Одличен филм.
http://www.imdb.com/title/tt0319769/

Бојан Николов said...

Да, го видов го планирам! Фала! :)