February 13, 2017

The Expanse е сè уште најдобрата научно-фантастична серија во последните неколку години

Има тековни научно-фантастични серии, не е дека сме без ич, нема простор за жалење. Не се сите добри секако, барем мене не ми се, ама aко решам да одвојам време за нешто, гледам да биде исплатливо. Westworld, на пример, беше кул цела сезона. Да научев лекција од времето на Lost, ќе се поштедев од читање на сите теории за приказната кои и во случајот на Westworld излегоа точни и ми ги расипаа изненадувањата, ама не можам сeкогаш против сопствените глупави постапки. Си се заокружи толку фино, што стварно не осеќам било каква потреба за втора сезона.

Но, втората сезона на The Expanse ја чекав од моментот кога заврши првата. Не знам колку гласно треба да викнам дека е најдобрата серија од овој тип после првите две сезони на Battlestar Galactica за да ме чујат тие што поради било кои причини решиле да ја заобиколат, а сигурен сум дека ќе им се допадне. Не дека ми е премногу битно, ама некогаш ме нервира кога нештото не го добива вниманието кое толку регуларно си го заслужува. Пред да навлезам во благо-спојлерска територија, да кажам само дека со три епизоди од втората сезона, The Expanse успеа да го надмине целиот сетап од претходната.


Првата сезона правеше многу работи во исто време. Мислам дека ни визуелната гозба што ја нуди во моментот кога ќе стапнеш во тој свет, не успева да надомести за конфузниот наратив на почетокот. Понатаму, откако веќе ќе ти легне темпото, работите почнуваат да стануваат позабележливи. Расплетот на крајот од првата сезона отвори други нови прашања кои втората сега воопшто не губи време да ги одговара. Дали научиле нешто од публиката која не беше толку наклонета или таков е текот во книгите на Џејмс Кори што серијата ги адаптира, не знам, ама овој пат е поинаку. За среќа, тоа значи и подобро во случајов.

Очигледно, SyFy не само што не штеди на буџетот за The Expanse, туку веројатно се обидува да ја направи серијата "подостапна" со постегнат наратив. Повеќето точки од првата сезона се споија во накурчената милитантна фракција на луѓето од Марс кои се секоја епизода поблиску до планетарна војна со Земјата. Нивниот фанатизам и ја отвора оваа сезона, во една од најубаво изрежираните епизоди кои сум ги видел на телевизија во последно време. Тензијата е одлично пренесена и баш ме занима како ќе се развива тој конфликт ако воопшто ескалира на некое посериозно ниво.


Бактеријата од Феба, или како што ја викаат тука, протомолекула, испадна дека е од вонземско потекло, нешто што не беше целосно јасно околу инфекцијата што практично го сјеба цел Ерос. Дури има и група луди научници од кои дел потсеќаат на Кригер од Archer што активно работеле на проучување на протомолекулата и како може да се истражи за човештвото да има некаков бенефит од тоа. Но, досегашното искуство и не покажа некои корисни својства, па оттаму и повеќето пиздарии. 

Три епизоди се можеби премалку за серијата да го потврди статусот кај мене, ама ова што го видов беше доволно за да го насетам правецот во кој се движи. Ликовите се супер, Том Џејн е најголемиот шизик надвор од планетата во моментов, планетарната политика е доволно интригантна за да те тегне ококорен низ епизоди, а визуелниот дел е ништо помалку од спектакуларен. Дури и науката со која се занимава изгледа веродостојно во контекстот. Можеби ќе почне да шмука магарешки јајца во иднина, еј можеби уште во следната епизода неделава, но до тогаш нека остане запишано тука дека е најдобрата СФ серија во последните, колку се веќе... десет години?

No comments: