February 25, 2017

Нолановата Бетмен трилогија

Додека DC и Warner Bros. неделава жилаво се обидуваат да најдат начин како би ја скрпиле продукцијата што ќе го обликува самостојниот Бетмен филм со Бен Афлек, седнав и ја изгледав The Dark Knight трилогијата на Кристофер Нолан. Ретко ги гледам по ред и во растојание од неколку денови, ама ми се стандарден дел од годишниот филмски репертоар. Трилогијата е еден од оние материјали што при речиси секое гледање ми нудат нови ствари низ кои можам да тарашкам. Иако тематската основа врз кои е изградена е прилично прецизна, наоѓам некои ситници и детали што можеби ми се промакнале или сум ги подзаборавил, а ќе успеат да ми се наметнат како фасцинантни. Со малку филмови сакам да го правам ова, а особено уживање ми се Бетмените на Нолан.

Со оглед на тоа што немам некое префинето мислење за ломотењето на Crapwerk во пораните години, уживам и кога ги преиспитувам ставовите на младиот јас. Местото на кое го имав запишано првиот впечаток од Batman Begins денес веќе не постои, ама има едно тромаво "извинување" на блогов. Благо речено, не го сакав Batman Begins кога излезе. Како дете растено со Бетмените на Бартон и со дискутабилно разбирање на филмската уметност, ми беа потребни години за да сконтам што навистина е филмот. Не бев единствен што беше затекнат неспремен за тој реалистичен третман на суперхерои, меѓутоа отсуството на тонот на кој бев претходно научен, некако потешко го прифатив. 


Не ми кликна од прва што точно Нолан прави со Бетмен. И, многу касно, после неколку гледање, години читање Бетмен стрипови и навлегување во неговата суштина, ми се разјасни. Најважната работа што Нолан брилијантно ја погодува е оној момент од историјата на ликот кога тој престанува да постои како Брус Вејн и ја започнува трансформацијата во Бетмен. Делот од Брус што умира таа ноќ заедно со неговите родители е моментот каде што е засадено семето, а Нолан грижливо го расте низ првата половина од филмот. Просторот кој Нолан си го дава и умешно го користи за ваков покомплексен развој е и она што го одвојува Batman Begins од следните шарени филмски остварувања кои се занимаваат со зачетокот на нивниот суперхерој. Нолан нуди прописна причина за постоење на лик како Бетмен.

Брус Вејн тука има само идеја која е произлезена од неговиот гнев. Да ја одмазди смртта на неговите родители и да делува онаму каде што правниот систем потфрлил. Методологиите за спроведување на таа идеја не му се баш најдобро промислени, ниту пак може да ја види линијата помеѓу чиста одмазда и спроведување некаква алтернативна правда. Тука доаѓа делот каде што Нолан ги вади неговите повеќенаменски ликови, како Ра'с Ал Гул и Рејчел. 

Ра'с Ал Гул, покрај тоа што му овозможува на Брус да го исцрпи сопствениот физички, борбен потенцијал, го ослободува од неговиот иницијален страв, го инспирира за симболот кој подоцна ќе се обиде да го изгради во Готам, функционира и како достоен негативец. Но, Рејчел е таа која што го воспоставува балансот кај Брус нели, да остане на вистинскиот пат и да не биде само уште една Готамска нуспојава како што е Џокерот.


Тематски, Begins гравитира околу стравот како елемент. Речиси сите нишки од филмот поминуваат или се потпираат на тој концепт. Затоа и Скеркроу толку природно се лепи на амбиентот. Во моментот кога си ги поврзав точките и престанав да кенкам за Пингвинот како главен негативец почнав да го ценам филмот. И, најјакото, како и со многу други идеи чиј корен лежи во Begins, и тоа се вклопува во кругот кој Нолан го затвора со The Dark Knight Rises.

Пак ќе се потсетам на оној муабет што го спомнувам во The Dark Knight Rises постот, за магионичарскиот трик. Залог, пресврт и престиж. 'Пресвртот' би требало да е некаде во The Dark Knight, доколку нели Нолан свесно го следел тој нацрт изваден од The Prestige, a некако со секое следно прегледување на трилогијата повеќе ми се чини дека можеби е навистина така. Она што Брус се обидува да го остави како наследството кое ќе ги успокојува граѓаните на Готам е симбол во кој тие ќе може да најдат утеха. Вo The Dark Knight е свесен дека Харви Дент би можел да понуди надеж и спас за градот, но е затекнат од закана со која Дент не би успеал да се справи.

Не само што хаосот персонифициран како Џокерот е преголем залак за Дент, туку и самиот станува негова жртва. Ова некогаш ми беше најголемиот проблем со The Dark Knight, тоа што многу лесно се ослободи од Дент, меѓутоа подоцна ми се расветли дека е само (битно) средство преку кое Џокер докажува сегмент од неговиот "план". Дека без разлика кој си и што си, можеш да бидеш претворен во чудовиште со мала помош, или како што вика Алан Мур, потребен е само еден лош ден. Воедно, преку Дент, Нолан ја потенцира и дуалноста како лајтмотив кој го држи целиот филм.


Но, Нолан не ни пробува да создаде трајни негативци, бидејќи кога приказната ќе дојде до 'престижот' во третиот акт, ти текнува дека ни Брус Вејн не е вечниот Бетмен. Бетмен е идејата и митот, а оваа трилогија не е само за почетокот на Брус Вејн како Бетмен, туку и за неговиот крај. Крај кој е секако различен од оние финални верзии на Бетмен во стриповите, но ова овде е прераскажување на тој фолклор на друг медиум во помал размер.

Можеби 'Пресвртот' e во крајот на The Dark Knight, кога Бетмен "не умира како херој, туку живее доволно долго да се види себе како негативец". Жртвата е голема, но е сепак изедначена со неговиот идеал. Последниот негов предизвик во The Dark Knight Rises е и она што конечно ќе го бетонира како мит. Робин референцата на самиот крај можеби беше евтина фора, и ако простам веројатно ќе изгледа симпатично, ама некако во моментот кога филмот со тонот е далеку надвор од тоа парче стриповска територија, се појавува само за изненадно да те боцне во око. Во филм кој е поблизок до реалниот свет, најмалку што очекував е некој да помисли на Робин, а не па да го спомне во било каков контекст. Едноставно можеше и без тој глуп детал, Нолан брате.

Верувам дека некогаш во иднина ќе видам и друга квалитетна филмска Бетмен итерација. Можеби уште во The Batman со Бен Афлек. Ми се свиѓаше неговиот Бетмен во Batman v Superman, но таа франшиза оди во друга насока со малку поинаков тон. Тон, што некако занимливо е инспириран баш од Нолан, како и еден куп други филмови кои го прифатија тој мрачен реализам. Затоа и оваа трилогија е толку значајна, можеби и меѓу најзначајните филмски остварувања во поновата историја. Барем во последниве петнаесетина години. Не само што го ревитализираше суперхеројскиот жанр (зажаливме за ова денес, додуша), туку измисли и нова школа за правење филмови. Веројатно ни Daredevil серијата немаше да биде тоа што е без стилското влијание на Нолан.


Aктерската екипа е феноменална во сите три. Со оглед на тоа што ликовите се централниот дел во овие Бетмени, не е изненадувачки тоа што често пати ја засенуваат акција. Филмовите се повеќе драма отколку што се крими трилери или акциони спектакли. Кога акцијата е во фокус, Нолан користи практични ефекти за да ги направи и тие сцени да изгледаат пореално. Пример е сцената со брканицата во The Dark Knight каде што на крајот се превртува камион на улица. Знаеш кој дел е компјутерски генериран од таа сцена? Она кога Бетмен од Тамблерот излегува со мотор. Затоа функционира толку добро.

Ми се свиѓа Алфред во трилогијата. Никогаш претходно во Бетмен филм, Алфред не бил повеќе од батлер. Да, Бартон и Шумахер успеваат донекаде да го прикажат како човекот кој се грижел за Брус по неговата смрт, меѓутоа кај овој Алфред на Мајкл Кејн е баш убаво доловено како го правел тоа. Овој Алфред е спремен и да го излаже Брус, односно да ја скрие вистината од него, само за да го поштеди од некои ствари кои би можеле дополнително да го сјебат и  поместат од колосек. Симпатична ми е и онаа врска на Брус што ја има со Лушс Фокс во првиот дел, кога оди кај него неколку пати да бара воена опрема за "нуркање во пештери" или целата сцена во The Dark Knight кога типот од Вејн Ентерпрајз ќе сконта или претпостави кој навистина е Брус Вејн и ќе се обиде да го уценува.

Ова е некаде во периодот кога уште не бевме уморни од Морган Фримен како токен црнецот во секој блокбастер, па успева да блесне без некое такво "надворешно влијание". За разлика од него, Гери Олдмен е секогаш, секогаш практичен во било која улога, така што веројатно нема да згрешам ако кажам дека неговиот Гордон е ништо помалку од совршен. Тоа што дури и физички изгледа како скинат од страница од стрип, е доказ дека Нолан комплетно ја разбрал улогата на Гордон и неговото место како важен составен дел од делувањето на Бетмен.

Леџер ќе остане ненадминат. Дури и да не завршеше така трагично, што е можеби бизарен фактот дека тоа му даде некоја посебна тежина на The Dark Knight, не верувам дека ќе се најде некој што наскоро ќе може да парира на таа улога. Далеку од тоа дека не постои друг квалитетен актер и режисер што ќе знае да извади Џокер од истиот, меѓутоа уште се осеќаат вибрациите од присуството на Леџер. А, поминати се скоро десет години.

Види такоѓе: 

1 comment:

Unknown said...

Многу добро - се што сум мислел баш како што би сакал да го опишам чуството кон Бетмен на Нолан е наведено во постов. Си изумил да нафрлиш збор-два само на константниот бекап од прекрасната музика на Зимер која вози низ долгите сцени.