October 10, 2010

Inception (2010)

Со оглед на тоа што Нолан до сега и да нема промашено филм од тие неколку, влегов во кино со големи очекувања за Inception. Гледав да не ме стигне хајпот околу филмов, отидов само со изгледан трејлер и без прочитана рецензија.

Плотот ми беше добро познат, идејата е генијална, а со такви актерски имиња нормално е да се очекува солиден филм. Леонардо Ди Каприо, преводи група на луѓе кои се способни да влегуваат во соновите на луѓето со цел да извлечат нешто или да всадат некаква идеја. Технологијата не е битна, бидејќи беше нормален дел од светот во кој што се случуваше филмот, така да нема воопшто да зборам за тоа - сосема е во ред. Првите дваесетина минути се супер, се запознаваме со ликовите, со нивната работа и приказната се развива интересно. За жал, на крај останав рамнодушен, без прашања околу филмот и со заклучок дека гледав само еден обичен блокбастер.

Искрено, очекував малку подлабок филм, со покомплеска приказна и некаква посериозна философија. Филмот има многу слична идеја како The Matrix, поставува некои прашања за реалноста и постоењето, но го прави тоа на многу површен начин, направен да биде лесно разбирлив за секаква публика. Значи, ништо интригантно, ништо комплицирано, со линеарна приказна завиена во неколку слоеви да изгледа дека е нешто којзнае колку замрсено, но воопшто не е така. Очекував филм што ќе треба да го гледам барем уште еднаш за да разберам што се случува...

Реализацијата е одлична, со исклучок на напорните акциони сцени. Тотално беа непотребни во толкаво изобилство. Приказната ќе беше подобро раскажана ако се обратеше повеќе внимание на дијалози отколку на долги и досадни брканици низ снежни предели. Како сценариото да не страдаше и без нив... Сериозно, немаше ниту една реплика која ми остана во глава, ме натера да се замислам или ако ништо друго, барем ќе звучеше кул. А, ликовите се еднодимензионални, во ниеден момент не се загрижив дали некој ќе изгине, ќе заврши во лимбо или ќе се разбуди. Филмот си го покажа потенцијалот уште на почетокот и за жал си го сруши заедно со зградине.

На крајот, Inception е само просечен филм, забавен и ништо повеќе од тоа. Веројатно хајпот и името на Нолан си го направија своето, па филмот затоа добива толку големо внимание. Споредбите сo The Matrix ми се неизбежни, бидејќи цело време додека го гледав имаше моменти каде што лесно можеше да се улови влијанието. Не дека и The Matrix е оргинален, но барем имаше многу повеќе да понуди од ова.

5 comments:

Losteech said...

Не ти се наоѓа крајот. :)
Мене ми беше супер филм. :) Дури и подобар од очекувањата.

Random nobody said...

@Bojan What you said. :)
Тотално просечно.

Damien Krsteski said...

Прво и основно, воопшто не треба да очекуваш нешто којзнае колку длабоко од филмот, затоа што пред се е замислен како heist филм со сај-фај позадина. Тоа е како да бараш длабоки мисли и философски моменти во Ocean's 11. Дечките влагаат, ги зимаат компирите и бегаат :-)

Што незначи дека нема паметни и thought-provoking делови.

Целата акција што ја изведуваат е пропрскана со научни елементи и food for thought концепти. Начинот на кој подсвеста е претставена и на кој е прикажана манипулацијата со туѓи мисли и идеи е феноменално смислен. Место преку кабел у мал мозок, тука се е тоа суптилно изведено и мајсторски прикажано. А акционите сцени се тука за да биде филмот позабавен.

Тоа што форумаши на интернет одма кога ќе видат луѓе што летаат у воздух и супер специјални ефекти одма викаат „Матрикс„ незначи дека овие два филма треба да се споредуваат. Два сосема различни жанрови, со различна научна позадина, претставени на сличен начин.

Се на се, филмот е ептен забавна акција, каде психолошки концепти се прикажани (точно и научно) на преубав визуелен начин. После долго време да гледам филм во кино и да несакам да заврши. 9.5/10.

Нигета said...

Се согласувам со Damien Krsteski за манипулацијата на свеста дека е феноменално измислена и како се тоа е многу логички направено со влагањето преку левели и терањето на мозокот да прифати друга реалност. Филмот има многу детали што го прави интересен за повторно гледање. Инаку таа е филозофијата ко Матрикс, Дарк Сити, Мементо. Нема некоја подлабока поента филмот несакав ни да има затоа што мразам оскаровски филмови пуни со поенти. Сепак филмот го сфаќам ко забава и возбуда. Поенти барајте у книги. Инаку за акцијата претерана е малку али нели филмот мора да напраи пари high budget e.

Данче said...

Мене ми се допадна идејата што ја разработува филмот, и се гледа дека ептен е посветено внимание на тоа детално да биде објаснето.
Ама во право си дека ликовите се млитави и недефинирани, се е некако премногу сконцентрирано на Коб а филмот трае 2 саати и има купишта непотребна акција (на делот на планината ќе заспиев, толку беше неинтересно). Можеле тие 2 саати подобро да искористат.