Подолго време си го штелував мозокот за шпанскиот Fermat's Room. Мислев дека е од оној тип на филмови како Primer за кои ти е потребен чист ум и максимална концентрација. Не сум многу запознаен со модерната шпанска кинематографија, го сакам Los Cronocrímenes ете, па овој математички трилер ми изгледаше како прилика да ѕирнам што се случува на таа сцена. Почетокот на Fermat's Room комплетно успеа да ги оправда очекувањата од она малку што го знаев за филмот. За жал, како што течеше дејствието, сконтав дека гледам нешто кое не е толку "паметно" колку што сака да веруваме дека е.
Приказната е за четворица врвни математичари, повикани на состанок во мала соба откако ќе решат логичка задача, за да ја работат на "најголемата енигма". Нивниот домаќин, кој го користи псевдонимот Ферма, од нив бара да го држат собирот во тајност, да не зборуваат за тоа кои се надвор и притоа да користат слични псевдоними позајмени од имиња на математичари од историјата. Откако Ферма ќе ја напушти малата соба, четворицата се соочени со нови логички и математички проблеми кои мора да ги решаваат на табла за кратко време. Со секое пречекорување на периодот од една минута, даден за да се најде решение, собата ја стеснуваат хидраулични преси од сите четири страни, за неколку сантиметри.
Во моментот кога ликовите ќе сфатат дека се наоѓаат во стапица, паралелно почнуваат да работат на проблемите кои доаѓаат од малиот електронски уред и на теории за причините кои ги довеле во ваква животна опасност. Тензично да, меѓутоа Fermat's Room потфрла кај самите загатки кои се премногу тривијални за да бидат предизвик за луѓе како што се ликовите. Добар дел од нив се добро познати во математичките и програмерските кругови. Толку се популарни што колеги програмери ги имаат среќавано по интервјуа кај претенциозни македонски фирмичиња кои себеси се доживуваат како светски софтверски гиганти.
Тука некаде филмот го губи финиот залет, па од нешто што толку ревносно се расфрла со Голдбаховата хипотеза, се претвора во ребус што ќе го сретнеш во списание за на ќенеф. Пресвртите на крајот не ги очекував, барем не сите, а ги има премногу, па му фрла некој "шпанска сапуница" тон на целиот потенцијал. Fermat's Room е секако забавен и возбудлив филм, но ако и само ако, знаеш што да очекуваш и си спремен да прогледаш низ мааните кои толку вешто се обидува да ги скрие.
Балансот за среќа доаѓа од самите актери и нивното интерпретирање на ликовите, како и феноменалната режија и кадрите во тесниот простор, меѓутоа ако бараш нешто што ќе ти го предизвика интелектот, ова не е вистинското тоа. Но и покрај просечноста, вреди за едно гледање, се разбира, па дури и за уште едно ако си убеден дека нешто можеби си пропуштил. Или, па едноставно ако ти се гледа филм што е како разводенет Saw, само без хоророт кој доаѓа од крвта и насилието.
No comments:
Post a Comment