14 години пред дејствието во Surrogates, група научници предводени од д-р. Лајонел Кантер (Зефрам Кокрејн), започнува експеримент кој сосема ќе го промени светот. Крајниот продукт се Сурогатите, машини кои луѓето можат да ги контролираат од дома, преку соодветна апаратура, и кои би им овозможиле да ги прават сите секојдневни работи, без да бидат (баш) физички присутни. Првенствено наменети за физички хендикепирани лица, Сурогатите стануваат се повеќе популарни и достапни буквално за секој. Со текот на годините, речиси секој користи Сурогат направен според сопствениот лик (или по своја мерка) и го управува лежејќи дома. Криминалот е опаднат за 90%, а повеќе и нема жртви во сообраќајни несреќи, бидејќи ако нешто му се случи на Сурогатот, сопственикот нема да настрада, едноставно ќе набави нов. Дури и армијата ќе може да користи Сурогати, управувани од истренирани војници.
Идејата секако дека звучи интересно, меѓутоа за да биде филмот допадлив, ми требаше некое време за убаво да ја впијам, за да прави смисла. Прашањата што мене ми се наметнаа додека го гледав Surrogates, најчесто беа во врска со тоа како толку бргу толкав процент од човештвото успеал да ги прифати, целосно излирајќи се од скоро секаков контакт со живи луѓе? Покрај новиот мрзлив светски поредок кој "оди"по цигари доле до продавница управувајќи Сурогат, во САД живее мала група луѓе кои ги отфрлиле овие машини. Бунтовниците, предводени од Пророкот (дебел растафаријанец, го глуми Винг Рејмс) се малцинство кое живее буквално без никаква технологија и се во прогон (ги викаат 'meatbags').
Каде доаѓа Брус Вилис тука, си реков и јас. Брус Вилис е детектив (нормално) кој исто како и повеќето, ги решава случаите од дома, преку неговиот Сурогат. Како што спомнав погоре, доколку Сурогатот "умре", неговиот сопственик останува жив, а за здрав - тоа е дискутабилно. На улиците низ кои шетаат САМО Сурогати, се појавува некој со специјално оружје кое не само што ги убива Сурогатите, туку ги убива и луѓето што ги контролираат. Брус Вилис, покрај сите проблеми што ги има во приватниот живот, а ги има повеќе и не му е баш лесно, го губи својот Сурогат и додека му набават нов, принуден е да ги решава убиствата со неговите живи, од крв, месо и сало, раце.
Surrogates има интересен пресврт, нема да кажам како ќе се одвива понатаму. Очекував пресврт од самиот момент кога почна приказната, само што не успеав точно да предвидам што ќе се случува. Затоа и ми се свиѓа филмот, не одеше до крај со сите клишеа. Секако, Брус Вилис мора да има и некоја акциона сцена, така да не сме поштедени ни тука. За среќа, умерено, акцентот е повеќе на некои други ствари. Исто така, секогаш се радувам на високобуџетни амбиции кои завршиле како 'B movie', кој ќе биде култен за десетина години, иако сега му се смеете. Идејата за филмот е сосема океј во тие рамки, па дури и не се обидува да биде нешто повеќе.
За второ гледање - вреди. И, покрај тоа што делува претенциозно и сериозно, воопшто не е. Релаксиран филм. На фанови на Асимов, може и ќе им се свиѓа. :)
Филмот е базиран на стрип за кој незнам ништо.
No comments:
Post a Comment