January 12, 2025

Бидување зелен во Terra Nil

Сега брзо се истоштив со Wolfenstein II: The New Colossus. Неверојатно досадна игра и криво ми е што свесно изгубив време за да ја завршам. Напорно ми е веќе и да зборам колку е шкарт и како Wolfenstein приказна и општо ко пуцачина. New Order и The Old Blood се класи над. Веќе не ни сакам да знам каква е Youngblood, ама од тоа што видов изгледа дека некако им успеало да направат уште поголема глупост. Стокмена ми е новава Indiana Jones and the Great Circle од истото студио, ама ете никако да дојде денот.

Изгледа не можев да пуштам подобра игра од Terra Nil за да се прочистам, а богами да подзачистам и една цела планета таму. Ми требаше нешто вакво лабаво и релаксирачко. Terra Nil се занимава со трансформирање на пост-апокалиптичен пустош во жив, расцутен екосистем со богата флора и фауна. Не е типичен сити билдер ко Cities или менаџмент на колонија. Не е ни како Against the Storm, ни Frostpunk. Има малку полежерен пристап кон "жанрот". Зад Terra Nil инаку стои Free Lives, истото студио што пред десетина години ја склопи Broforce.

Има некое свое ниво на комплексност и предизвици кои пријатно ме изненадија, меѓутоа воглавно е многу полабава, па и пократка - како со времетраење, така и со механики. Тоа што го има е одлично спакувано и ако одвоиш време да дадеш шанса, ќе ти ја награди секоја помината минута. Може малку и ја потценив при првата мисија, ми се виде некако преедноставна, ама за бргу ми расчисти дека и не е баш. Во следните саати веќе се најдов закован, спремен да видам на што следно ќе си ја чешам главата и каде ќе барам карпа да инсталирам уште една ветерница.

Како изгледа една Terra Nil мисија? Епа, главната идеја е живнување на скурцана планета од која практично е останата само токсична земја и вода. Има петнаесетина мисии кои се отприлика целата игра, можеш да ги преигруваш за 100% комплетирање и на различни нивоа, ама не гледам дека има мод каде што можеш да играш до бескрај. Мапите секако се процедурално генерирани и различни секој пат. Секоја од нив има три фази кои мора да ги завршиш за победа, ама пак ќе ја имаш истата цел.

Во првата фаза мора да ја прочистиш и зазелениш почвата и доколку има океан, да го прочистиш и него. Прочистувањето и позеленувањето е преку посебни структури, ресурси кои ги добиваш со тактичко поставување на машинеријата околу. Некогаш немаш ни земја, ни вода, па почнуваш еден чекор поназад со ископување од дното на океанот. Некогаш имаш сѐ, ама има радијација со која треба да се справиш пред да почнеш со градење. Различно е за секоја мапа, некогаш ти се сосема други алати на располагање. Terra Nil жонглира механики за секоја партија да двои и да не ти се смачи. Откако доволно голем дел од мапата е спремен, глацнат и раззеленет, следува фазата на создавање биоми. 

На почетокот е едноставно, првиот биом кој треба да го создадеш е обична шума. Како што напредуваш станува покомплицирано, па понатаму кроиш ствари како џунгли, тундри, плажи, корали и секое од нив има посебен процес со повеќе чекори што бараат поголемо планирање. Најважниот ресурс во Terra Nil е просторот. Полимитиран си отколку што можеби изгледа, а мисијата бара од тебе повеќе биоми паралелно. Лесно е кога ќе ги сконташ чекорите на процесот и ќе научиш како правилно да ги позиционираш стварите низ кнап простор. Неколку пати морав да преуредувам за да спасам партија, да кршам карпи, да горам шуми и да спроведувам реки и океани на места каде што претходно имало лава. Некогаш и едноставно почнував пак од ново.

Во втората фаза биомите ги населуваат и разни животни. Климата можеш да ја манипулираш, а освен за некои градби и машини, одговорна е и за фауната на мапата. Некои животни и биоми бараат соодветна температура, други одредена влажност на воздухот или дожд, па ова можеш да го штелуваш во зависност од потребите. Воглавно, животинскиот свет е многу мал дел од главниот услов за победа, ама можеш да се зезаш и да создаваш услови за разни животни. Секако повеќето ќе дојдат и лесно ќе преживеат без многу замарање, ама имаш опционални мали мисии кои ќе ти овозможат 100% комплетирање на регионот доколку сите животни ги одржиш среќни и весели. 

Откако се формирани сите биоми кои мапата ги бара од тебе, почнува последната фаза. Тука треба да ја рециклираш целата твоја машинерија, градбите и сѐ што не е "природно", да се спакуваш во вселенскиот брод и да киднеш од новоформираниот пејсаж без да оставиш траг од технологија. Terra Nil има посебни механики за расчистување. Ако чистиш со бротче треба да ги смислиш водните површини по кои ќе го движиш, а доколку ти се погоди мапа што се чисти со железница, тогаш треба да врзуваш разни точки за да проаѓа вагон. 

Некои мапи се чистат со летечки дрон и таму нема којзнае каква стратегија, ама добро е за да ти го прошара искуството на мапата. Супер е ако успееш и раскревањево да го испланираш во првата фаза, ама ако не ги знаеш спецификите на биомите, може да биде многу понепредвидливо. Играв една мисија што ми ја спаси земјотрес со тоа што ми отвори простор за дел од биом неопходен за победа.

Затоа и ми се свиѓа Terra Nil толку. Има едноставни системи и механики кои паметно ги користи и комбинира. Нема некој комплициран микроменаџмент, продукциски ланци или ситуации со кои треба да се справуваш во реално време. Најчесто сам го диктираш темпото, имаш време да подишеш и убаво да испланираш. Дозволува да се опуштиш, ама не и да задремеш. Можеш да дремнеш само откако ќе го напуштиш регионот, има опција да го оставиш тоа што си го направил да си тера ко скринсејвер. Бара повеќе внимание и стратегија, не е ко Townscraper или таквите каде што буквално само ја црташ околината.

Стварно е убава игра. Дизајнот е предобар, музичето лабаво, а цела машинерија и жив свет е заведен и организиран во симпатична тетратка која можеш во секое време да ја отвориш и пролисташ. Штета што Terra Nil е некако кратка и практично можеш да ја комплетираш на едно седнување. Претпоставувам некои од "пазловите" се рачни и смислени со дефиниран предизвик за да се вакви какви што се, ама многу би сакал да видам опција за послободно создавање природа. Има простор и потенцијал за да стане поголема. Ако не заглавам пак на Against the Storm, следна од овој фазон на игри ми е The Wandering Village

Види такоѓе:

No comments: