April 10, 2017

Kong: Ѕkull Island е џиновско забавно срање

Да, ама на почеток мора да расчистиме некои ствари. Kong: Skull Island не е добар филм, тоа еве ќе го признаам. Исто како што летоска нагласив дека се напалив како млад мајмун на трејлерот, па стандардите ми беа спуштени неколку нивоа подоле. Не онаму каде што треба да ти бидат за да уживаш во Transformers филм на пример, ама доволно за два саати да издржам генерички ликови на кои неколку познати актери едвај се трудеа да им ги читаат глупавите реплики. Дали тоа е цената што треба да ја платиш за да го видиш Кинг Конг како шлапа хеликоптери со раце што му летаат низ дома? Секако, зошто да не. Се тепа дури и со древен џиновски октопод.

Kong: Skull Island отвора за време на Втората светска војна. Двајца пилоти, Американец и Јапонец, чии авиони се срушиле во џунгла, се обидуваат да се убијат меѓусебе додека не ги прекине џиновскиот примат кој домаќинува со островот. Сцена што веројатно ненамерно ме потсети на синематикот од Mists of Pandaria, ама задоволно се насмеав. Пред да се расветли нивната судбина, филмот се сели на крајот од војната во Виетнам од каде и продолжува до самиот крај. Причина за да има некаков благ Apocalypse Now вајб, на моменти дури и малку исфорсиран, меѓутоа не ми пречеше зошто функционира со целиот несериозен тон на филмот. Барем не пробува да биде воен филм во Star Wars универзум, океј?


Затоа и бев кул со целиот тој ветерански рокенрол одред предводен од Ник Фјури, кои со платеникот Локи, онаа што ќе биде Кептн Марвел, Џон Гудмен и неколку неискористени ликови кои ги претставуваат малцинствата во САД, што тргна во лов по Конг и чудовишта слични на него на проклет остров што го нема на мапа. Триесет и седум ликови се премногу за било каков филм, еј дури и Suicide Squad се испосра со помалку, но кога веќе ги гледаш истите во секој втор, е како да се четири-пет. Замижав зошто Skull Island не штеди на чудовишта, а има доволно за да го избалансираат импровизираното сценарио. 

Референците кои се насочени кон заедничкиот универзум со американскиот Godzilla и го најавуваат следниот филм (или франшиза?) беа повеќе отколку што очекував, но културно камуфлирани во приказната, што некогаш едвај се приметуваат. Освен ако нели, не ја земеме задолжителната бонус сцена после крајот на филмот. Ми се допадна и тоа што овој пат ја испуштија романсата помеѓу Конг и генеричката плавуша, ама сигурен сум дека сепак нешто се случило надвор од сцена зошто имаше некои сомнителни ишарети помеѓу нив двајца. Сепак, не би сакал да шпекулирам и оговарам, може беа само другари.

Насетив и дека не само што Skull Island референцира унија со Годзила, туку веќе им гради и заеднички непријател на него и Конг. И, не само организацијата Монарх, туку и чудовишта против кои ќе се борат откако ќе разменат неколку тупаници, згради и автобуси во Godzilla vs. Kong. Дај им уште неколку филмови и верувам дека ќе се здружат против монструми кои доаѓаат и надвор од планетава, не само од под земја. Забавно ми е. Барем додека она што сакам да го добијам го нудат во разумна мера. Не е нешто што може да стане испрдок како Марвелине, зошто е испрдок уште на сам старт. А, доволно е профитабилно за да штанцаат филмови што еве, ветувам дека ќе ги плаќам и по два пати. Џиновски конзумеризам, јеј. 

Види такоѓе:

No comments: