Ја разгледував архивата од последниве години на Crapwerk и не ми е јасно како во 2015 сум успеал да објавам 141 пост. Само во март таа година имам дваесет и тоа не се сите онакви три реда муабет. Некои комотно би можел да ги потпишам и денес. Ако си имаш читано свои пишуванки знаеш колку тапа можат да звучат покасно, било години или саат-два. Ама најдов еден што баш ме окези, нешто лупетам за тогашниот нов Продиџи албум. Некои ситуации што таму ги објаснува младиот јас ми се уште посмешни од оваа перспектива. Колку бизарно брзо летна времево. Неверојатно. Кит Флинт умре во меѓувреме, ние подостаревме, а широкиот Продиџи дуксер веројатно денес би ми бил кнап.
Од цела 2024 ќе имам скоро слична бројка и причината не е само поограниченото време и тоа што одамна сум малку попребирлив околу консумирање на глупости. Изгледа ми требаа само осумнаесет години за конечно едно друго хоби да ги јаде слободните саати алоцирани за блогирање. Сакав бар да напишам за мојот албум на годината, Absolute Elsewhere од Blood Incantation, да го подрвам за Shogun, да составам листа од омилените хорор филмови од последните неколку години и да објавам уште едно купче забаталени игри за ПлејСтејшн кец, ама не стигнав. Ни за новиот на Еминем ништо.
Привршувам со правење на игра. Се вика ШТРЕК и е 2D платформер. Мала и кратка, ама игра е, и планирам да ја објавам наскоро. Сакав eден од многуте прототипи што хобистички ги шљакам во Unity да го исполирам во некој покомплетен облик за колку да осетам фази од процесот кои ми беа комплетно непознати, па се одлучив за најминималистичката идеја зошто уште со време сфатив дека и тоа ќе биде подвиг. Тешко е да правиш игри, уште потешко е кога ќе се прелажеш дека ќе оди мазно само затоа што знаеш да кодираш. Не е ни отприлика слично со мојата денска програмерска професија. Освен тоа сам цртам и анимирам, а не сум некој уметник вака да речеш. И тоа го учев попатно. Толку се можеше засега, среќен сум што најдов едноставен визуелен стил со кој што можам да се справам и притоа да не изгледа многу шкарт.
Работам натенане. Се трудам да е педантно, водам и аналогна евиденција и документација. Не е дека немав будни ноќи заглавен на глупости, ама уште учам куп ствари во процесот и ми е максимално интересно. Огромен дел од работите што ми беа како цел ги штиклирав, останува уште оваа моментална етапа на полирање, шминкање и поправање ситници по која ќе има барем уште една тест рунда. ШТРЕК не е најсвежата и најкомплексна ствар на свет, ама ми беше неопходна за да ме стави во форма да бркам нешто повеќе во следното.
Играта веќе пројде неколку итерации и неколку фази на тестирање од разновидна публика и сум неизмерно благодарен за сечиј фидбек и сите што одвоија време да иштракаат. Ќефски беше да видам како некој друг поти контролер на ова. Имплементирав колку што можев од забелешките кои имаа смисла и веројатно верзијата што сега ја имам пред мене е отприлика најблиску до таа што ќе биде достапна јавно. Задоволен сум. Многу од тоа што го извлеков овде е стокмено за нов, посериозен и поамбициозен проект кој веќе зазема облик и време е ШТРЕК да оди кон следната етапа за да му ослободи простор. Најавава ете нека притисне да забрзам малку, а во меѓувреме секако се читаме.
No comments:
Post a Comment