October 3, 2017

За почетокот на Star Тrеk: Discоvеry

Толку многу сакав да ми се свиѓа Star Trek: Discovery што ги свртев неколку пати првите три епизоди за да најдам нешто што ќе ме привлече, а да не е само визуелниот спектакл. Иако немав никакви очекувања, малку се надевав дека и во 2017 Star Trek може да биде онаков каков што Џин Роденбери го замислил. Инспиративен, оптимистички и со утописки визии за иднината. Но, не баш. Очигледно Discovery е продукт на своето време, каде што дипломатските потези и етичките квалитети на Пикард се заменети со валкан воен конфликт помеѓу Федерацијата и Клингонците. Форматот на серијата е прилагоден по денешните телевизиски стандарди, но со тоа сум сосема океј.

Најголемиот проблем со Discovery ми е тоа што е повторно со дејствие сместено пред оргиналната серија. Веќе го видовме тоа во Enterprise, а ни Џ.Џ. Абрамс не се прекрши да ја однесе приказната понапред. Star Trek е петнаесетина години надвор од своето природно телевизиско живеалиште и сега кога е пак таму, големото враќање е повторно со чекор наназад. Не ми смета тоа што технологијата изгледа помодерно, ниту освежениот изглед на Клингонците, секако дека не очекувам стиропорни карпи на планетите и шарени сијалички на бродовите, меѓутоа кога веќе визуелниот дел е толку напреден, што беше проблемот приказната да се одвива години после Voyager?


Првите две епизоди едвај ги сварив на првото гледање. При следните процесирања ми се разјасни колку всушност се полни со вулканска логика ако го земеме во предвид современиот пазар и она што според извршните продуценти е Star Trek во денешно време. Џ.Џ. Абрамс ја редефинираше франшизата за нова публика. Без разлика колку старите штребери загризаа, а според бројките профит, имаше и од таму доволно стврднати брадавици за тоа да доживее трилогија, на помладата публика им се понуди еден поинаков, акционен Star Trek облик. Discovery гради баш врз истото, обидувајќи се да задоволи повеќе генерации со различна претстава за Star Trek.

Кога ќе го додадеш и трендот со "замрачена" телевизија и општо моменталниот тон на поп кулутрата денес, идентитетот на Discovery комплетно е оправдан. За тој старошколски дух, ете имаме The Orville, но тоа нека остане тема за некоја следна прилика. Диверзитетот никогаш не бил стран за Star Trek, не ни очекував екипажите на бродовите да бидат фокусирани на нешто друго освен жени и малцинства, но изненадувачки ми е тоа што првпат капетанот на бродот ја нема главната улога. Но, денеска од поп културата се научивме да навиваме за измачени протагонисти со помал статус, така што веројатно и ова е океј.


И, покрај сите овие работи, Discovery изгледа како пропуштена прилика. Да, третата епизода даде ветување дека е можно и во таков гнасен сетинг да се истражува "нов живот и нови цивилизации", но мислам дека тој календарски лимит што самата приказна го наметнува, ќе ја спречи серијата комплетно да отиде таму каде што не била ниту една друга Star Trek серија до сега. Секако, голем испад нема да ме изненади, но не верувам дека ќе е нешто што би можело да има големо влијание на универзумот изграден со петте серии и десетте филмови претходно. Има еден супер момент за тоа како потребите на војната ја придвижуваат технологијата напред и го собираат научниот крем, па се надевам дека ќе пристапат посериозно кон ова како основа за понатаму.

Третата епизода беше многу повеќе Star Trek од шашавиот пилот, иако претежно изгледаше како омаж на популарна научна-фантастика. Приметив влијанија од Alien, преку Battlestar Galactica, па дури до The Expanse, кои случајно или не, беа присутни. Единствената нова работа, со скенирањето на здив за идентификација и не беше толку импресивна за да инспирира деца кон наука кои подоцна ќе го менуваат светот, како што нели, тоа ефективно го постигнуваат претходните итерации на Star Trek. Тој момент ми фали, не е доволно само да биде забавно. Има доволно други серии кои го нудат ова што моментално го гледам во Discovery.

Останувам да гледам и понатаму, не сум толку многу разочаран од почетоков за скроз да баталам. Каква и да е во моментов, возбуден сум што воопшто има нова Star Trek серија. Допрва треба да ме запознае и натера да се грижам за ликовите, па и да ме убеди дека грешам во врска со приказната и целиот контекст. Можеби сепак има 'вистински' Star Trek некаде под целото ова кој допрва ќе ми биде откриен.

1 comment:

Андреј Спасовски said...

И ја вака некако. Многу повеќе сакам да ми се свиѓа отколку што ми се свиѓа. Има моменти, ама целина малце послабо. Фали оптимизам, фали хумор. И главнава е супер лик...за у некоја друга франшиза, не за Трек.