Да не го начекав трејлерот за Herdling деновиве, FAR: Lone Sails сигурно ќе си подремеше уште некоја година така неинсталирана во колекција. Додека се наканам да ја играм излезе и втор дел, мислиш којзнае колку било тешко да одвојам два-два и пол саати. Кратко линеарно искуство е. Подолго имам зјапано во редиците за скршените сервери на New World. FAR: Lone Sails се проаѓа на едно седнување, aма условите ми се погодија такви да морам да ја расцепкам на неколку пократки. Не дека одзема од искуството, меѓутоа до некоја мера е блиска со игри како Journey и ABZÛ кои се поефективни ако ги спукаш наеднаш.
FAR: Lone Sails е таква кратка приказна каде што како централен лик управуваш едно парно возило низ постапокалиптичен свет, односно исушено дно од океан. Концептот е едноставен, главната механика се врти околу одржувањето на машината за да движи напред. Иако речиси рутински се шеташ низ неа и штракаш копчиња, толку добро го имаат погодено ритамот што е неверојатно задоволително за играње. Собираш гориво, го носиш до апаратот што го претвора во енергија и трчаш на долниот спрат за да стиснеш копче што ти ја движи машината напред, а повремено испушташ пареа за да не избие куршлус.
По пат налетуваш на препреки што ги премостуваш со кратки едноставни пазли, по кои во неколку наврати добиваш разни додатоци за машината. Ќе собереш едра за да го користиш ветерот кога горивото нема да е доволно, ќе добиеш апарат за поправки на механизмите кога нешто ќе се скурца и слични ситници за управување и интеракција кои спречуваат патувањето да западне во монотонија. Препреките се убаво распоредени да улетаат баш кога ќе осетиш дека веќе доволно возиш и се различни една од друга, така што нема некоја единствена механика за нивните пазли што е апсолутно кул момент. Некогаш "препрека" се и самите временски услови и природата, ама сега да не откривам премногу.
Предноста е на амбиентот во кој ти и твојата машина осамено движите кон финалната дестинација. Кога ќе изброиш дека повеќе луѓе работеле на звуците и музиката отколку самиот девелопмент тим, ќе ти стане јасно колку овој аспект е важен за FAR: Lone Sails и колку Okomotive настојувале да го погодат да е вака добар. Играта не само што изгледа феноменално и има фантастична палета на бои, туку и саунд дизајнот ќе те шлакне со еднаков интензитет. Отсуството на било каква нарација остава простор за сам да се обидеш да си ги дадеш одговорите за како светот се нашол во оваа ситуација, а околината нуди доволно визуелни насоки за да ти се распламти имагинацијата.
Ни крај памет дека вака ќе се привзам со возило од игра и тоа за некои два саати, ама ете сме. Без два реда дијалог, без ништо успева да те седне и да ти даде простор да поуживаш во тишина дур се возакаш низ онаков распад од свет, како да си последниот останат во него. Не е воопшто лесен подвиг, ама малата екипа од Okomotiv очигледно знае како. Сигурно ќе ја изиграм уште еднаш додека излезе Herdling, топтан со продолжението FAR: Changing Tides. Вака што како од пештера излезен препорачувам игра излезена во 2018, ама играј ја обавезно ако ја немаш играно до сега. Една од најдобрите вакви е.