July 23, 2021

Трета шанса за Guild Wars 2

Два пати претходно сум пробувал да играм Guild Wars 2 откако основната верзија стана бесплатна. Првиот пат ми беше забавна некоја недела, па ми здосади, а вториот пат дружењето траеше уште пократко. Иако и тогаш ми беше визуелно привлечна, ужасно лошата презентација на приказната, сомнителниот дизајн на опремата и репетитивниот гејмплеј некако ме избркаа назад во еден друг поголем MMORPG свет. Вториот пат беше кога пролетоска шалтав низ разни MMORPG наслови таков потиштен од тоа колку е срање Shadowlands.

Неделиве додека ја чекам New World во август и одлучив дека ќе ја пропуштам бетата, решив да ѝ дадам трета шанса на Guild Wars 2 пред конечно да си го олеснам хард дискот со просторот што ми го зафаќа. Бидејќи бесплатната верзија дозволува само два карактери, тој Некромансерот мораше да го снема. Направив Инжинер. Сакав да пукам со нешто, а Ренџерот не ме завлече нешто многу. Веројатно сум премногу навикнат на сличната класа во WoW, која очигледно тука и не е баш слична.

Почнав од почеток. Два пиштоли во рака, пушка, мантил, бандана или шеширче. Местиш и мали машинчиња околу што пукаат во сѐ ќе проба да ти се приближи. Најинтереснa ми е од сите класи тука што ги имав играно претходно, а сега можам и да си го гледам карактерот без да ме печат очи. Guild Wars 2 има малку дискутабилен упадлив дизајн на опремата. Пред да го здувам Некромансерот беше облечен како дворски шут со некои розеникави бои. Секако, можеш да го смениш тоа во нешто попристојно, ама ни самата класа ни ми беше особено забавна за да се замарам. 

Мислам дека конечно се подзакачив на Guild Wars 2. Дали од што немам друго MMORPG за играње или не сум оптоварен додека ја играм, не знам, ама се фаќам како секој ден пукам по саат време. Да можев повеќе да си дозволам, сигурно ќе седнев подомаќински. Има многу за правење. Сега ми е интересно да се акам низ светот и лабаво да левелирам до 80. Дизајнот на зоните е предобар. Претходно го немав видено вака, цела игра ми личеше како само кентаури и шума да има. Огромно е, а на прв поглед не личи така. Имав некој проблем што не е целосно отворен свет како WoW, ама транзицијата од зона во зона и не е толку страшна. Зоните се доволно разновидни за да имаш впечаток дека не си во едно одвоено место. 


Ми се свиѓа и што се осеќаат како вистински голем свет. Тоа е важно за вакви игри, да можеш целосно да се внесеш во амбиентот и пријатното музиче, да пропатуваш дистанца за авантурата да ти биде позначајна. Нешто што веројатно го немам видено во MMORPG од Mists of Pandaria навака. Последниве години повеќето избегнуваат негативен простор во дизајнот на зоните, а многу е важно за општото искуство. Глеј Blizzard колку го направи Азерот клаустрофобичен во последните експанзии. Тесно и збиено, вртиш кругче еден саат и си ги исчистил сите квестови. Знам дека го дрвам ова во секој MMORPG муабет на Crapwerk, така што не би пак.

Guild Wars 2 можеби е сиромашна на митологија или барем не ја презентира доволно вешто за барем на мене да ми ја доближи, ама после пола ишпартана Тирија (така се вика светот кај што е сместена играта) приметувам дека некои работи не се така нафрлани како што ми изгледаа. Има детали ако сакаш да чепнеш, само проблемот е што главната приказна ми е многу одбивно сервирана и не можам да се натерам ја отседам до крај. Фаќам делчиња од таквите квестови колку да не сум без ич, ама до сега за жал не налетав на нешто претерано забавно. 

Главните квестови не се со текстче како во WoW или целосни сцени како Star Wars: The Old Republic, туку шлакнати се двата ликови (ти и тој што ти го дава квестот) врз статична позадина и зборат и зборат и зборат. Барем почесто да имаше опции за дијалог да е малку поинтерактивно и RPG. Експозицијата не се одвива баш во "светот" и затоа одма губам фокус. Сумирано ти е отпосле што треба да правиш, ама не е доволно за ти е сосема јасно. 

Засега не ми е ни толку битно, забавата ми е во истражување и споредните квестови што ги правиш низ Тирија и се "автоматски". Не треба да ти ги трупне некој, тука само треба да ги приметиш на мапа и ако ти се прави тоа - терај мајсторе. Немаш огромен квест лог со лимит на колку можеш да имаш активни. Имаат дури и мала приказна, колку онака да ти даде причина зошто треба да собереш десет свински чмарови. Механика што Blizzard ја собра покасно во Warlords of Draenor и ја фура до ден денес, само малку покилаво. Покрај другото, светот скалира околу тебе ако си поголем левел, па секогаш можеш да се вратиш назад и да ги чистиш зоните. Guild Wars 2 ги користи сите постоечи, ништо од старото не е забаталено како во WoW, на пример.

А, кога сме веќе кај кој од кого што собрал - Guild Wars 2 има динамични ивенти како во RIFT. Има и босови низ светот што се поретки и на кои им се собираат и по стотина луѓе да ги млатат, ама пак некако се репетитивни во однос на RIFT. RIFT ме разгали со разновидност во динамичните ивенти, додека овде веќе точно знам на кое место што ќе се случува. Четири пати го собирав истото ѓубре на истото место за истиот лик, седум пати го бранев истото селце од истата група кентаури и секој ден го штитам истиот караван. Не е лошо, ама здосадува после некое време. Можеби треба да се помирам со тоа дека ниедна друга игра нема да изведе динамични ивенти како RIFT.

Ми се свиѓаат и главните градови или што и да се Холбрак или Лајонс Арч. Огромни се и личат баш на градови. Еднаш ќе стапнеш во нив и Стормвинд и Оргримар ќе ти изгледаат ко извиднички кампови. Морам пак со WoW да споредам ете, тоа ми е бенчмаркот за жанрот. Секоја раса во Guild Wars 2 си има посебна естетика и одлично се рефлектира на целиот дизајн на светот. Архитектурата е препознатлива, а секое населено место баш фино успева да го дополни визуелниот мотив. Не е најоригиналното нешто на светот, ама не е ни толку генеричко како што може да биде во некои слични игри.

Комбат механиката е исто многу кул. Сите класи кои што ги пробав имаат лимитиран број на спелови, па не си оптварен со 40 икони за кликање на цел екран како во старите WoW експанзии или денешен SW: TOR. Тепачките се флуидни и брзи, а секое различно оружје има сопствени спелови. Има огромен простор за штелување, така што кога ќе ти здосади извесен стил, можеш да го модифицираш во нешто што ќе ти биде позабавно. Друга работа што Guild Wars 2 ја прави одлично се тепачките под вода. Во моментот кога ќе влезеш под вода, имаш комплетно нови спелови адаптирани за подводна млатња. Многу кул механика е ова, немам сретнато нешто вакво во друга MMORPG игра.

Guild Wars 2 е бесплатна. Има две експанзии и неколку DLC "епизоди" што ја надополнуваат приказната и ти тргаат неколку ограничувања што веројатно се битни откако ќе стигнеш до 80ка, ама до тогаш можеш скроз лабаво да си ја тераш. До сега не осетив дека сум ограничен со било што освен бројот на карактери. 30$ е целиот комплет експанзии, ако ме држи уште некое време планирам да ги фукнам. Нема претплата, нема ништо, а има еден тон занимлива содржина. Освежувачки некако ми дојде играва и сигурно ќе ја играм додека не излезе New World. Можеби секогаш била вака добра Guild Wars 2, ама не сум можел да приметам.

No comments: