November 8, 2022

Околу Terrifier кец и два

Замисли, во 2022 налетувам на вест дека луѓе повраќале и се онесвестувале во кино на Terrifier 2. Иако сум сигурен дека не е ништо повеќе од обичен маркетинг, макар и да е органски создаден, фасцинатно ми беше што воопшто во денешно време среќавам нешто што некогаш било својствено кога хорор жанрот бил тазе и публиката не била навикната да гледа интензивно графичко насилство на филм. Сплатер хорор како поджанр не е ништо ново, ама изгледа толку е надвор од мејнстрим во последниве години што не би ме зачудило и некој озбилно да се препотил на сцена каде што прснало некое око или нечии црева се шлакнале на под.

Терминот доаѓа од описот на култниот Dawn of the Dead на Ромеро од 1978 и подоцна служи да етикетира концепт каде што хоророт извира од насилно упропастување на човечки тела. Имав една фаза во младоста кога ги вртев сите вакви филмови. Од првите Evil Dead филмови, преку Re-Animator, Braindead на младиот Питер Џексон, па сè до поновиве како Hostel или The Human Centipede од бранот кога жанрот завзема малку поинаков облик благодарејќи на Saw серијалот. Ги имам изнагледано сите гадурии. Cannibal Holocaust, Ichi the Killer... Крајната граница ми е веројатно A Serbian Film, тоа немам волја да го пуштам. 

Поентата ми е дека имам желудник за вакви филмови. Затоа ова со Terrifier 2 не ме загреа додатно, ќе го гледав во секој случај, ама интересно ми е како создава услови малку да го размрда жанрот во периодот кој следи. 2022 беше зачудувачки дарежлива со хорор филмови. Од македонско-австралискиот You Won't Be Alone до Barbarian, имаше неколку добри наслови оваа година. Дури и петтиот Scream ми беше супер, па и Nope на Џордан Пил не беше лош. Можеби треба да склопам една листа на сè што изгледав.

Првиот Terrifier од 2016 практично комбинира два хорор поджанрови. Во суштина е традиционален слешер, меѓутоа количеството на брутални, крвави експлицитни сцени комотно го сместува и во таа другата категоризација која е многу повеќе изразена во продолжението од 2022. Terrifier кецот е независен нискобуџетен филм, делумно базиран на претходно антологиско остварување на режисерот Дамиен Леоне од 2013, All Hallow's Eve, кој уште не сум се наканил да го гледам. Таму и првпат се појавува главната ѕвезда на Terrifier, садистичкиот нем кловн Арт кој во оваа прилика им е случајно намерачен на две девојки на Ноќта на Вештерките.

Ако те ежат кловнови, Арт е можеби најзаебан од сите што ќе имаш прилика да ги видиш. Со само 35000$, Леоне скрпил ужасно неизвесен филм што е максимално ефикасен и покрај сите жанровски тропи и отсуство на позначителна приказна. Нема приказна што сака да ја раскаже, нема мотиви што се обидува да му ги прилепи на Арт или да ги претстави ликовите како нешто повеќе од негови жртви. Филмот е само сиров лов на луѓе на слабо осветлени клаустрофобични локации и солидни специјални ефекти каде што претпоставувам отишло и поголемото парче од скромниот буџет.

Затоа е и функционален. Немаш време да размислуваш на "зошто", туку те фокусира на "како". Директно те позиционира во густата, напната атмосфера каде што лабаво летаат парчиња месо наоколу. Нема паралелни приказни што го градат наративот, само умоболна машина за убивање и неколку мети. Колку и да е аматерски во некои аспекти, Terrifier е очигледно дело на посветен љубител на жанрот кој нашол начин како успешно да ги нареди коцките во забавен саат и пол. Баш тоа вешто справување со формулата го прави првиот Terrifier инстантна класика и ќе го овозможи неизбежното продолжение.

Terrifier 2 има скоро десет пати поголем буџет од првиот. До моментот кога го пишувам ова е веќе месец дена низ кино салите низ САД и има заработено десет милиони долари. Дали филмот е навистина толку квалитетен е крајно субјективно особено кога се работи за ваков специфичен жанр, ама ваков успех ми е големо позитивно изненадување. Во кино сали преплавени со неоригинална содржина, јако ми е што гледам како ваков мал хорор филм си го пробива патот. Десет милиони не се ништо, ама имај го на ум почетниот буџет и отсуството на суперхерои.

Двојката лично повеќе ми лепи. Иако кецот го ценам за тоа што е, двојката "поправа" неколку аспекти што се таму поклимаво изведени или воопшто непостоечки. Сега има вистински ликови со приказна за кои можеш да навиваш и дури и да ти е гајле за нив, актерите се малку попрофесионални и ефектите врз кои се потпира целиот филм се многу, многу подобри, а ни дијалозите не звучат импровизирани на лице место. Очигледно буџетот обезбедил и вистински сетови, па Леоне сега не морал да користи напуштени згради и светло од мобилен телефон за да ги снима сцените.

Можам да разберам ако стварно луѓе се онесвестувале на Terrifier 2. Има грозотилаци, потврдувам. Сепак поентата му е да биде провокативен, да шокира и сосема е успешен во намерата. Немаше да го збориме сега да беше обичен глуп хорор какви што излегуваат секоја недела. Филмот изобилува со експлицитни сцени, ама си игра и со некои апсурдни комични елементи што не дозволуваат да забега во комплетно сериозна и невкусна вознемирувачка насока. Re-Animator и Braindead ми се првите примери каде што ова е комплетно ефективно. Ако таквите сцени во кецот беа можеби ненамерни, во Terrifier 2 изгледаат како да се однапред промислени.

Сега малку спојлери за моментите што можеа да се подобри. Terrifier 2 уфрла натприродни елементи што некако ми го прават кловнот Арт понеопасен. Во смисла, поефективно е кога знаеш дека е човек маскиран во кловн отколку некое демонско присуство или што и да е во двојкава. Иако реагира кога ќе го збрцаш со остар предмет, самото тоа што магично воскреснува после настаните во кецот го прават понепобедлив од другите слешерски колеги. Затоа и ниеден Friday the 13th не ми е толку добар колку првите два-три, па ни повеќето од Halloween серијалот. Ако крвари можеш да го убиеш, ама во случајов Арт личи дека е бесмртен иако крвари. Филмот во ниеден момент не потенцира никаква негова слаба страна и ранливост.

Другата замерка ми е што трае барем пола саат предолго. Првиот беше супер компактен, а ова непотребно се тегне цели два саати. Леоне бил упорен да уфрли што повеќе шокантни сцени, па таму каде што му пасувале во приказната, ги прави како дел од соновите на главните ликови. Океј сум со тоа да тргнал да го пишува филмот баш со бруталните сцени како појдовна точка, ама на моменти ќе осетиш дека малку го затупува. Се обидува и да чепне малку од митологијата околу Арт, ама некако е безуспешно и без некоја опфатна разврска. Читав дека со тоа ќе се занимавал малку повеќе во следното продолжение, или како што движат работите моментално, продолженија. 

Terrifier е супер серијалче за хорор фанови. Мило ми е што пак сведочам како се создава нова хорор икона и баш сум возбуден да видам како ќе се развива понатаму. Немам растено кога се раѓале Џејсон, Фреди и Мајкл Маерс, ама ги фатив тие како Гоустфејс и Џигсо, па сакам да видам дали ова ќе биде следната голема хорор франшиза. Арт полека излегува од позатворените хорор кругови кон мејнстрим публиката и ќе сум среќен ако успее асално да продре.

No comments: