Showing posts with label Call of Duty. Show all posts
Showing posts with label Call of Duty. Show all posts

December 28, 2022

Диемзи

Имам непријатни флешбеци од таа првата Call of Duty: Warzone. Малку од првиот локдаун во 2020, малку од едноцифрениот фрејмрејт што го овозможуваше мојот тогашен хардвер. Сепак, беше крајно забавно бетл ројал искуство, веројатно меѓу последните такви пред жанрот да спласне на неколкуте наслови што и денес се доминантни. Пред некоја недела излезе Warzone 2.0 и еве седум-осум души екипа на Crapwerk дискорд серверот уште голтаме барут и прашина низ Ал Мазрах откако првпат репетиравме таму.

Покрај стандардниот бетл ројал, Warzone 2.0 дојде спакувана со нов мод - DMZ. DMZ е практично поаркадна варијанта на Escape from Tarkov, каде што шеесет играчи поделени во тимови по тројца сте фрлени на огромна мапа на која се шири радијација и треба да извршувате разни мисии пред да здувате на една од трите достапни ексфилтрациски локации. На мапата има расфрлано и ботови што исто доаѓаат во групи, па секој чекор што го правиш треба да ти е тактички обмислен зошто може да ти свирнат куршум во чело од било кое ќоше. 
 
 
А, ако умреш пред да го фатиш хеликоптерот што ќе те однесе на безбедно, ја губиш целата опрема и оружја што си ги собрал таа партија. Мисиите ги добиваш и избираш претходно, овозможуваат прогрес низ играта, меѓутоа Ал Мазрах нуди и еден куп попатни кои ги правиш за да присобереш некоја пара да не си гол и бос, а и зошто е едноставно премногу забавно. Можеш да спасуваш заложници, да рушиш авиони со против-воздушен систем, да бараш радиоактивни куферчиња со гајгејров бројач, да минираш кутии со ресурси, да елеминираш непријателски тим на играчи и други слични воени операции со речиси филмски пропорции. 

Предобро е. Таман сте успеале да соберете доволно од ретките медицински ресурси низ огромната мапа и ќе ве рокнат непријателски играчи пред да се качите во хеликоптерот, па ќе ве соголат до последен куршум. Да, кога ќе покосиш друг играч, можеш да му буричкаш низ ранецот и да си послужиш со тоа што ќе го најдеш таму. Некогаш ќе налеташ на некое добро оружје и брдо кеш, некогаш на слика од куче, ама на крај најважно ти е што на мапата сега има еден човек помалку. Играта има вградена гласовна комуникација, па некогаш можеш и да го слушнеш противничкиот тим како писка доколку се во непосредна близина. 
 

Ал Мазрах е одлично дизајнирана мапа за една ваква тактичка игра. Дури има и некои локации што може и ќе ги препознаеш од постарите Call of Duty игри. Има и цела мисија базирана на контроверзната "No Russian" од оригиналната Call of Duty: Modern Warfare 2. Не можеш цело време пешки да шпарташ, па достапни ти се различни возила, чамци и хеликоптери, а има и воз што кружи низ голем дел од мапата каде што обично е журката на која интензивно се разменува оган со непријателски играчи. Возот има кутии со опрема и оружја, па функционира на "прв дојден, прв услужен" принципот со тоа што вториот дојден често може да биде пречекан со рафален истрел од соседното купе. 

Партиите се кратки и баш тоа е најдоброто во DMZ. Не мораш да главиш долго освен ако некоја мисија не го налага тоа, ама отприлика за максимум дваесетина минути би требало да си на безбедно или вознемирено да урлаш на микрфон со другарите среде ноќ зошто ве потепале. Радијацијата на мапата се шири брзо откако ќе отчука тајмерот, така што на крајот се случува да треба да трчате кон последната локација на која слетува спасувачкиот хеликоптер. А, не си ни тогаш целосно безбеден, се случувало да се млатиме со последните бомби веќе полетани.
 

Мало невнимание може да те кошта многу во DMZ, а некогаш уште се трудам да се навикнам дека играм многу потактичка игра од сличните вакви. Некогаш ќе претрчаш без да ја провериш околината и ќе изгинеш од снајпер или ќе те прегази оклопно возило, ама забавно е. Мисиите стануваат многу потешки понатаму, па затоа е најдобро да си имаш тим од другари што ќе ти помагаат. Не сите играчи со кои случајно си во ист тим ги имаат истите мисии или се расположени да ти помогнат, а DMZ не е баш аркадна соло авантура каде што лесно можеш да преживееш сам. Некој треба да те крене кога ќе ти свирнат куршум меѓу очи, а друг треба да ја обезбеди локацијата за да не се вратите сите во лимен сандак на главното мени.

Кога сме кај главното мени, не можам да не спомнам дека играта го има најлошиот дизајн на мени што било кога сум го видел. Пре би избрал да заглавам во вистинска верзија на гулагот од бетл ројалот отколку да треба да навигирам низ овој очаен изговор за кориснички интерфејс. Разбирам дека DMZ е уште во бета, разбирам и дека е бесплатно целово ова, ама повеќе личи на онлајн казино отколку на мени за игра. Настрана тоа што на секој втор клик пробува да ти продаде нешто, туку некогаш не можеш да смениш ни оружје зошто упорно те враќа на главното мени. Самата игра и нема некои критични багови, ама серверите се некогаш толку нестабилни што едноставно само еден од тимот ќе го испратат надвор од партијата, заедно сосе предметите за мисијата и склопените оружја. 
 

Сепак и покрај проблемите што ги има, DMZ ми е најзабавната друштвена игра во моментов. Дури и во оваа состојба концептот функционира феноменално. Ниедна партија не е иста со претходната, има доволно различни мисии за да не ти се смачи брзо, а и бесплатна е за играње така што освен нерви, трпение и слободно време, не губиш многу. Радо би ја играл и обичнава нова Call of Duty, ама па не ми се даваат милион и пол илјади евра за неколку саати кампања и мултиплеер кој сигурен сум дека нема да ми биде толку интересен како DMZ. Тоа може таму за дваесетина години кога ќе биде на 30% попуст.

Warzone 2.0 има и кросплеј, така што не е битно на која платформа ќе ја натаманиш, пак ќе можеш да си играш со другарчињата. Баш ми требаше нешто вакво за распуцавање и дојде во моментот кога се оштрев за Warhammer 40,000: Darktide што ете испадна срање на рилис, па ја оставам за некое подобро време. До тогаш се надевам дека и оваа малку ќе ја потспастрат, ако ништо друго барем серверите малку да се постабилни. Не се случува често, можеби една од дваесет партии, ама никој не сака полиција на врата во сред ноќ за нарушување на јавен ред и мир.

Види такоѓе:

September 10, 2012

Call of Duty: Modern Warfare 3

Не ми е јасно како со секое ново продолжение успеваат да го надминат претходното. Формулата е таа, веќе со години наназад, и очигледно перфектно функционира. Без размислување, Call of Duty серијалот ми ги понудил најдобрите шутери.


Продолжението на Modern Warfare 2, нуди искуство во екот на Третата светска војна каде двете најголеми спротиставени сили се нормално Русите и Американците. Играчот приказната ја тера преку неколку различни ликови, некои добро познати од претходните наслови. Мисиите се одвиваат во неколку светски градови, како Њујорк, Париз, Лондон, Прага, меѓутоа мене омилена ми беше онаа во Сиера Леоне. Од моментот кога изрипуваш од река со снајпер до песочната бура, ова сигурно беше една од најдобрите мисии во цел серијал.

Приказната е малку тешка за следење, зошто сè брзо се случува, а кратките брифинзи меѓу мисиите не се доволни за да се создаде толку прецизна слика. Не ти ни треба којзнае каков вовед за да истрошиш неколку жаржери во сè што е непријател, без разлика дали се наоѓаш во авионот на претседателот или во тунел во Прага. Доволна е да те поврзе со ликовите кои ти помагаат во мисиите, до тој степен што емотивните завршетоци не те изненадуваат. А, и друга работа што не сум ја видел во игра, е таков театрален пад на Ајфеловата кула. Цареви се за правење филм. 

Графиката не е којзнае колку подобрена, барем јас не приметив нешто многу различно. Она што е за пофала, е поголемата слобода на движење. Доколку порано мисиите беа линеарни, тука има еден куп начини како да дојдеш до непријателот, а и да се засолниш. Ако се игра на потешко ниво, има многу поголем простор за соодветна тактика. И, нормално единствениот минус - траеше пократко и од Black Ops. Ја цепкав со денови, а пак на крај времето за кое ја пројдов беше околу пет саати. Special Ops и другите модови не ме интересираат баш многу, а и немам време.

Следно од серијалот е Black Ops 2. Првпат Call of Duty ќе забега во футистичка војна, со мисии во 2025. Како ќе го изведат тоа, ќе видиме во ноември.

December 28, 2010

Call of Duty: Black Ops

Во ноември годинава, гејмерскиот свет го затресе најновото продолжение на една од најдобрите FPS игри воопшто, Call of Duty: Black Ops. Малку поспоро од претходните, конечно го изиграв ова и тврдам дека ова е најдобриот шутер во последните десетина година, а и најдобрата сингл-плеер игра во 2010. Treyarch успеале да создадат совршенство, кое се издигнува над се во жанрот.

Call of Duty: Black Ops е сместена за време на Студената Војна (конкретно, перидот од 1961 до 1968), раскажана преку фиктивни главни ликови и мисии, на познати локации низ светот. Играчот, во поголемиот дел од играта е во улога на Алекс Мејсон (гласот го позајмува Сем Вортингтон од Avatar и Terminator: Salvation), оперативец на тајна американска служба кој по настаните од играта е заробен и испрашуван од луѓе чиј идентитет е непознат скоро до крајот на целата игра. Всушност, играчот ги игра мисиите кои Мејсон ги раскажува, а каде што се појавуваат и личности како Фидел Кастро, Џон Ф. Кенеди и Роберт МекНамара.

Првата мисија на Мејсон е во Куба и целта е елиминирање на Кастро. Уште на оваа мисија, бев убеден дека Black Ops е најдобриот наслов во целиот серијал. После тоа што следува е уште подобро. Бегство од Советски затвор, Виетнам, саботажа на Руската вселенска програма во космодромот Бајконур, и што уште не. Сето тоа е сколопено феноменално, со филмски воведи пред секоја мисија, така што моменти изгледа како да играш филм, а не игра. Баш тоа ја двои Black Ops од останатите игри, има стварно интересна приказна, а не само колку да има нешто. Последната мисија на Русалка и станицата од каде се емитуваат бројките кои се појавуваат секогаш кога ќе го видиме Мејсон заробен, е нешто досега невидено во една ваква игра. Нема многу да ја коментирам, да не правам спојлери, ќе кажам само дека нешто толку моќно и реално немам видено во ниеден друг шутер. Истото важи и за мисиите во Виетнам, кога се прикрадуваш низ река со нож. На мисиите Мејсон е често поддржан од Виктор Резнов (гласот е на Гери Олдман), лик познат од Call of Duty: World At War.

Гејмплејот во Black Ops е стандарден, како во последните неколку CoD игри. Нема некои големи измени, но има доволно нови ситници што навистина се освежувачки и интересни. Оружјата се разновидни, достапни за сечиј вкус (некогаш сакаш со два пиштоли, некогаш со снајпер) и секаква ситуација. За графиката немам коментар, преубави локации, светла, сенки. Се' е некако живо и делува реално, до тој степен што ја доловиле горештината во Виетнам и студот во Русија.

Крајот на играта ме изненади скроз. Не очекував таков зомби-мод со Кенеди, штета што после тоа не може да се игра сингл плеер офлајн. :) Значи, чиста десетка за играта, здравје во иднина ќе се потрудам да набавам оргинал копија со функционален мултиплеер, да видам и тоа како е. Успеаа да ја надминат Modern Warfare 2, рекордната продажба е сосема оправдана и сега останува да видиме што е следно.

October 2, 2010

Call of Duty: Modern Warfare 2

Фан сум на Call of Duty серијалот уште од првиот дел. До денес, немам играно подобра игра со WWII тематика. Првата ја играв речиси една недела и после тоа со месеци се осеќав како воен ветеран. Ниедна друга игра не ми овозможила такво искуство како Call of Duty.

Конечно, на новата машина, ја изиграв Call of Duty: Modern Warfare 2. За разлика од претходните, последните две продолженија ја поместија воената зона во модерно, денешно време. CoD: MW2 почнува стандардно како и претходниците, со мал тренинг во воена база, краток туторијал за команди и користење на оружјата, кои тука ги има во изобилство. Уште во првите десетина минути, сфатив дека CoD: MW2 е најдобриот FPS што сум го играл било кога.

Извонредна графика, совршена до најситни детали. Прекрасно изработени зони, скоро реални специјални ефекти, поткрепени со одлична музиката на Ханс Цимер, која дава посебен шмек на целата атмосфера. Најмногу ме импресионираа светлосните ефекти и сенките. Предобро направено, делуваше најреално во споредба со било што слично од ваквите игри. Исто така играта има одличен AI, па непријателите играат со некаква тактика, наместо да пукаат по тебе без врска. Се кријат позади ѕидови и мебел, те бараат кога се криеш и понекогаш се страшно прецизни.

Преку фавалите во Рио, снежните планини во Русија, играта оди се до Белата Куќа и Вашингтон кој се наоѓа во воена состојба. Како и во другите Call of Duty игри, приказната е раскажана преку неколку различни ликови кои се борат на различни фронтови, соочени со разни предизвици, непријатели и крвопролевање. Дури и има и мисија каде што играчот е во улога на шпион, инфилтриран во Руска терористичка група која врши масакар на аеродром. Најконтровезната мисија во цела игра, дури и ме праша дали сакам да ја прескокнам. Кога почнав да ја играм, видов и зошто. Мисијата е инаку исфрлена од неколку изданија на играта, на пример, изданието наменето за рускиот пазар. Покрај мисиите во американските предградија, една од најдобрите ми беше онаа на отпадот за авиони, некаде при крај.

CoD: MW2 ги содржи сите елементи кои ги прават добри игрите од овој серијал. Тим кој го следи играчот, разни возила по пат, интеракција со околината (разбивање врати и пукање во слоу моушн, во случајов) и health системот, кој е многу подобар од собирање на health pack-ови како кај некои други слични игри.

За жал, играта трае многу кратко. Кампањата ја завршив за еден ден, за некои 6-7 саати. Единствено очекував малку поспектакуларен крај од овој. Некако на пола ми заврши, таман кога се заиграв асално. Сега ми остана да го пробам "Special Ops" модот, сингл-плеер, зошто верзијава што ја имам крешува на мулти.