Showing posts with label Warhammer. Show all posts
Showing posts with label Warhammer. Show all posts

July 1, 2024

Клање и распуцавање во Warhammer 40,000: Darktide

Да не мразеа Сони пари, сега ќе муабетев за Helldivers 2. Не дека се којзнае колку слични со Warhammer 40,000: Darktide, ама отприлика истото друштво сме публиката за двете. Чат-пат ја проверувам Darktide со надеж дека ќе ја затекнам во подобра состојба. Ја земав лани откако наводно ја прикрпија, ја поиграв и ја оставив откако видов како секое пуштање ми вози со помал фрејмрејт. Последниот пат беше ко пауерпоинт презентација. Ќе си помислиш дека оптимизација е прв приоритет за игра која се заснова на кооперативно онлајн колење и пукање бранови непријателски орди, ама за Фетшарк очигледно било поважно да ја проработат продавницата за скинови.

Деновиве имаа уште еден поголем апдејт, се вика Secrets of the Machine God и во него има нова мапа и мисија, нови оружја и купче подобрувања што и не ми значат многу затоа што поправаат некои проблеми кои не сум ни имал кога да ги приметам. Не знам дали во овој печ е скрпено за мојот, ама играта ми е конечно игрива за ова седнување да можам да сум импресиониран и разочаран од различни работи што не ги приметував последните месеци.

Жалосно е што ваква стабилизација доаѓа после година и кусур, ама добро е што воопшто се случува. Наводно ништо ново за Фетшарк. Ете и Vermintide 2 била крш пред да ја играм, што секако не е изговор, само глупаво е повеќе пати да се најдеш во слична ситуација. Со тоа што претходните наслови барем имале повеќе содржина која би можела да надомести за скршените делови, додека Darktide е уште некако штура. Пет-шест мапи кои поддржуваат околу петнаесетина мисии се премалку за ваков тип игра. Кога првпат ја играв не ни приметив дека мисиите се некако различни. Неколку партии по ред мислев дека го играм едното исто. 

Ова е најголемиот проблем со Darktide кој се надевам дека претежно ќе го решаваат со бесплатни апдејти - фали малку разновидност. Секако, можеш да ја наштимаш тежината за секое претрчување да биде поголем предизвик, меѓутоа едноличноста на непријателите и механиката од мисиите некогаш ја прават непријатно репетитивна. Освен тоа, некои мисии се развлечени и траат подолго од што е забавно, а ако ти се погоди тим што не се снаоѓа добро низ клаустрофобични индустриски лавиринти ќе ти отиде цел саат.

Игра како Darktide може да биде многу повеќе од колење и пукање "зомбиња", стискање копчиња на некоја машинерија на мапата и одење две минути подоле за истото. Затоа најинтересни ми се мисиите ко онаа каде што треба заедно да префрлите нешто од една локација на друга додека се браните од непријатели. Тоа е хаос на потешките нивоа. Откако почнав да играм на heresy не можам да пуштам ништо подолно. Непријателите се позаебани, муницијата е поретка и тимот мора да остане жив, здрав и сплотен за да се совлада мисијата.

Фалат и повеќе мини-босови што се појавуваат на различни локации на мапите и мисии фокусирани исклучиво на босови како Карнак близнаците. Вистинскиот потенцијал на Darktide е насекаде присутен, не е дека нема иновативни ствари, меѓутоа пак главниот штос не е нешто што можеби ќе успее да те задржи долгорочно ако не си љубител на сетингот. Единствено мојата љубопитност за 40k универзумот и фасцинацијата од тој фолклор е воглавно тоа што ме враќа назад на играта сите овие месеци. Сигурен сум дека во жанров има подобри игри од ова, ама таму нема нешто што се вика Clandestium Gloriana.

А, естетиката е дефинитивно најквалитетниот атрибут на Darktide. Играв повеќе Warhammer 40,000 наслови последниве години и во ниедна светот не беше волку добро доловен како тука. Сите игри до сега воглавно добро се справувале со грозната мрачна атмосфера на 40k, ама Darktide апсолутно ми е на прво место. Затоа и разбирам зошто се бунат луѓе дека немало "содржина". Околината е толку фантастично скоцкана што нормално е да бараш повеќе работи да се случуваат во неа. Гледаш дека има способен креативен тим и штета е што на некои други места се глави целата операција. 

Има и мала приказна која оправдува зoшто си здружен со уште тројца бараби и како од затвореници осудени на смрт станувате средство на Инквизицијата за да се борите против разни гнасотилаци. Ја пишува Ден Абнет, автор што е курац и пол во книжевниот Warhammer 40k свет ако следиш, така што верувам дека е уште појако ако си поупатен. Приказната е замислена да се развива тековно, па некое залче е фрлено и во Secrets of the Machine God. Искрено, не се ни потрудив да ја следам, ама постои некаков наратив ако го бараш. Мене ми е доволнa и приликата да дробам скабови со џиновски чекан.

Пукањето е исто феноменално. Секое од оружјата добро лежи. Што и фатиш ќе ти е забавно за играње. Има огромен арсенал за секоја класа. Од разни автоматски и полуавтоматски пиштоли и пушки, огнофрлачи, до секири, ножеви, мечови и чекани за кога е неопходно да заштедиш муниција. Во Secrets of the Machine God воведоа и шатган сличен на оној од Doom и лесно раснесува неколку непријатели со еден куршум. Оружјата можеш и сам да си ги правиш и подобруваш. Системот е исто така освежен неодамна, ама не се потрудив да ги видам промените. Битно е дека можам да си склопувам верзии на новиот шатган без да чекам да ми паднат од небо. Среќа сум натрупал доволно ресурси за да не штедам на крафтање и експериментирање со билдови, така што океј сме.

Доколку Фетшарк продолжат да ја крпат играта вака по неколку пати годишно, не би требало да се грижиш за иднината. Има уште багови за поправање, некои од ачивментите не функционираат како што треба, има проблеми со звукот повремено, ама битно сега вози со над 80 FPS на истиот хардвер (GeForce 3060 RTX), што е речиси три пати повеќе од просекот пред некој месец. Има доволно публика за да ја одржува во живот, само се надевам дека девелоперите повеќе ќе инвестираат во нови мапи и мисии отколку во платени скинови кои се упорно многу подобри од тие што можеш да ги добиеш бесплатно.

Види такоѓе:

June 4, 2023

Распуцавање во Warhammer 40,000: Boltgun

Многу се смеам на "бумер шутер". Иако е можеби семантички неточен, нема подобар термин да ги опишеш пуцачините во прво лице од рани девееести. Нешто сум помлад од генерацијата што ги има играно Wolfenstein 3D и првата Doom додека биле гланц нови, ама добар дел од тинејџерските години ги пројдов по играчници со Unreal Tournament, Quake III Arena и Quake II на ПлејСтејшн кец. Дома млатев Return to Castle Wolfenstein, Clive Barker's Undying, Half-Life и слични, кои може не припаѓаат целосно во категоријата, меѓутоа имаат доволно елементи специфични за таа ера. 

Тоа очигледно ме прави квалификуван за носталгијата со која Warhammer 40,000: Boltgun прецизно ме погоди. Приметувам дека "бумер шутер" е веќе жанр последниве години и нон-стоп излегува нешто на Стим. Повеќето од тие упорно ги игнорирам од причина што нели некогаш сум ги играл "најбитните", ама еве до Boltgun не знаев колку ми требало да испукам нешто вакво. Ретро графика, два-три кадри приказна, неколку оружја, безброј непријатели и мрсен индастријал саундтрек. Талкаш по тесни темни ходници, пукаш во секој пиксел што ќе мрдне. По пат собираш големи ротирачки икони што светат и тоа ти се енеријата, штитовите, муницијата и по некое ново оружје или нешто друго корисно. Толку е.

Причината поради која решив да играм денешна варијанта на бумерска пуцачина е мојот освежен интерес за Warhammer 40k. Универзумот е совршен за ваква игра и природно можеш да ги спроведеш есетиката и амбиентот. Ги имаш сите мрачни метални лавиринти на светот, готска архитектура, демонски непријатели или што и да е друго што ќе ти притреба за да создадеш атмосфера за пуцачина која ноншалантно евоцира чувства од оргининалните вакви. 40k визуелно те покрива на секое поле. Уште во првите пет минути ти е расчистено дека ова што го играш вришти летен распуст 2002.

Нема долги развлечени синематици што ти ја раскажуваат приказната, нема левелирање, нема дрва со таленти што ти даваат +3.45% регенерација или нешто, нема мапа, ни квестови - само пукај мајсторе, нека прска на сите страни. Ништо против модерните игри со сите елементи што ги опишав, ама некогаш заборавам колку се забавни ваквите едноставни концепти. Мислам, не е ни стриктно поради носталгија. Некогаш може само главниот елемент да функционира добро и да не ти треба ништо повеќе. Играта има концепт што е супер изговор да се лимитира само на ова и пристојно да го дотера.

Никогаш не ти ја одзема позицијата во која те става на почеток. Константно мора да пукаш во нешто што пука на тебе и тоа ти е единствената грижа. Некогаш ќе мора да најдеш некаков клуч за да отвориш врата за да одиш понатаму низ мапата за да продложиш да пукаш, ама со друго не те замара. Има и некои "тајни" што даваат и краткотрајни корисни подобрувања на оружјето и слично. Можеш да ги собереш чисто за статистика дека си ја комплетирал стазата сосе нив. Лесни се за наоѓање, не се на некои којзнае колку тајни места, ама изгледа тимот бил презафатен со носење на пукањето во играва близу совршенство, па не се грижеле да смислат покреативно име за "тајните".

Озбилно, многу е кул пукањето во овде. Мислам, нормално дека мора да биде зошто цела игра е воглавно тоа, ама сакам да го пофалам. Секое оружје прави да се осеќаш добро кога ќе го искористиш во непријател. Звукот, тие четири пиксели што прскаат на екранот, а и моментот кога ќе збрцаш нешто директно во фаца со моторен меч. Моторен меч, не знам како да избегнам да не пишам chainsword

Играта се грижи и да те стави во размер со многу мангупски детал. Спејс Маринец си, два-три метра висок и со огромен оклоп, ама играш во прво лице и немаш баш претстава колкав си во однос на непријателите и околината. Ова иако не е некаков проблем, го "решиле" со тоа што кога ќе скокнеш и ќе застанеш пак на земја има звук како да паднало нешто стварно толку тешко. Многу кул детал ми е. Таман ќе се запукаш фокусирано и ќе заборавиш и што игра е онака, па ќе го чуеш звукот и ќе се потсетиш дека си џиновски Спејс Маринец. А, баш е добро да си џиновски Спејс Маринец во Warhammer 40k.

Уште еден таков пријатен детал е тоа што има "Ретро" опција. Да си наместиш со слајдерче колку ретро да ти изгледа игра која веќе фабрички личи како првите тродимензионални пуцачини воопшто. Како малку да е ретро тоа што дводимензионалните објекти од околината се вртат кон тебе. Такви детали има цела низ игра, некои од нив што би ги приметила само публиката што ги има играно оргиналните вакви шутери.

Баш се мислев дали воопшто имам замерки за Boltgun. Што и да помислам дека е можеби некаква замерка, всушност е совршено вклопено во целиот дизајн на играта. Ако речам дека е репетитивна - таква треба да е. "Бумер шутери" немаат некои којзнае какви ивентивни механики. Ако признаам дека некогаш се губев на мапа и не знаев кај да одам - тоа е составен дел од повеќето "бумерски" игри. Во тоа време немаше ни кај да провериш и ќе си останеш така пола лето заглавен во некоја пештера во Tomb Raider III или негде. Секој аспект на Boltgun функционира баш како што треба, дури и да e ненамерен. Нема бунење.

Пази, играва излезе пред само две-три недели и не прекинува да се кити со позитивни рецензии од секаде. Пушти ја и ќе ти стане јасно зошто. Дополнително симпатично е зошто се случува во период кога големине компании јавно се извинуваат за нивните полуфункционални ААА наслови, а оваа ја прави мало независно студио што претходно има работено само две игри од кои едната е симулатор за правење домашно пиво.

Види такоѓе:

April 11, 2023

Warhammer 40,000: Inquisitor - Martyr до Diablo IV

Сигурно ќе ја играм Diablo IV некогаш. Можеби нема истиот ден кога ќе излезе, ама сигурно некогаш откако ќе се осигурам дека Активижн Близард немаат спремно некое скриено лајно да ни го истријат од фаца. Некој кеш шоп што ќе никне и ќе има некои бустови за тие што ќе се спремни да платат екстра или некоја таква глупост. Тоа што некако магично Dragonflight испадна океј не ми е доволно за да си ја вратам довербата во оваа компанија. Двата бета-тест викенди на Diablo IV биле супер според тие што имаа прилика да ја пробаат и искрено сакам сè да си остане така идилично, ама ајде сепак да почекаме. И, онака кога ја најавија мислев дека ќе излезе во 2028.

Ја испукав Warhammer 40,000: Inquisitor - Martyr неделиве сосе Prophecy експанзијата. Практично Diablo во 40K универзумот. Баш кога пред некој месец пукав Vermintide 2 и се оштрев за Darktide, се чудев што друго е добро од оваа франшиза, па еве ми го одговорот. Таман ми се играше нешто дијаблесто до Diablo IV, а од она што е моментално достапно на пазарот или сум го прошол или ми станувало досадно со секое следно играње. Мислам дека уште само Last Epoch не ја допрев, ама и таа ќе остане за некој следен пат. Ми требаше нешто во друга тематска насока.
 

Затоа Inquisitor - Martyr се наметна како најсоодветен избор. А, ем ќе ти отечат прстите од кликање, ем е прилика навлезеш малку во обемниот 40K фазон. Мислам дека после сите оние повремени обиди да му пристапам некако на овој универзум, дали со недопрочитани книги, игри или две армии минијатури што веќе четврта година чекаат да ги офарбам, баш со Inquisitor успеав да ја пробијам таа бариера. Не било до толку комплицирано. Штосот бил во тоа да најдеш нешто што ќе ти биде доволно интересно за посериозно да чепнеш под површината на тој комплексен свет полн со мизерија, постојано војување, псевдо-латинска терминологија, интелектуално предизивикани орки, вселенски елфови и историја што се протега низ повеќе од десет милениуми.

Приказната е крајно кул, ама нема да навлегувам во детали и спојлери. Ти си Инквизитор од Империумот кој оди на мисија да истражи сигнал од изгубениот вселенски брод Martyr, да открие што точно се случило со бродот и да ги истреби ордите на Хаосот и сè што смета дека е ерес. Каков таков, достапни ти се неколку различни класи и стилови на игра кои се технички пандан на стандардните што ќе ги сретнеш во ARPG жанрот, меѓутоа со сопствен слој што соодветствува со фолклорот на Warhammer 40k универзумот. 
 

После пеесетина саати играње низ овие две недели, успеав да ги спичкам сите главни и споредни приказни со мојот Heavy Gunner Crusader, да испукам неколку ко-оп сесии со друштво и да го почнам вечниот ендгејм грајнд за подобра опрема. Она што ја прави толку добра Inquisitor за играње е колку мазно функционира самиот гејмплеј. Во вакви игри сакаш да си моќен, да можеш да истрчаш цела мапа додека собираш непријатели на себе што ги млатиш по пат. Сакаш експлозии, да фрштат екстремитети и органи насекаде, да ти светаат бои и бројки од спеловите и да слушнеш метален звук кога ќе акнеш некого во фаца. 
 
Играта е предобра од овој аудиовизуелен аспект. Не е таква досадна како Path of Exile каде што четири секунди замавнуваш со гранка и во меѓувреме те донеле на пола живот. Таква е брза, респонзивна и динамична, а тоа ми е многу важно во овој тип на игри. Дури и кога сам ќе си го наштелуваш предизвикот со Tarot мисиите каде што сам избираш награда наспроти колку ќе ти се моќни непријателите или каков хендикеп ќе имаш на таа мапа. Такви афикси има многу, можеш да правиш комбинации од три - секоја секогаш со различен хендикеп во зависност од мисијата. Самите "тарот карти" имаат и левели, па како што прогресираш предвизвиците може да ти бидат поразлични и потешки.
 

Опремата ја има насекаде и во различни варијанти, можеш нормално да си правиш и своја. Кога ќе го искомбинираш тоа со многуте дрва за таленти, речиси секоја мапа можеш да ја претрчаш во различен стил. Јас почнав со шатган, сега дробам со џиновски чекан, фрлам ракети од оклопот и местам мински полиња, а на секој удар што ќе го примам, има автоматска шанса непријателите околу да бидат спржени со струја. 
 
Има многу можности и во склоп на класата што ќе ја одбереш. Не стигнав да пробам ништо друго покрај овој главниов Crusader, освен малку еден Tech-adept, ама веројатно органичувањата се однесуваат на оружјата што можеш да ги користиш. Во моментов можам да играм со десет различни пиштоли, штит и меч, секири, пушки, шатгани, чуда, врагови. Чекав да ги завршам сите мисии што ми беа потребни за да можам да направам нов карактер со кој ќе можам да ја прескокнам главната кампања.
 

Ендгејмот е нешто што се вика Void Crusade. Се отклучува со валута што е поретка во играта, ама афиксите што ги спомнав погоре може да ти овозможат шанса за побрзо да стигнеш до тоа и да го отклучиш. Во таков Void Crusade правиш некои мисии кои на крај имаат како една поглавна по која си фрлен во просторија со ковчези со поретки награди. Секоја мисија претходно ти ја зголемува тежината, па ако не си сигурен дека ќе преживееш до крај, можеш да избереш полесен пат до крајната, меѓутоа за помала награда. Ништо посебно, не е толку интересно како нефилим рифтовите во Diablo III, ама е пак позадоволителен грајнд од сличните игри.
 
Освен ова, можеш да правиш разни мисии и во отворениот свет, да собираш "влијание" за на топ листите со најдобри играчи, а има и еден крајно скршен и неизбалансиран PvP мод за ако апла ти е смачено од стандардните опции. Секоја недела ротира и по некој ивент што додава на целокупното искуство. Минатата недела можеше да ти се појави servoskull што е практично верзијата на loot goblin во играва. Утепај го - лапај си ретки награди. Оваа недела имаат нов ивент, на секоја мапа има шанси да ти се појави непријател што би требало да е потежок од останатите. Со добар билд ништо не е тешко, ама кул е што уште мрда играва иако е од 2018 и денес поретко тинтрана од компанијата.
 

Кога сме кај тоа, Warhammer 40,000: Inquisitor - Martyr e од истите луѓе што ја имаат правено The Incredible Adventures of Van Helsing, така што не се нови во жанров. Од таму имаат донесено и некои глупости што ни тука не ми функционираат, како tower defense мисиите, ама не се толку чести за да страшни. Пострашни се оние каде што си сместен во голем робот или тенк и мораш така да ја играш цела мисија со два-три глупи спела. Веројатно тоа ми е единствената замерка од гејмплејот. Другото е озбилно одлично, па комотно после сите овие саати што ги накуцав можам да заклучам дека Inquisitor е една од подобрите Diablo клонови што сум имал прилика да ги играм.

Друга негативна работа е што цената е преголема. 50 евра за конкретно оваа игра е многу, ама за среќа може да се најде и за пет евра. Оди често на и попуст, ама можеш да најдеш евтин Стим клуч во секое време. Се натоварив и со други Warhammer 40k игри, па кога ќе ми се смачи ова ќе ги видам и тие, со надеж дека во меѓувреме ќе ја оправат и Darktide. Мислам дека и конечно ќе може да ја дочитам Eisenhorn oд Ден Абнет, сега кога веќе поубаво се запознав со овој свет и Инквизицијата во него. Може ќе ги офарбам и фигурине што дремат така клот.

November 15, 2022

Се заиграв Warhammer: Vermintide 2

До пред некој ден никогаш немав допрено Warhammer материјал што не е сместен во 40k универзумот. Не па дека нешто озбилно сум навлегол во Warhammer 40,000, ама имам играно неколку игри, безуспешно почнато неколку книги и опколен сум со другари што често имаат долги забавни излагања на темата. Имам дури и две мали армии фигури што ги склопував пред пандемијава да ни го ебе раатот. Иако често сум се затекнувал преоптоварен со деталите и комплексноста на 40k, без разлика на медиумот преку кој сум пристапил, секогаш ми бил попривлечен од потрадиционалната фантастика во обичниот Warhammer.

Vermintide 2 ми е првиот контакт со тој "обичниот" Warhammer. Некогаш во животот сум го собрал и кецот во Стим библиотекава, ама никогаш не сум го ни инсталирал. Двојкава решив да ја пуштам откако видов дека на крај на месецов излегува слична игра во поинтересниот универзум, Warhammer 40,000: Darktide. Знам дека Vermintide 2 е доста популарна кооперативна пуцачина и сега конечно ми стана јасно зошто. Како некој што имал многу мал контакт со жанров, не знам што играв претходно, ете World War Z нешто, влегов потполно слепо и без очекувања од концептот.
 

Во Warhammer: Vermintide 2 со три познати или непознати другарчиња, се спојувате во тим што се бори против хорди непријатели низ различни мисии. Секој од играчите бира една од петте архетипски класи кои имаат уште по неколку различни варијации од секоја и сте фрлени во некоја стаза каде што треба да преживеете соработувајќи. Гејмплејот е воглавно распрскување тела и мозоци на човеколики стаорци и други грозомории, ама паралелно има и некоја друга цел. Пример, полните топ со ѓуле, еден треба да нишани, друг да му го чува газот од гнасните непријатели, трет трча по муниција, четврт се лизнал од бедем и виси од воздух, па треба да го спасувате. 

Не знам колку мисии изиграв до сега, ама секоја имаше некоја различна тематика и варијација во целта за завршување. Некогаш се шуњаш низ подземни крипти, низ ниви и напуштени амбари, замоци, шуми. Никогаш немаш чувство дека си на истото место, дури и кога си. Бидејќи сакам да ги пробам сите достапни класи и ги отклучам тие што не ми се, секоја мисија бирам нешто друго. Презабавно е. Да не речам презаразно.

 
Мисиите се кратки и се завршуваат релативно брзо, па додека се заиграш асално веќе си прошол три-четири. После секоја добиваш куферчиња со нова опрема и оружја за класниот архетип, па можеш да си правиш нови или да си ги подобруваш постоечките. Системот е едноставен и ефективен. Само мислам дека е прашање на време кога ќе проба да ми брцне во џеб за да ми ували некоја ситница. Што реално и не би имал проблем, основната игра ја дадоа беспари, а експанзиите не се прескапи за содржината што ја нудат. Единствена пречка е тоа што не планирам многу да се задржам на играва, некако повеќе сум загреан за Darktide. Баш сакав да ги пукам тие погорните нивоа ко Champion, ама не верувам дека ќе стигнам до крај на месец. Толку многу ме нафура Darktide што мислам дека може да биде дополнителен фактор кој ќе ми го одложи играњето на World of Warcraft: Dragonflight.

Што се однесува до приказната во Vermintide 2, немам апсолутно претстава што е. Знам само дека некогаш во историјата на Warhammer едниот универзум се уништува и како фолклор и како бренд и доаѓа нешто што го знам како Age of Sigmar, ама ова е уште еден податок што го имам фатено од муабети на другари. Претпоставувам дека ова што го играш тука е тој катаклизмичен настан што е познат како The End Times. Комотно можев да го изгуглам ова и да мудрувам тука, ама небитно. Приказната е и онака поспореден дел од играта. Фокусот е повеќе на амбиентот и епските битки. 
 

A, секоја битка во Vermintide 2 ти е така скроена. Без разлика дали се пробиваш низ непријателите со меч, пушка или самострел - толку е добро направено што едвај чекаш да ја почнеш следната мисија. Мислам, нормално е во игра каде што ова е главниот штос, ама да си ебат векот, многу е филмски склопено. Им фрлаш бомби да ги кренеш во воздух, пукаш во буриња што експлодираат, ги бодеш со ствари во фаца. Озбилно, би играл ваква кооперативна игра инспирирана од било кој универзум. Не знам зошто жанрот не е толку раширен за секој бренд да си има сопствена варијанта на ова. Замисли да сте мала ваква мала група во Lord of the Rings универзум и да шибате бескрајни бранови на орки. Прејако.

Баш ме занима како истава формула ќе биде пренесена во Warhammer 40,000: Darktide. Секако дека ќе ги почекам рецензиите во првите недела-две, ама можеби ова е насловот што ќе ме внесе низ вистинска врата во 40k. Не знам што е со брендот, ама имам впечаток дека лиценцата за видео игри ја даваат на кој стигнат и затоа толку варира квалитетот. Освен Dawn of War и Space Marine има ли нешто саглам или само се штанца? Gladius, Necromunda: Hired Gun и Battlesector ми се смачија после неколку саати.