Само најлошо очекував од адаптацијава на Fallout. Што друго. Веќе се научивме да очекуваме помалку од сѐ "големо" што се испродуцира последниве неколку години, ама за ова стварно бев убеден дека ќе испадне лом. Ретко кој адаптиран наслов е поштеден од деструктивниот аматеризам што го движи моменталниот мејнстрим и тапа е што некако стана нормално ова. Неодамна истата компанија опуштено се испосра врз The Lord of the Rings, па затоа пристапив крајно резервирано и покрај тоа што не сум така приврзан со Fallout франшизата колку со светот на Толкин.
Замисли, не е толку крш. Освен малку шашавиот почеток на осумте епизоди, би рекол дека не е воопшто лошо како што мислев дека ќе биде. Втората половина од сезоната значително го подобрува раскажувањето, ја фокусира приказната и конечно почнува да прави нешто интересно со ликовите. Ова не звучи како најдобра реклама, ама значително се оправа и може ќе ми беше криво ако не продолжев да гледам. Можни се спојлери понатаму.
Fallout како серија има огромен раскажувачки потенцијал. Игрите немаат еден единствен главен протагонист, па ако го пренесуваш тој свет на друг медиум имаш креативна слобода и одврзани раце. Но, се потпираат на специфични визуелни детали, музика, ретрофутистичка естетика и сатиричен тон кои серијата ги погодува подобро од било која адаптација на игра што сум ја видел до сега. Ако некогаш си се ашкал низ било која Fallout игра, особено тие од тројката навака, ќе осетиш дека пост-апокалиптичното опкружување е речиси идентично пресликано. А, не смее да не биде баш такво затоа што е основата за визуелниот и тонален идентитет врз кој е изградена целата франшиза.
Обично адаптации на видео игри знаат до непрепознатливост да избегаат од изворниот материјал, па после да се чудат кога никој не сака да им ги гледа. Fallout игра на сигурно како никој до сега. Преполна е со секакви референци без никогаш да ги осетиш како вишок. Некои се апла очигледни, некои се посуптилни ама во секоја епизода ќе најдеш еден куп такви детали. Oд Рек Рокет бензинските до начинот на кој ги хакираат терминалите, серијата на милион начини те уверува дека си во истата пустелија од игрите. Има и стимпак и хемии. Сѐ си има.
Гледаш? Не било толку тешко. Истовремено ти се задоволни и фановите на игрите и новата публика до која се обидуваш да допреш. Ако адаптации на видео игри се новиот тренд кој ќе го пополни просторот оставен од суперхеројските во заминување, очигледно ова е пристапот што функционира. Ете, можеш да раскажуваш и адаптираш различни приказни од истиот свет и притоа верно да се држиш до оригиналното дело.
Не дека ова е совршено, има фалинки, ама како целина е сосема солидно. Некои од замерките што ги имав на почетокот остануваат и после гледање на финалето, меѓутоа не се толку страшни колку што гњавев луѓе наоколу дека се. Веројатно очекувањата со кои влегов и немањето трпение за да ме разубеди, си го направија своето. Главната замерка ми е тоа што има ликови и ситуации кои немаат многу простор за подобро да се запознаеш со нив.
Некако пак е нејасно кој е навистина Максимус, која страна ја завзема и кои се точните намери на Братството на крај. Разбирам дека се еден од визуелно најпрепознатливите елементи од Fallout универзумот и некако е очекувано да се дел и од серијата, ама пак како да не успеале да се решат што точно со нив и со ликот кој на некој начин ги претставува. Непостоечката харизма на актерот не помага во ситуацијата. А, сигурен сум дека можеле подобро и се надевам дека се чуваат за следната сезона.
Евидентно е со Луси и Волтон Гогинс дека сценаристите не се неписмени како тие од The Rings of Power. Добиваш различни перспективи на нивните приказни, па појасни се нивните мотиви и зошто се такви какви што се. Тоа што паралелно се одвива доле во бункерите ти помага да ја разбереш Луси и нејзиниот однос со површината, а за Гулот има флешбеци кои раскажуваат за неговото минато и истовремено подетално го обликуваат светот во кој се одвива целово. Имаш многу појасна слика за нивната улога во сето ова. Глупо е еден од ликовите што си ги турил на постер да не го добие истиот третман.
Иако динамиката меѓу сите ликови е океј и сечија приказна е интересна, пак мислам дека би било многу подобро доколку било решено за покомпактна варијанта. Осум епизоди се тесен простор за сите работи да пркнат до максималниот потенцијал. Крајот ме изненади. Се трудев да нагаѓам што ќе испадне за после да се правам паметен, ама некои насоки ме фатија неспремен. Мистериите и прашањата што ги поставува се исто супер. Но, воопшто не одземаат од главниот фокус, па слободно можеш да ја гледаш првата сезона и да уживаш во целосна приказна без да те опали со некој незгоден клифхенгер на крај. Веројатно истото ќе го направам и јас уште еднаш наскоро, зашто гарант имам пропуштено нешто од првите епизоди дур ќењав колку се мех.
Види такоѓе:
- Првата сезона на The Last of Us
- За малку не ја бидна Twisted Metal серијата
- Почетокот на Arcane, серијата базирана на League of Legends
- Street Figher и проклетството на филмските адаптации на видео игри
- Филм на неделата: Mortal Kombat (2021)
- Warcraft (2016)
- Покемон, другар мој
- Првите три Resident Evil филмови
No comments:
Post a Comment