March 31, 2019

Селекција од Love, Death & Robots

Антологиската збирка на кратки анимирани филмови Love, Death & Robots е најбучната ствар во поп-културата последниве месец дена. Се чини дека екипата на Тим Милер и Дејвид Финчер успешно го испорача духовниот наследник на култниот Heavy Metal кој разбирливо се обраќа кон новите генерации. Love, Death & Robots е сочинет од осумнаесет краткометражни парчиња од различни автори, режисери и студија кои воглавно опстојуваат во научно-фантастичниот спектрум, меѓутоа не се строго задржани во јасни дефиниции. 

Како што можеби е очигледно од насловот на компилацијата - сите се споени со љубовта, смртта и/или роботите како лајтмотив, иако се стилски диференцирани. Повеќето траат околу десетина минути, некои подолго или пократко и сите различно се справуваат со времето, па така што ќе наидеш на наслови кои раскажуваат целосна приказна до некои што само нежно гребнале одреден концепт.


Love, Death & Robots ретко промашува. Нема нешто што би можел да го издвојам како лошо, освен ако тие "епизоди" за кои сум сигурен дека нема да ги пуштам никогаш пак би ги категоризирал како такви. Дури и ако темата или концептот те остават рамнодушен, неодоливите анимации не допуштаат општиот продукциски квалитет да падне под просекот. Доживувањето е супер во секој случај, можеш да си истераш неколку саати мал фестивал за анимирани филмови во домашен амбиент.

Уживав во повеќето, ама изборот ќе го сведам на овие неколку кои ме натераа да се вратам на уште некое прегледување. Спојлерите се сведени на минимум, ама сепак претпазливо надоле.

Beyond the Aquila Rift
 

Love, Death & Robots адаптира две кратки приказни на Аластер Рејнолдс, оваа и Zima Blue, кои ете без да знам дека се од ист автор, инстантно ми се издвоија како омилените. Тешко е да изнесеш функционален космички хорор надвор од пишан медиум, а Beyond the Aquila Rift некако тоа го прави елегантно и прецизно. За многу кратко време успева да го оформи цел свет, да те приврзе за ликовите во него и со застрашувачки методи да го исплати целиот емоционален влог. 

Вознемирувачкиот исход на Beyond the Aquila не е нова идеја, ама презентацијата во оваа клаустрофобична минутажа е тоа што прави толку ефективно да се закачи за тебе и барем на кратко да те повлече во интензивен егзистенцијалистички вртлог.
  
Zima Blue


Како еден вид на мета-наратив, Zima Blue мајсторски ги лупи слоевите кои го откриваат уметничкиот микросвет. Го прави цел сопствен гламур да изгледа како кич. Уште една приказна на Аластер Рејнолдс која е потсетник за поместување на приоритетните наслови во читачкиот список. Не знам каква е оригиналната приказна, ама адаптацијата е еден од најдобрите кратки анимирани филмови кои сум имал прилика да ги искусам.

Беспрекорна анимација, музика и амбиент кои совршено кореспондираат со тактот на темата. Сјајна потрага на минимализам во јадрото на една изморена грандиозност. Ова е апсолутно најпоетичниот дел од Love, Death & Robots, дури и да не била таква намерата.

Good Hunting


Кен Лу, авторот чија кратка приказна е основата на Good Hunting го има измислено терминот "силкпанк" кој во суштина е стимпанк, меѓутоа наместо стандардната викторијанска естетика, светот е ишаран соделот со како-и-да-е-панкот е  мотиви од Источна Азија. Good Hunting веројатно е точката која ги судира овие два поджанрови и резултатот е одличен, макар и што не бев претерано воодушевен од анимацијата.

Но, приказната ми го задоволи оној нагон за машинерија на пареа, па секогаш кога ќе зачадеше нешто ми доаѓаше да запалам копија од филмската адаптација на Mortal Engines. Очајно ми фали жанров на ваков медиум и сакам кога е вака добро изведен.

Ice Age


Ова е единствениот сегмент од Love, Death & Robots кој користи вистински актери за кои неколку пати посакав да беа компјутерски генерирани статични дрва. Сериозно, на што толку отишол буџетот па што се одлучиле за талент од полу-професионално порно? Дури и репликите им звучат импровизирано.

Ice Age си игра со една друга стара идеја, но од една многу забавна перспектива. Лесно гризам на темата, а особено кога е симпатично апсурдизирана до овој степен. Можеби Ice Age технички заостанува зад наслови како The Witness или The Secret War, ама ми ја исполни душата многу повеќе од нив.

Shape-Shifters


Акциониот дел од Love, Death & Robots е резервиран за врколаците кои на Блискиот Исток се дел од специјална единица на американската армија. Велам акционен дел, бидејќи Shape-Shifters иако се обидува да даде некоја морална димензија, на крајот повеќе функционира како пиу-пиу парче.

Дури не е ни целосно функционално, зашто има толку нелогични ноти што да не беше самата идеја за милитаризирани врколаци толку кул, сигурно немаше повеќе од еднаш да го гледам ова. Но, еј - во целава оваа збирка анимирани филмчиња поеднакво решив да ги ценам и концептите. Не сите што се тука имаат време или намера да изградат комплетен свет со правила. Понекогаш ти треба само тепачка со врколаци.

Suits


Не можеш да имаш нешто што има роботи во насловот, а да заобиколиш mecha. И, тоа не било какви, туку рачно изработени mecha роботи што реднеци ги користат да си ги одбранат фармите и имотот од штетници кои со портали доаѓаат од некој друг свет. Suits таа идеја ја засадува многу лежерно. На овие луѓе очигледно борбата со ваква вонземска напаст им е секојдневие. Мислиш бркаат лисици од кокошарник.

Долго се мислев со што точно да ја завршам мојава селекција која опфаќа третина од Love, Death & Robots и на крајот се одлучив за Suits. Има шармантна анимација, супер ликови и е одлична аркадна забава која меѓудругото пакува и некои емотивни изненадувања. Концептот и визуелниот стил се супер комбинација за видео игра.

March 4, 2019

Оскаровскиот Спајдермен

Можам да замислам колку им е јако на посветените Спајдермен фанови овој период. Лани се нагостија со солиден PS4 наслов и анимиран филм што пред некој ден беше награден со Оскар, а наскоро пристигнува и продолжението на Homecoming. Се надевам дека и тековните Спајдермен стрипови се синхронизирани со забавата што ја сервира ликот низ другиве медиуми. Последниот аниминиран филм, Spider-Man: Into the Spider-Verse, е исклучително забавно и возбудливо парче, онакво какво што ретко се гледа откако филмските суперхерои интензивно почнаа да се потпираат на групирања во заеднички универзуми. Tолку e супер што дури и ми ја врати желбата за Спајдермен стрипови. Четири-пет години не сум пипнал Спајдермен стрип.

Spider-Man: Into the Spider-Verse, бидувајќи изолирана анимирана единка, се потпира на сопствен мултиверзумски еко-систем во кој функционира речиси беспрекорно. Сигурен сум дека во иднина ќе се разграни со продолженија и спинофи, ама сум среќен што основата овде не страда од интрузивна презентација. Баш е културно и умерено. Можеш да приметиш кога нешто е примарно создавано да е прв дел од многу и како му испаѓаат парчиња додека се тркала.


Мајлс Моралес конечно дочека достоинствен долгометражен третман и е вистинско освежување во Спајдермен свет каде што зад маската претежно се наоѓа Питер Паркер. Мајлс доаѓа и во време на безобразна присилена монетизација на диверзитет и прогресивни политики, а воопшто не создава беспотребна бука околу тоа. Колку повеќе се галами околу тоа, ефектот е помал. Некои филмски и телевизиски франшизи ја учат баш оваа лекција во моментов. Види само каква контра-услуга си прави Captain Marvel со интензивната промотивна кампања која исклучува цела демографска група.

Но, Into the Spider-Verse претежно се занимава со еден денес редок елемент - забавата. Во последно време има толку драми и контроверзии околу продукцијата на сите овие суперхеројски лајна што додека дојдеш до крајниот производ веќе си затруен од нив. Овде не го осетив тоа. Филмот ми пристапи прилично тивко и ме потсети на едно време кога овој жанр беше многу порелаксиран, ведар и топол, кога немаше потреба да  нагласува некаков политички тон или да се додворува на публиката со носталгија.

Чисто уживање за секоја возраст. Ултра-интересна приказна, феноменален кастинг, топ музиче и досетлив хумор. Не секој суперхеројски филм мора да го има истиот пристап кон спасување на светот. Без разлика дали е анимиран или не, мило ми е што заобиколува голем дел од досадните линеарни клишеа. Продуцентите во целост ја разбрале суштината на Спајдермен и можеби затоа резултатот е така префинет. Нешто чудно се случува откако суперхероите почнаа да стануваат поблиски со нашата реалност отколку со нивната, стриповската. Into the Spider-Verse иако игра околу границата, конечниот избор му е да остане во наивните стриповски рамки каде и најсоодветно функционира.

Анимацијата е главниот алат кој му овозможува на Into the Spider-Verse да настапи видно дистанциран од повеќето жанровски шаблони и итро ја користи приликата за се раздвижи. Oсобено во самата естетика која во одредени моменти го прави да изгледа како кандидат откорнат од фестивал за независен анимиран филм кој не штедел на визуелен раскош и психоделичен сензибилитет. Баш тој неодмерен експериментален стил го прави филмот толку привлечен и уникатен. Се надевам дека неизбежните продолженија ќе бидат поумерени во овој контекст зашто во спротивно брзо ќе излити и ќе се презаситиме.

Саундтрекот е уште еден впечатлив елемент кој придонесува за модерниот, младалачки амбиент на Into the Spider-Verse. Претежно се состои од имиња кои творат низ денешниот актуелен хип-хоп спектрум чии ствари овде се соодветно распоредени и одлично се вклопуваат во ритамот на филмот. Често го фаќам како ми се протнува во дневната плејлиста.

Се осеќам добро со Into the Spider-Verse. Слично исполнувачко чувство ми предизвикува The Lego Batman Movie. Ги гледаш и не си натоварен со тоа дали Локи ќе се бацува со Танос во седмото Avengers продолжение или дали Бен Афлек некогаш ќе биде пак Бетмен. Изморен сум од филмската суперхеројска серијализација и цикузот зад завесата. Се надевам дека некогаш во иднина продукцијата ќе се врати на самостојни приказни како Logan, а иднината ќе донесе нови свежи креативни екскурзии како Spider-Man: Into the Spider-Verse во овој одамна згрчен жанр.

February 28, 2019

Третата True Detective

True Detective ми е стара љубов, а богами и болка. Замислена како антологиска серија која еднаш годишно требаше да го оплеменува телевизискиот простор со детективски приказни, се сруши сама врз себе после една сезона. Најмногу зашто таа прва сезона постави високи стандарди на секое поле. Од имињата на актерите чиј сиров талент го цедеше до последна капка, до впечатливата иконографија и визуелен јазик со кои раскажуваше за разноликите темни, песимистички човечки ќошиња. 

True Detective никогаш не ми беше самиот детективски случај, туку ликовите. Тие беа месото со кое се хранев и често пати во првата сезона дури и ќе ја занемарев нивната професија. Втората сезона не ми се допадна воглавно зашто не успеав да си кликнам со новите ликови и начинот на кој актерите ги портретиира, па разочаран баталив после неколку епизоди. Не само ликовите, туку општо сѐ ми изгледаше некако раштимано, досадно и неинспирирано. За жал, не бев единствен со сличен впечаток. Реакциите на поголемиот дел од публиката ја "казнија" целата серија и сѐ до лани беше заринкана во продукциско лимбо.


Враќањето на True Detective со трета сезона ми беше чудно изненадување. Знаев дека некогаш ќе се случи, ама никогаш не бев целосно спремен. Дадов шанса на една епизода чисто од радозналост и на крај чекав недела за недела. Толку ми беше добра сезоната што за финалето нe ни бев загрижен дали ќе ме разочара или не. Квалитетот на епизодите што водеа кон тоа го искористив како амортизација. Тоа обично се случува со слични серии што ќе те наведат да чекаш одговори на прашањa. Може да уживаме во возењето ама не секој е награден со задоволството од крајната дестинација.

Третата сезона повторно има детективски пар што оперираа во јужњачки амбиент кој е тонално наштелуван да потсеќа на првата сезона и со визуелни мотиви кои се веќе синонимни за True Detective. Можеби времето што пројде од првата сезона некако одигра во полза на Ник Пицолато. Барем онолку доволно да препознаеш елементи од оригиналната еститика кои повеќе бележат омаж отколку евтинo рециклирање. Но, приказната е сепак многу различна од претходните, иако изгледа како да се издига од препознатлива основа.

Нема да навлегувам во детали околу самата приказна, ама ќе кажам дека сум презадоволен од понуденото. Ми требаше серија што се занимава со ликови кои вистински луѓе, а не картонски политички мотивирани испрдоци. Да почувствуваш како пренесуваат реални емоции, а не напорен состанок на група сценаристи. Понудено ти е да коегзистираш со овие ликови, па и да го решавате мистериозниот криминал заедно, а некогаш нарацијата дури и ќе откриеше нешто што ќе те ставеше тебе како публика чекор понапред.

Дури и упростената експозиција која во неколку наврати го има директниот придонес за ова е сосема занемарлива ако не очекуваш серијата комплетно од единствена перспектива да ти ги отплетка замрсените прашања. Серијата никогаш не се викаше True Detective поради целосниот приказ за размислувањето на детективите додека работат. Приметив дека разочарувањето од финалето кај дел од публиката е поради тоа - демек не си ја вршеле работата доволно добро или ние сме го виделе тоа. Јас цело време сум со впечатокот дека главниот фокус е тоа како баш таа работа влијае на луѓето инволвирани или што тие си носат таму од друго место. Заради тоа останувам да гледам. Има други детективски серии кои се занимаваат со проблематиката на професија, ако ти е веќе до тоа.

Махершала Али е во зенитот на неговата кариера и е вистинска чест овде да го гледаш како удобно се справува со истиот лик во наратив распостелен низ неколку различни временски периоди. Иако за неговата физичка трансформација голема заслуга сигурно има и шминкерскиот тим, остатокот е целосно Али. Бидејќи приказната постојано скока од една година во друга, лесно можеш да видиш за какво брилијатно глумчиште станува збор.

Изненаден сум и од Стивен Дорф кој како актер со помалку звучни наслови во резимето, постојано му парира на неговиот пореномиран колега. Дорф дефинитивно заслужува да се носи со големи улоги и искрено се надевам дека иднината ќе му биде понаклонета. Исто така се пријавувам да предводам бунт доколку перформансот на Скут МекНири во оваа сезона остане ненаграден. Мислам дека конечно дојде време да го добие Емито што му кидна со Halt and Catch Fire.

Не верувам дека ова што се случи во третово поглавје би можело да успее уште еднаш. Сега некако пројде, ама доколку се случи четврта сезона уште следната година тогаш очекувам да ја раскине папочната врвца со првата. Не сум сигурен дека формулата ќе истрпи уште една употреба. Како антологиски формат не смее да си дозволи толку лесно да се потпира на исти штосови, туку да понуди нешто различно. Нешто како отстапката на втората сезона само посмело и порафинирано. Баш ме занима дали Пицолето има некоја тајна замисла и капацитет да го исполни ова. Oд мене шанса како публика ќе има секако.

February 18, 2019

Слободниот пад на Star Trek: Discovery

Има една сцена на крајот од Star Trek Generations филмот каде што Ентерпрајз се бори со Клингонци. Иако ја добива битката, Ентерпрајз е сериозно оштетен и приморан да ја одвои чинијата што е стандарден механизам на бродот при такви итни ситуации. Но, експлозијата од ворп јадрото ќе го лансира во атмосферата на една планета чија гравитација ќе го повлече во сигурна пропаст. Нема жртви, ама тој иконски модел на Ентерпрајз е засекогаш уништен. На сличен начин истурка и првата сезона на Discovery во обид да го врачи Star Trek на следната генерација.

Целата таа прва сезона правев напори да го засакам овој нов пристап кон Star Trek, а во неколку наврати дури и ми успеваше. Решив да прифатам помрачен, депресивен Star Trek каде што истражувањето и иновативните научни концепти се заменети со тензична војна и напната драма, со надеж дека серијата гради некаква основа за порелаксирана следна сезона. Сепак, бродот се вика Дискавери и неговата мисија е истражувачка, нема потреба да биде толку активно инволвиран во воени конфликти. Крајот на првата сезона го елиминираше ликот за кој најмногу навивав и ја гледав серијата, ама ме занимаше кoja е следната дестинација на Дисквери.


Глуп сум што се изненадив кога видов дека дестинацијата е всушност 2019 иако технички приказната е сместена во 24-ти век. Star Trek сега постои во оваа ера на исфорсирана политичка корекност каде што сите сме еднакви без оглед на боја, вера, нација и пол. Каде што сите сме сплотени против најголемиот непријател на светот - белиот хетеросексуален маж. Белиот маж кој се осмели вербално да се спротистави на лик со поинаква боја на кожа и пол од неговиот и инстантно загина бидејќи тоа е забрането денес.

Конфликтот не ни беше поврзан со раса, религија или пол туку беше од техничка, професионална природа. Во вистински Star Trek ликовите кои имаат ваков тип на конфликт обично на крајот од епизодата би го решиле и тоа би послужило како една лекција за публиката. Овде разврската беше брутална насилна смрт проследена со гласни аплаузи. Можеби немаше ни да го приметиме ова да не се дигнеше толку голема галама.

Види, Star Trek секогаш бил изграден од диверзитет и прогресивна струја. Уште од 1966. Тоа му е и основниот концепт, дека ако се споиме како човештво со една цел ќе стигнеме до ѕвездите. Екипажот на секој брод секогаш бил со мешан етнос, капетанувале жени и црнци и никој никогаш немал проблем со тоа зошто било природно вклопено. Но, никој не ти се дерел во фаца да ги приметиш прогресивните политики и ниту една раса или пол не бил потиснат за да се потенцира некој друг. Ова не е проблем само во Star Trek, туку и на многу други места. The Last Jedi го прави истото со женските ликови, а колку што сум во тек - и актуелната сезона на Doctor Who.

Како веќе никој да не се грижи да создаде повеќеслојни забавни ликови, ликови кај кои ќе се потенцираат инспиративни човечки особини. Очигледно битно е само да се жена, по можност и малцинство, додека другите особини и постапки може да се помалку важни за приказната и самиот лик. Мајкл Бурнам имаше поголем потенцијал од ова, а сега во втората сезона е комплетно потоната во "Мери Су" третман. Секогаш знае најдобро и секогаш нејзиниот збор мора да е последен. И што е најбитно, секогаш знае подобро од мажите.

Вакви ликови се толку чести во последно време што мислам дека ова е преставата на моменталниве сценаристи и продуценти за "силни женски ликови". Нема веќе Елен Рипли, Сара Конор... Мислат дека за женски лик да е денес "силен" мора прво да откине нечии јајца. Како да не може да е "силен" и "независен" лик со други својства. Ако се осмелиш да го критикуваш ова, тогаш ќе те покажат со прст како гомно расистичко шовинистичко конзервативно.

Но еј, тоа е она што се случува кога ќе го соголиш цел Star Trek од тоа што е и ќе го користиш како медиум за насилно туркање на агенда против "токсична машкост". И првата сезона знаеше да се расфрла со специфична пропаганда, меѓутоа кога е дел од погуста мешавина од други идеи е помалку приметно и наметливо. Кога научниот или фантастичниот аспект на Star Trek е едвај видлив, останува само ова - обидот да се капитализира либералната политика. Никој не се осмелил да збори против Џејнвеј, првата жена капетан која е главен лик во серија. Можеби затоа што беше поинаку напишана, па нејзината "независност" и "сила" беше очигледна без некој да ни нацрта.

Овие неискрени мотиви не се единственото нешто што ми пречи во Star Trek, ама се толку втемелени во сезонава што не можам да ги игнорирам. Можеби ако имаше приказна подобра од претходната Клингонска војна немаше да ги приметиме. Discovery откако го уби Лорка наместо да создава нов материјал со сопствените ликови, посегна по екипажот на Ентерпрајз. Легендарниот Кристофер Пајк сега командува со Дискавери, а Мајкл го бара нејзиниот полу-брат Спок. Иако беше неизбежно серијата да се судри со нејзините претци, не очекував дека ќе се обиде да се потпре на носталгија. Уште еден доказ дека Дискавери слета во 2019 каде што мислат дека препознатливоста на брендот е побитна од суштинскиот квалитет. Спок е бренд, луѓе го асоцираат Спок со Star Trek и луѓето зад серијата си мислат дека тоа е формулата за успех.

Пајк е за џабе дојден во приказната, eве веќе четири-пет епизоди. Мајкл е секако попаметна од него и препоставувам дека на крајот од серијата и официјално ќе капетанува со Дискавери. Напред жени! Тоа сака да го продаде серијата така? Како порано што деца се инспирирале од Кирк, Пикард и старите екипажи да стануваат научници, доктори и астронаути така и Star Trek: Discovery сигурно си замислува дека има придонес кон истото. Демек, еве ние го гледаме нејзниот пат до капетанското столче сега. До сега видовме како жена ја превзема Клингонската Империја, a друга Одделот 31.

Не верувам дека било кој на светов може да се инспирира од ликови на кои вештачки им се вбризгуваат позитивните карактеристики или се потенцирани со потиснување туѓи мислења и постапки. Не е само Мајкл таква, речиси на сите такви ликови им се гледаат конците од кројот. Тили на пример e полничка и со тоа мислат дека рушат некаква општа претстава за идеално женско тело. До овде ли дојде Star Trek? Ќе го балансира сексизмот од Voyager и ќе отплаќа стари долгови.

За жал, сигурен сум дека нема спас. Изгубив секаква волја после неколку епизоди и не ми личи дека ќе стане подобро. Не само поради овие смешни родови политики и социјално ангажирани глуметања,  туку и приказните. Не можам да најдам ништо интересно зошто ништо не се ни случува, ниту пак има некој лик што ми е доволно поднослив за да го следам. Без Лорка е некако празно, а Пајк не смее да писне од бучните протести за човекови и вонземјански права на палубата. На крајот, па што ме заболе за Пајк кога и онака ја знаеме неговата судбина и покрај тоа што ова се одвива во некој сосема трет тајмлајн?

Во вторава сезона бидејќи ги немаат Клингонците како главен непријател, се трудат да измислат нов. Не ме интересира што се случува со Спок и што е Црвениот Ангел. Не ми е забавна псведо-науката што ја презентира серијата. Дали воопшто има тука некој сценарист што се занимавал со научна фантастика или сите претходно пишувале тинејџерски драми и петпарачки мистерии? Не ми треба тензија и пет епизоди приказната да тапка во место, ниту па буквално да враќаат мртви ликови. Секоја втора епизода некој умира и го враќаат во живот. Некогаш враќаат и ликови умрени и во претходната сезона.

До тука беше моето дружење со Discovery. И, онака повремено ја гледам оригиналната серија и The Next Generation, па ова лајно стварно не ми треба да ми губи саат време неделно. Еве, од сега па натаму ќе фрлам и Deep Space Nine во мојата неделна Star Trek доза и тоа е тоа. Ова не станува подобро и никогаш нема да си ја постигне целта. И, не, не е изговор дека првите сезони на секој Star Trek биле лоши. Друг концепт на серии и жанрови се. Discovery ни со дупло поголем буџет и дупло помалку епизоди не успева да биде Star Trek. Нека го за фановите на The Last Jedi и Supergirl. Живејте си долго и просперирајте.

January 30, 2019

Добредојде назад и збогум, Френк

Колку бев пресреќен што Френк Кесл се враќа. Особено поради тоа што можеби за последен пат ја гледаме оваа инкарнација на Панишер. Марвел сакаат да ги преселат сите нивни серии од Нетфликс на сопствениот моментално непостоечки стриминг сервис, па додека пак отпочне некаква продукција, Daredevil, Luke Cage и тие другите неколку што не ги гледав, кон крајот на 2018 се стекнаа со статус укинати. The Punisher уште не е на oвој список, ама јасно ти е дека е следниот наслов за отстрел.

Не ми е криво што можеби нема да продолжат серииве во истиот облик како до сега. Daredevil си истера супер три сезони и не само што постави стандард за адаптирање на самиот Дердевил надвор од стриповските страници, туку наштелува и шаблон за други сурови и мрачни оживувања на Марвел ликови. Втората сезона на Daredevil го донесе Панишер во заедничкиот марвелски филмски универзум каде што постои зборлест ракун и тоа беше најдобриот Френк Кесл што светот го доживеа. Барем поголемиот дел од светот претпоставувам, сигурен сум дека има луѓе на кои Долф Лунгрен, Том Џејн и вратарот од War Zone им се бољи.


Френк Кесл процвета во таа втора сезона на Daredevil. Перфектниот кастинг, извонредната динамика со Дердевил и останатите ликови, одлично вклопениот воведен наратив и соодветната употреба на прекумерно насилство, конечно ги погодија правилните ноти за достоинствена Панишер адаптација. Немаше ќорци - сите мети беа распарчени од рафали. Френк Кесл беше вистински оживеан и сите чекавме на неговата самостојна серија.

Сепак, првата The Punisher сезона испадна млака наспроти ветувањата во Daredevil. Френк Кесл веќе не беше сенката што демне, па да си изненаден од неговото ненајавено тропање по нечиј череп, туку беше централен лик со поголем простор за брутални маневри. Наместо тоа, материјалот беше значително поприземјен од она што го видовме во Daredevil и можните количини од насилството карактеристично за секојдневните интереси на Френк беа заменети со често досадни интерперсонални драми. Иако е сосема океј да ги истражуваш мотивите на таква немилосрдна машина за убивање како што е Френк Кесл, може да биде досадно кога е централен елемент во приказната.

Втората сезона излезе месецов и не е ништо подобра. Тука можно е малку да навлезам во спојлерска територија, па ова нека биде задолжителното предупредување за да не биде после Crapwerk ми ја усра серијата. За жал, сезоната е веќе толку лоша што секој спојлер е немоќен. Не само што нема доволно крвопролиќе за мој вкус, туку пак и пак се плетка во некои ствари кои повеќе би легнале во друг жанр. Кој мислел дека е добра идеја да става долги сцени од две жени што оговараат, во серија за нестабилна будала што ги убива оние за кои одлучил дека заслужуваат така да бидат казнети?

Ова е и трет пат како серијата се занимава со минатото на Френк и неговите мотиви. Пак на долго и широко сака да те потсети дека Френк е Панишер и се одмаздува за смртта на неговото семејство која попатно ја користи и како изговор за постојано да ја претвора неговата околина во бојно поле. Сфативме уште првиот пат, во ред е. Френк не е баш добар со менталното здравје. Daredevil тоа го понуди, првата The Punisher сезона се погрижи да го соџвака, а вторава уште го ждригa.

Ликот се вика Панишер. Значи "Казнувачот". Ги казнува криминалците трајно и ефективно со неговите вештини стекнати низ вистински воени фронтови. Не се вика "Човекот кој го изгуби семејството, па сега се обидува да пронајде утеха и алтернатива во случајни ликови што ги среќава на случајни места". Панишер го гледаме само три-четири пати во тринаесет сезони. Измеѓу не се случува ништо возбудливо или поради мрза на сценаристите е така досадно развлечено. Кога една од најинтересните епизоди е очигледен омаж на Assault on Precinct 13th на Карпентер, што повеќе да збориме.

Освен првите три епизоди и последните три минути, имав чувство како да ја гледам истата епизода измеѓу. Русо не се сеќава на ништо и не е сигурен што сака, Џон Пилгрим предолго ја цитира библијата пред да прогресира како лик, Мадани исто не знае што сака и од Френк и животот, онаа малана упорно ќути и го кочи и тој дел од приказната да... Сите некако си ја бркаа опашката додека мене ми опаѓаше интересот. До десетта епизода веќе се молев ова да заврши засекогаш.

Доколку сезоната потрошеше малку повеќе време на Џон Пилгрим отколку на клише наративот со Русо и психијатарката која почнува да се плетка со него, сигурен сум дека како целина ова ќе беше повпечатливо. Вака, Нникогаш не сфатив кој е главниот негативец тука, ниту пак дека има некои издржани мотиви. Никогаш и не осетив дека Френк Кесл може да биде повреден од било кој од овие луѓе или полицијата. Комплетно отсуствуваше секаков предизвик за Панишер. А, доколку серијата се обиде на три различни ликови да им наоѓа НЗС како што ми се виде, тогаш беше невешто и аматерски изведено.

Не сакам да споредувам со третата сезона на Daredevil, ама изгледа ќе морам. Истиот универзум е, истата продукција и некогаш овие два ликови беа заедно на исто место и сериите претендираат да имаат сличен тон. Дердевил во неговата трета сезона го затекнавме скршен на секој можен начин. Заканата доаѓа од две прецизно дефинирани и фокусирани страни, а тој е немоќен веднаш да одговори. Значи ликот е ставен во позиција од која издигнувањето изгледа  тешко со што самата приказна станува позанимлива и привлечна.

Френк Кесл е дизајниран скршен, па не можеш да го третираш како Дердевил. Не можеш и така од никаде да го фрлиш назад во игра откако е делумно среќно пензиониран. Зошто воопшто да го пензионираш тогаш? Како првата сезона го дозволи тоа не ми е јасно. Нели веќе еднаш се пензионираше после Daredevil? На крајот од втората сезона конечно го гледаме Френк како ја прифаќа неговата природа и решава да биде Панишер. Нешто што никогаш не требаше да се изгуби.

Конфликтот на Мет Мурдок во третата сезона на Дердевил е поуверлив каков таков затоа што Мудрок има пофункционлен морален компас од Френк Кесл и кај него има повеќе простор за играм-не играм. Не сакам да го видам Френк Кесл како не е Панишер. Некако не ми е својствено за ликот. Цело време имам впечаток дека тоа е единственото нешто што го одржува жив. Дури и на Брус Вејн кој ги има Алфред и Робините тешко е да му го одземеш Бетмен. Френк претежно нема многу "фиксни" луѓе околу кои евентуално би можеле малку да го приземјат. Не му го правете тоа на Панишер, ебаве. Остајте го да си биде Панишер.

Баш тапа ако ова е последното од Џон Бернтрал како Панишер. Он е единственото нешто поради кое и ја догледав оваа мачна, напорна сезона. Не можеа да најдат подобар актер и сигурен сум дека сите следни Панишери ќе бидат споредувани со него. Нешто како што секој следен Џокер ќе биде споредуван со Хит Леџер, со таа разлика што овој врвен неповторлив перформанс е дел од преценета шкарт серија. Стварно е поразително што и оваа сезона не му обезбеди услови асално да замириса на барут.

January 20, 2019

Посебниот Џедај

Пред мрачниот период, пред Дизни, постоеше еден Crapwerk каде што често пати Star Wars беше централната тема. Не ни стигнував да напишам за сите Star Wars стрипови, книги и игри со кои се труев, а на полиците дома постепено ми снемуваше место за сите Star Wars брендирани лајна. Самиот визуелен идентитет на блогот беше така уредуван со години што дури имам маици и шолји со тогашните Crapwerk мотиви. Star Wars ми беше една од омилените фикции за конзумирање и бев сигурен дека е невозможно да се заситам. Хаха.

Кога Дизни ја купи франшизата од Лукас се случија неколку клучни работи. Ја укинаа The Clone Wars серијата, го пензионираа 'проширениот универзум' кој ја содржеше Star Wars митологијата создавана надвор од двете филмски трилогии на Лукас и ja распуштија LucasArts, компанија што од 1982 ги потпишуваше сите Star Wars игри до тогаш. Потезите на Дизни најавуваа и различен бизнис план од претходното раководство за чиј успех гаранцијата на некој начин можеше да се побара во актуелното квантитативно и квалитативно марвелување. Суперхероите тогаш не страдаа нели, сигурно ќе се однесуваат грижливо и со оваа интелектуална сопственост? Хаха.


Моето секојдневно занимавање со Star Wars заврши откако го гледав Rogue One. Таму првпат видов како империјата Дизни го проституира брендот и не сакав да погледнам пак. Сепак, и таков неинвентивен, Star Wars повторно доминираше со поп културата. Тоа веројатно беше и врвот на она бидување кул со Star Wars фанатизам, претежно од луѓе кои до скоро не ни имале контакт со франшизата, а сега беа фанови "од детство". Пресмешно беше да се посматра таа ехо комора.

Спакуван со некои фини впечатоци од The Force Awakens, одјебав Star Wars. Не ме интересираше веќе ни Rebels, не го гледав The Last Jedi во кино, единствено се смешкав на драмите со Battlefront II играта. Јасно ми беше дека Дизни нема некоја јасна насока за како да го води брендот, барем не онака како што се надеваа дека ќе биде прифатен од публиката. Денес ни Rebels веќе не постои, туку Дизни сега се фалат со тоа како ја "спасиле" The Clone Wars како некој друг да им ја укина. Пресмешно.

Смешно е и како се решив да се размуабетам за ова, особено тоа што главниот мотив ми е The Last Jedi. Го гледав и мислам дека му пристапив најобјективно, па така и ќе заклучам дека е најлошиот Star Wars филм до сега. Дури полош и од Attack of the Clones кој во некоја паралелна реалност сигурно би важел за злосторство кон човештвото. Сериозно, да ви се намочам на филмот. Не можам да најдам ништо позитивно освен повремената визуелна привлечност.

Види, Дизни знаат дека ако залепиш Star Wars лого на тоалетна хартија ќе има луѓе што ќе кампуваат за да купат неколку ролни. Но, очигледно не им е јасно зашто тие луѓе го сакаат и почнале да го сакаат брендот. The Last Jedi е одличен пример за тоа, а уште подобар е Хан Соло филмот што излезе отпосле и кој како за Star Wars филм имаше лош одзив. Соло филмот не планирам да го гледам, ме заболе што правел Хан Соло пред да го сретнеме во кантината, ама се заинтересирав да дознаам што направиле со Лук Скајвокер и како реакцијата на публиката задала финансиски удар на самоуверените Дизни.

The Last Jedi е доказ дека Дизни сепак немале јасна идеја и правец за оваа нова трилогија. Или па доколку постоел некаков нацрт план, онаа коза Кејтлин Кенеди му дозволила на Рајан Џонсон да го згужва и фрли, па филмот е таков каков што е наводно со намера да ги "поткопа очекувањата". Демек, Рајан Џонсон ги читал теориите на фановите за она што би можело да се случува и го пишувал обратното. Браво, еј. Баш тоа е правилниот пристап за продуцирање филмови.

Па, така единствено нешто што The Last Jedi го поткопува е целата претходна приказна. Не само од The Force Awakes кој сега после The Last Jedi изгледа исклучително лошо, туку и концептот на оргиналната трилогија. Не можеш да земеш лик како Лук Скајвокер и да го напишеш така. Има многу покреативни насоки од таа да го претвориш во старо цинично пувало. Некако не сум убеден дека некој што жртвувал толку многу за идеалите и семејството туку така да крене раце.

Иако е лошо и мрзливо, не ми сметаше толку што одеднаш Силата може да послужи како инстант месинџер за Кајло и Реј, или опрема за дишење во вселена и што духовите на умрените Џедаи може да фрлаат громови. Повеќе ми сметаше тоа што ако веќе решија Лук да умре, зошто тогаш физички не беше присутен да се бори со Кајло? Сигурен сум дека некаде во некоја книга или на амбалажа од некое Star Wars шампонче ова има некое соодветно објаснување, ама ме заболе куров искрено. Филм гледам, не ме занимаат опширните теории за детските фантазии на Рајан Џонсон.

A, кога сме кај детски фантазии, Реј уште е Мери Су тип на лик и нема никакво поместување од нејзиниот иницијален шаблон. Неколку денови се знае со сите другите ликови и веќе е блиска пријателка со повеќето. Освен тоа, подобра е од сите нив и сите нејзини каракеристики се подарени од Рајан Џонсон (па, и Абрамс) наместо заслужени од наративот. За само неколку денови е магичен експерт за лајтсејбери, речиси може и сама да се тренира затоа што е силна независна Џедајка. Подобра од самиот Лук Скајвокер! Не е тајна дека Кејтлин Кенеди сака да ја прогура нејзината феминацистичка политика во Star Wars, ама ова е тажно.

Потажно е и од оние интервјуа на Гвендолин Кристи кај што Дизни ја натерале да кажува дека Капетан Фазма е примерен и силен женски лик. Фазма, ликот што вкупно 60 секунди е во двата филмови. Хаха. Ниеден од споредните ликови нема повеќе од една карактеристика, а не па споредните "силни" женски ликови. Дефинирани се само со полот. Ако сакаш силни повеќеслојни ликови што се исто така и женски пол ете Game of Thrones е најдобар популарен пример. Значи, не е доволно Кејтлин Кенеди да каже кој лик е каков, публиката треба сама да го види и почувствува тоа.

Од заслепеното туркање на такви глупави агенди страда цела франшиза. На Дизни не им е јасно дека никој нема да им се идентификува со тие ликови. Супер ако некој може да се идентификува со семоќни совршени ликови кои не се потрудиле и не страдале за работите кои ги имаат. Кога публиката реагира на тоа, ја обвинуваат за шовинизам, политичка некоректност, а слабата посетеност ја правдаат со презаситеност на пазарот. Не гледам пошироката публика да е презаситена со марвеловите суперхерои што ги има по три пати годишно, а Дизни?

Убава идеја е тоа да се оди спротивно од очекувањата на публиката, меѓутоа не смее приказната да се страда од тоа. Или барем да не се осеќа толку многу. Никој не го мрази The Last Jedi што е "различен", не го сакаме зашто е лош како филм и нема никаква здраворазумна логика. Новите ликови се ужасни и немаат никаков развој во однос на претходниот филм. Фин е сведен на кловновско ниво, а сигурен сум дека имаше простор да се работи со лик кој до вчера беше Стормтрупер и ги напушти редовите да се приклучи на отпорот. А, отпорот е... чекај, како тоа новата Галактичка Република нема огромна армија туку има мало парамилитарно движење и дозволи група на терористи да направат толкава штета? Дали евокси ја водеа Републиката по битката за Ендор?

Дали може да добиеме некакво објаснување за како се случи ова или само треба да прифатиме дека не може да има Star Wars филм без лошите да се во поголем број и дека крајот на оргиналната трилогија беше за џабе? Толку ли беше тешко да се напишат три филма кои ќе се занимаваат со некој друг вид на непријател? Дали беше полесно да се напише и долга сцена со деца робови и ослободување на животни? Деца робови во универзум каде што постојат дроиди и животни што ќе бидат пак заробени саат време покасно.

Ни на Марк Хамил не му се свиѓа брлавењево на Дизни. Го гледав на интервјуа што збори. Лук Скајвокер е тоа, Дизни. Генерации и генерации се идентификувале со неговото херојство, авантура и жртва за сега да го видат како молзи вонземски животни на остров во некоја галактичка вукојебина и не го заболе за ништо. На публика што со години се објаснува дека Хан пукал прв, нудиш карикатура од Лук Скајвокер. Барем да имаше некој друг цврст лик за да го избалансира тоа, но не. Има дебела азијатка за да се покрие и тој пазар малку.

И, неговата смрт ќе биде залудна како смртта на Соло. Рајан Џонсон не се ни потруди да покаже како тоа влијаеше на Лук или било кој. Реј направи фаца на негодување и после се стрча да му помогне на Кајло Рен. Претходниот ден беа смртни непријатели, денот претходно не се ни познаваа. Да не заборавиме, ова се случува во рок од ден-два. Во тие саати Реј емотивно се поврза со Соло, ја посведочи неговата смрт, се помири и псле реши да му помогне на убиецот. Ниедна смрт не влијае врз никого во овој ужасно бесмислен филм. Речиси цел отпор изгина и сите се среќни и весели на крајот. Со кои емоции треба да сочуствувам во The Last Jedi? Дали само треба да се смеам на пубертетските "шо мајка ти" фори на По?

Сети се само како завршува Empire Strikes Back. Добрите се поразени. Ги осеќаш последиците и се грижиш. Тука за што треба да ми е гајле во Episode IX? За како ќе се спаси Републиката што некако магично изгуби од мал остаток од Империјата? За Лук и Соло што умреа во рок од два дена без последници врз приказната, само за да се шокираме ние како публика? За Кајло Рен што практично никогаш не видовме колку е опасен? Среќа што за следниот филм Рајан Џонсон нема да е тука, инаку што ли ќе правевме со неговата ненадмината способност да оди контра сечии очекувања.

Баш поради него трилогијата е веќе полоша од приквелите. Со елиминацијата на Сноук или игнорирањето на Витезите на Рен за сметка на поигрување со публиката успеа да се посере врз целиот Star Wars на Дизни. Не е ова оргиналната трилогија на Лукас каде што ликовите и настаните се без претходна основа. Ако убациш лик како Сноук или го свртиш вниманието кон некои елементи за на крај да ги игнорираш секако дека ќе биде неуспешно. Императорот во оргиналната трилогија функционира така мистериозно во универзумот затоа што тој универзум нема никаква митологија и историја. Сега Star Wars во стадиум со богато изграден свет каде што потешко проаѓаат такви екскурзии. И да не заборавиме уште еднаш, сите тие необјаснети лајна е само за да се изненади публиката.

Не можеш да создадеш филм каде што главната енерија е изненадувањето за публиката. Особено не Star Wars филм. Можеби ќе послужи кратко во кино и во екот на општата возбуда, ама никако на долги стази. Гледај ги еден по друг The Force Awakens и The Last Jedi и ќе видиш колку е катастрофална целината. Не знам што ќе биде со Episode IX, трилогијата е веќе предлабоко во гомна за и Џ.Џ. Абрамс да може да ја извлече. Веројатно заслужено се погреба ова. Убаво беше пред три-четири години да се биде дел од чекањето на The Force Awakens, ама сепак ќе си се држам до оргиналната трилогија на Лукас.

Дизни планираат нова трилогија надвор од Скајвокер сагата за која во моментов уште е задолжен Рајан Џонсон. Којзнае како ќе нè изненади овој пат. Се надевам најголемото "поткопување на очекувањата" ќе биде кога Дизни ќе го исклоцаат подалеку од франшизата заедно со Кејтлин Кенеди. Покрај таа трилогија планирани се и нови серии кои би било пресмешно да пропаднат, еве ако не како на DC филмовите, барем како TRON и John Carter кои се на некој начин исто жртви на шашави одлуки на Дизни. Симпатично ми е кога големи компании не знаат да остават големи франшизи на раат додека улета некоја функционална инвентивна идеја. Ова ќе испадне ко Terminator што на неколку години ги прави истите ствари и очекува различен резултат.

January 6, 2019

Добрата дигитална Magic: The Gathering дрога

Две хартиени работи кои мирисаат најпрекрасно на свет се испегланиот кеш изваден од банкомат и новите Magic: The Gathering карти од тазе отворен бустер. Со вториов тип на хартија одамна се немавме прописно дружено, а баш неделава се навршуваат четиринаесет години од мојот прв вистински контакт со оваа игра преку еден Fifth Dawn интро дек што го добив за тогашниот роденден. 

Иако моето и онака кратко несериозно компетитивно играње Magic: The Gathering е одамна завршено, пред некое време си ги откопав картите собирани со години за да се распука некоја партија во домашен амбиент. Всушност, дури и во годините кога најактивно следев што се случува со Magic: The Gathering, искуствата со играта ми беа најинтензивни надвор од официјалните турнири. Или со други зборови - ритуално игравме дома со другари, често и од сабајле до вечер.


Во 2005, а и во следните години, немаше баш некоја алтернатива за кога ќе те причешаат рацете за MTG. Гоблин не работи толку касно, другарите ти се недостапни, а ти се игра. Magic Online не ти е опција, а онаа верзијата за PC од 90-ти не само што не функционира како што треба, туку изгледа прегрозно. Чекаш следен ден додека си ги разгледуваш картите, смислуваш некои комбинации за декови со твоите сиромашни комони и се тешиш дека среќата во играта е значително побитен фактор од цената и реткоста на картите. 

Низ годините мојот интерес околу играта варираше во однос на експанзијата/едицијата што беше актуелна, за на крај комплетно да ми опадне желбата да бидам во тек. Обврските што тогаш дојдоа во животот дополнително предизвикаа да се дистанцирам од MTG. Не го дочекав ни Scars of Mirrodin блокот во 2010, а се сеќавам дека се ложев што приказната се враќа на местото каде што почнав јас. Во следните години сите изиграни партии ми беа дома, со стари карти кои покасно и самите пропаднаа во некои фиоки. 

Сепак, MTG никогаш не ме напушти целосно, а ни мојата фасцинација со самата игра. Често слушав за што е ново, ги играв оние Duels of the Planeswalkers на Стим, ама никогаш не ми се врати истиот порив за емотивно и финансиско инвестирање. Сега и конечно можев да играм Magic: The Gathering на компјутер и против вистински играчи, секогаш кога ќе посакам, а пак не бев целосно внесен. Како може да ја обожавам играта, а да не се стрчам по нови вистински карти?


Крајот на 2018 роварев низ тие папките и кутиите со картите што сум ги собирал. Повеќето ги немав видено со години, за некои не се ни сеќавав дека сум ги поседувал. Единствено MTG нешто што секогаш држев на дофат беше еден внимателно склопуван mono blue control дек од пред осум години. Кога потрчав да се пофалам за некои од картонските артефакти на другарите што некогаш исто играле MTG, за возврат добив препорака за Magic: The Gathering Arena, нова бесплатна игра која од пред некој месец е во отворена бета.

Накратко, Magic: The Gathering Arena е најдобрата дигитална верзија на Magic: The Gathering до сега. Mожеби зошто конечно престанаа да се прават паметни и посебни, па направија игра што визуелниот тон го позајмува од Hearthstone. Не се ни обидуваат да го скријат тоа, а не се ни единствени. Hearthstone ја има најголемата публика за дигитални игри со карти и веројатно кога сакаш да црпнеш делче од таму, побезбедно е да понудиш нешто што на тие луѓе им изгледа познато. 

Таблата е иста таква интерактивна како во Hearthstone, па додека чекаш на противничкиот потег или го смислуваш твојот, исто можеш да си кликаш околу. Слични се и анимациите кога ги играш картите, па и "комуникацијата" со противникот е низ исти облачиња со такви кратки фрази. Толку слично изгледаат двете игри што некогаш сум убеден дека играм Hearthstone со MTG теми и правила.


Сакаш или не, концептот е функционален и привлечен. Тоа е визуелниот стандард со кој Wizards of the Coast се стремат да ја олеснат миграцијата на потенцијалните Hearthstone дојденци и мислам дека добро проаѓа. Освен сличната табла, Arena нуди и сличен визуелен панел за колекцијата на карти. Картите што ги собираш се убаво организирани и многу е лесно и едноставно да правиш измени на постоечките декови и да склопуваш нови. 

А, декови и карти имаш многу, дури и да не отвориш ниеден бустер. Играта е во фаза кога се обидува да привлече публика, па е премногу дарежлива. Низ дневните и неделни квестови собрав околу петнаесетина целосни тематски декови. Целосно бесплатно, што за игра од овој тип ми е некако чудно. Можеш да користиш и вистински пари, меѓутоа овие петнаесет декови, бустерите, картите и ингејм валутата со кои си постојано наградуван, се доволни за да бидеш компетитивен и без да го отвориш новчаникот. Секако, има систем и за добивање на конкретни карти, ама моментално ни тој не е засегнат од оние што би решиле да фрлат вистински пари.

Единствено учеството на одредени турнири се плаќа со вистински пари и не можш да го отклучиш на друг начин, што е сосема океј. Доволно работи се бесплатно на тацна, па веројатно е фер овој аспект да биде монетизиран. Мора некако и компанијата да заработи, нели. Не знам само дали и како би се наплаќале експанзиите. Месецов излегува нова на хартија, а бидејќи приметувам Arena е во тек со анаглогниот MTG Standard формат, веројатно ќе биде веднаш достапна и во дигиталната варијанта.


Сега доаѓаме до оној дел каде што треба да кажам дека Arena ми ја врати желбата за Magic. Супер е да кликаш со кафе, да изиграш неколку партии со лешперскиот црно-зелен Saproling дек, ама ништо не може да го замени она чувство кога ти се потат вистински карти во раце додека го набљудуваш противникот. Не е исто кога влечеш карта од вистинско купче. Што ќе ми е колекција од илјадници дигитални карти ако не можам да ги измрсам со прсти. Magic: The Gathering е посебен фетиш, па колку и да е добра оваа дигитална доза, никогаш нема да е целосна замена.

Ова е тоа што секогаш сум го посакувал од дигитална MTG, ама не и од самата игра. Не можеш Arena да ја понудиш на гости и сите да си поминете јако. Не се носат дигитални карти во викендица или на плажа. Се навратив малку назад низ годиниве "пауза" и гледам дека сум пропуштил многу добри блокови. Да не беше пак Ravnica во моментов веројатно веќе ќе имав нови вистински карти. Се сеќавам на оргиналната Ravnica и многу луѓе тој блок го сметаат за омилен, ама јас никогаш не успеав да се најдам со темата. Ова што било пред некоја година, Amonkhet? Е, тоа е нешто што повеќе ме влече и жалам што сум го пропуштил. Генерички фантастични светови секогаш подобро изгледаат кога ќе ги смешаш со специфична митологија.

Ќе си пукам Arena додека да набавам нови вистински карти. Не само што е најдобра од сите претходни слични Magic: The Gathering игри, туку сега ми е омилената (дигитална) игра со карти. Koга надојде бранот од Hearthstone клоновите, пробав неколку, ама никогаш не ми текна дека можеби ќе дочекам и MTG во тој дух. Прејака е и тврдам дека е милион пати попаметна идеја од она прескапо лајно на Valve и Ричард Гарфилд наречено Artifact.

December 12, 2018

Петте омилени Џон Карпентер филмови

Мислам дека на Џон Карпентер не му е потребно којзнае какво преставување. Неговото име засекогаш ќе биде меѓу оние најбитните кои се занимавале со филм и вечен синоним за хорор жанрот. Дали тоа било режија, сценарио или филмска музика, Карпентер неговата визија ја распослува низ повеќе аспекти од таа уметност. Иако некои од неговите филмови наидуваат на неуспех на тогашниот бокс-офис и кај критиката, денес се и тие пораснати во култни класици, а речиси и да не постои помлад режисер кој не го наведува Карпентер како инспирација. 

Годинава They Live наполни дваесет години, Halloween ја обележа четириестгодишнината со едно млако продолжение, а Crapwerk реши повторно прошета низ филмографијата на Карпентер и да се потсети на неговите омилени остварувања. Уживам речиси во сите негови филмови, ама најдобро со кликам со оние од осумдесеттите кога е очигледно на креативниот врв. За жал, тие што ги снима во деведесеттите го немаат баш истиот сензибилитет, а крајот на следната декада ја бележи и неговата пензија како режисер.


Денес Карпентер e скоро целосно посветен на компонирање музика и концертни турнеи. Има два феноменални албуми со музика каква што има создавано за повеќето негови филмови и една антологиска колекција со нови снимки од неговите култни звучни подлоги. Најинтересното ми е што Карпентер има вистинска музичка кариера баш во ист период кога синтвејв, музика во голема мера инспирирана и од неговите саундтреци, е еден од најактуелните андерграунд жанрови и концепти. Но, денешните пулсирачки синтисајзери нека останат тема за некоја наредна прилика, сега следуваат моите топ Карпентер филмови наредени хронолошки.


Ова е филмот кој практично го обликува слешер хорор жанрот во познатата дефиниција. Не дека претходно не постоеле слешерски елементи во хорор филмовите, секако дека постоеле, меѓутоа Halloween со нив го создава совршениот нацрт план кој бргу станува подлога за цел еден бран слични слешер филмови. Карпентер дури во знак на почит кон делата на Хичкок и жанровските корени намерно ја најмува Џејми Ли Кертис, ќерка на Џенет Ли актерката од Psycho. Не поминува долго време пред и самата Џејми Ли Кертис да стане асоцијација за хорор филмови. 

Halloween ми е еден од омилените хорори воопшто и секогаш првиот избор од филмографијата на Карпентер. Густата морничава напнатост и тивкото непријатно присуство на Мајкл Маерс ми се засекогаш нанадминливите слешер хорор параметри. Доволно е само музиката кога да ја чуеш  и знаеш дека ништо добро нема да следи. Карпентер толку добро има изиграно и со осветлувањето тука, што било кое пространство изгледа тесно и клаустрофобично, овозможувајќи доволно простор за целиот терор слободно да вирее.


Осумдесеттите години се златната ера на тестостеронски акциони филмови и научно-фантастични идеи за дистописки, пост-апокалиптични деведесети. Escape from New York е таков амалгам на концепти кој можеби не дефинира сопствени правци како Halloween, ама е доволно значаен за да послужи како инспирација за многу култни ствари како Neuromancer и Metal Gear Solid. Дури има и цела сцена во Cloverfield инспирирана од постерот на филмот и еден добиен судски спор против Лук Бесон за Lockout.


Escape from New York е филм што не губи ничие време, а особено не сопственото. За многу кратка минутажа, Карпентер успева визијата за свет каде што криминалците се доживотно изолирани на затворен остров,да ја изгради како една од најзабавните во фикција. Сето тоа со минимален буџет и неприкосновената харизма на Курт Расел како Снејк Плискин. Иако идејата за приказната функционира само еднаш, го сакам и она полу-функционално продолжение Escape from L.A. Двата имаат некој Б-филм шмек на кој не можам да оддолеам.


Да не постоеше Halloween, веројатно The Thing ќе беше прв на мојата листа филмови од Карпентер. The Thing е еден од најдобрите (научно-фантастични) хорори, од оние што посебно функционираат во ладни снежни зими и филмски маратони кои ги вклучуваат The Shining, па и The Hateful Eight. Вториов не само што исто го има Курт Расел, туку Тарантино го посочува The Thing како главна инспирација и покрај тоа што се жанровски различни. The Hateful Eight дури користи и неколку музички теми на Мориконе кои останале неискористени во The Thing.

Изолацијата никогаш не изгледала толку застрашувачки како во The Thing. Освен можеби кога се случувала на малку повисоко место каде што исто не можат да те чујат како врискаш. А, практичните ефекти што ги има во филмов се повознемирувачки од било кои специјални ефекти што може да ги произведе компјутер. Затоа веројатно тој визуелен хорор фактор во The Thing секогаш ќе биде класи над она што сум го гледал подоцна низ животот. Многу ми е забавен и фактот што The Thing и Blade Runner се излезени во ист ден, критиката ги има распарчено и двата филмови, а гледај како денес историјата ги памти. 


Роди Пајпер, кој инаку не е професионален актер туку борач, сам ја смислил најцитираната фраза од филмот "I have come here to chew bubblegum and kick ass... and I'm all out of bubblegum". Ќе го немавме тоа доколку неговиот лик  првенствено пишуван за Курт Расел бил одигран од самиот Расел, aма наводно Карпентер се предомислил зошто сметал дека веќе глумел во премногу негови филмови. Сепак, некогаш си замислувам каков би бил They Live со Курт Расел и како би изгледала онаа долгата тепачка со Кит Дејвид.


Дефинитивно еден од најпотценетите филмови на сите времиња. Секако, и овој филм на Карпентер има култен статус, а и понатаму осеќам дека е релативно непознат денес. Да, можеби од продукциски аспект филмот делува остарено како многу други жанровски наслови, меѓутоа социo-политичкиот тон на They Live станува сѐ порелевантен како одминуваат годините. Карпентер не се обидувал да претстави друга иднина во 1988, само го рефлектирал она што тогаш му пречело.


Ова ми е најслабата Карпентер декада, барем според бројот на неговите филмови што ми се допаѓаат од овие години. In the Mouth of Madness уште го нема постигнато статусот на овие четири погоре и чим не се случило, веројатно нема ни да се случи. Секогаш кога разгледувам туѓи листи со омилените Карпентер филмови, овој воопшто не го ни гледам таму или е запишан некаде подолу. Штета што ретко доаѓа "на ред" од другите класици на Карптентер, зошто е стварно супер кошмарно филмско искуство.

Карпентер обработува приказна и свет инспирирани од Стивен Кинг и Ловкрафт кои се преполни со мета-референци. Го има Сем Нил и  неговат преамбициозна глума, подостарениот Чарлтон Хестон и најпрвата улога на Хајден Кристенсен. Цел филм е исклучително чуден и надреален, многу пати и ненамерно, ама најбизарното ми е што секое гледање има работи што се случуваат и не ги памтам од претходното, а се сеќавам на некои што воопшто ги нема. A, постои само една верзија од In the Mouth of Madness...

November 24, 2018

Дванаесет години Crapwerk

Традиционално за секој роденден на Crapwerk одвојувам еден момент да размислам на тема блогови, ама никогаш претходно не ми дошло да пишувам за тоа. Колку и да ме нервира глаголот, 'блогирам' веќе дванаесет години. Нешто повеќе се уствари, ама ајде ќе го мериме само Crapwerk стажот кој веќе е еднаков на просечна возраст на Fortnite играч.

Crapwerk почна во поинакво интернет доба каде што онлајн присуството беше речиси ексклузивитет, барем на овие простори тука. Социјалните мрежи не беа оформени во тоа што се денес, па ако сакаше да си го одвоиш гласот од форумите и чет каналите тогаш поседувањето на блог беше соодветна опција. Подоцна следуваше една блогерска експанзија која беше стварно цврста неколку години пред да згасне заедно со форумите.


Имаше многу, многу блогови. Од онакви најобични онлајн дневници до блогови кои се занимаваа со специфични теми кои немаа друг таков третман на домашниот интернет простор. Денес речиси и да нема преживеани од таа ера. Дури и MakNBA, еден од тогашните најголеми блогови кој успеа да создаде и огромна заедница, денес мислам дека веќе нема посебен блог простор туку опстојува само на социјални мрежи. И, тоа воопшто не е проблем, туку е супер пример за адаптација. Интернетот брзо еволуира. Можеби она што пред десетина година беа блоговите, тоа се денес децана со јутјуб каналите.

Некогаш сум носталгичен за тоа време. Некако се стесни креативноста за сметка на квантитет сведен на многу помалку карактери. Не го барам тогашниот македонски интернет, туку само ми недостигаат упатени блогови, а не жални акаунти на блогерски платформи чии постови се колекции од полу-досетлив твитер кичерај. Сакам повеќе блогови како Кантарот. Преферирам квалитетна оригинална содржина, а не фалсификат мемиња и кратки афоризми. Ми фали и таа визуелна автентичност што самиот концепт на блог ја нуди наспроти малтене дистописката униформираност на социјалните мрежи и Medium платформата.

На глобално ниво блоговите коегзистираат со нивните 'модерни' наследници, платформи и медиумски облици. Кај нас каде што беше блог сцената, сега се тркалаат грмушки. Не го констатирам сега овој помор, туку некако денов ми беше за да го спомнам. Чудно е кога една од најдолгите занимации во живот ти станала толку ретка. Сигурен сум дека на подрачјево има повеќе филателисти отколку блогери.

Ми се пишува. Толку долго веќе го правам ова што после гледање, читање или играње на нешто имам инстант порив да напишам тука. Не ми е ни приближно до професијата ова, а ме има издеформирано професионално. Не секогаш имам време и инспирација за да склопам мисли во блог пост, ама се осеќам како после квалитетна серка кога ќе успеам да кликнам 'паблиш'.

Годинава ми е ептен кнап со офлајн обврските поради кои немам ни 40 постови до овој момент, а за чудо, истава оваа година Crapwerk бележи и рекордна посетеност за сопствените стандарди. Фала ви на сите што бевте некаков дел од блогов низ годиниве, особено оваа. Ќе се читаме и понатаму. Стандардното затворање на роденденскиот пост е со збирка одбрани постови од последниот роденден до сега, па еве ја тука подоле. Не таму подоле. Овде под текстов. Фала уште еднаш.

November 14, 2018

Џабе се возбудив за The Predator

Ретко слушам совети за филмови и баш ми е мило што на некои луѓе им успеа да ме одвратат од намерата да го гледам The Predator во кино. Сериозно, мислам дека полесно ќе издржев р'бетот да ми го откорнат отколку да седам саат и кусур на овој мокар прдеж од филм. Фала за препораката. Време е да се соочиме со фактот дека никогаш нема да има добар Predator филм освен кецот. Alien франшизата има барем два. Остатокот во двата серијали варира од просечно до "цела недела ми требаше за да го догледам".

The Predator го изгасив на пола. Иако бев максимално фокусиран пак не успеав да сфатам што и зошто се случува. Има дете во филмот што ќе дојде до вонземска технологија и ќе повика други Предатори на Земјата. Тоа се случи, така? Толку никој не го пазеше детето? Малку ли е тоа што играат Fortnite, па ајде сега и предаторски шлемови за маскенбал. Има докторка, научник или што и да е веќе, која откако ќе избега заробен Предатор почнува да го лови со пушка и акробатски вештини на кои би позавидела и Лара Крофт. 


Предаторот бега од заробеништво од единствена причина што го обезбедуваат ликови кои очигледно не се битни за приказната и можат лесно да изгинат. Со кој памет Шејн Блек мислел дека ќе убеди некого дека толку важно откритие за науката може да биде пооскудно обезбедено од супермаркет? Можел барем малку поуверлив почеток од ова со дупкиве широки тука. Истиот тој Шејн Блек на кого летоска му ги бацував јајцата поради филмот, мисли и дека "R" ознака на филм е ако сите ликови пцујат во секоја реченица. Само пцуење не го прави филмот за повозрасна публика, ништо ли не ве научија Deadpool и Logan? И, оној Ки ен Пил имал ли сценарио или бил приморан целиот дијалог да го импровизира? 

Шејн Блек со ова не само што ѝ свирна куршум во муда на франшизата, туку си испука и еден во него. Стварно мислев дека го разбира материјалот, дека уште може да пишува интересни дијалози и ликови, но не. Какалурница е филмот, барем од тоа што стигнав да видам. Премногу ликови без идентитет и впечатливи карактеристики, тоалетени обиди за хумор, лошо уредување и никаква тензија. Сите само пцујат, се дерат, пукаат и не знаат кај тераат. Таков е и самиот филм - бучен, хаотичен и без некоја јасна насока.

Не осетив дека гледам The Predator филм. Не поминува ни како фан филм. Повеќе изгледа како некој нискобуџетен телевизиски испрдок што е смислуван минути пред да ги уклучат камерите. Дури и стварно продукцијата да се одвивала така, пак не ми е јасно како така отсуствува структурата. Како е воошто можно да направиш полош филм од Alien VS Predator: Requiem? Тој барем го имам догледано до крај. 

Не знам дали можеле да го спасат ова. Можеби доколку филмот беше фокусиран на ликот на Бојд Холбрук и уште два-тројца ќе имаше некаква шанса. Или можеби ако приказната беше целосно сместена на некоја изолирана локација наместо урбана средина која делува пусто и покрај тоа што личи на густо населено предградие. Не знам, ставете го Предаторот да лови во некој снег негде, двеста години во минатото каде што мала група се брани од него со попримитивни оружја. Нешто што ќе е напнато и интересно. Од сите идеи кои може само да градат врз една единствена функционална формула, Шејн Блек се одлучил за најнесмасната.

Дури и оној Predators од 2010 знаеше точно што прави. Не е најдобриот филм на светот, ама барем го осеќаш како Предатор филм зашто основните елементи ги користи соодветно. Таму исто има дисфункционална милитантна група само што нивното присуство е доволно избалансирано и многу од ликовите гинат пред да почнат да го гушат филмот. Можеби само требаше да остават франшизата да си умре со тој филм. Ќе беше многу подостојна смрт.

Види такоѓе: