Showing posts with label True Detective. Show all posts
Showing posts with label True Detective. Show all posts

February 28, 2019

Третата True Detective

True Detective ми е стара љубов, а богами и болка. Замислена како антологиска серија која еднаш годишно требаше да го оплеменува телевизискиот простор со детективски приказни, се сруши сама врз себе после една сезона. Најмногу зашто таа прва сезона постави високи стандарди на секое поле. Од имињата на актерите чиј сиров талент го цедеше до последна капка, до впечатливата иконографија и визуелен јазик со кои раскажуваше за разноликите темни, песимистички човечки ќошиња. 

True Detective никогаш не ми беше самиот детективски случај, туку ликовите. Тие беа месото со кое се хранев и често пати во првата сезона дури и ќе ја занемарев нивната професија. Втората сезона не ми се допадна воглавно зашто не успеав да си кликнам со новите ликови и начинот на кој актерите ги портретиира, па разочаран баталив после неколку епизоди. Не само ликовите, туку општо сѐ ми изгледаше некако раштимано, досадно и неинспирирано. За жал, не бев единствен со сличен впечаток. Реакциите на поголемиот дел од публиката ја "казнија" целата серија и сѐ до лани беше заринкана во продукциско лимбо.


Враќањето на True Detective со трета сезона ми беше чудно изненадување. Знаев дека некогаш ќе се случи, ама никогаш не бев целосно спремен. Дадов шанса на една епизода чисто од радозналост и на крај чекав недела за недела. Толку ми беше добра сезоната што за финалето нe ни бев загрижен дали ќе ме разочара или не. Квалитетот на епизодите што водеа кон тоа го искористив како амортизација. Тоа обично се случува со слични серии што ќе те наведат да чекаш одговори на прашањa. Може да уживаме во возењето ама не секој е награден со задоволството од крајната дестинација.

Третата сезона повторно има детективски пар што оперираа во јужњачки амбиент кој е тонално наштелуван да потсеќа на првата сезона и со визуелни мотиви кои се веќе синонимни за True Detective. Можеби времето што пројде од првата сезона некако одигра во полза на Ник Пицолато. Барем онолку доволно да препознаеш елементи од оригиналната еститика кои повеќе бележат омаж отколку евтинo рециклирање. Но, приказната е сепак многу различна од претходните, иако изгледа како да се издига од препознатлива основа.

Нема да навлегувам во детали околу самата приказна, ама ќе кажам дека сум презадоволен од понуденото. Ми требаше серија што се занимава со ликови кои вистински луѓе, а не картонски политички мотивирани испрдоци. Да почувствуваш како пренесуваат реални емоции, а не напорен состанок на група сценаристи. Понудено ти е да коегзистираш со овие ликови, па и да го решавате мистериозниот криминал заедно, а некогаш нарацијата дури и ќе откриеше нешто што ќе те ставеше тебе како публика чекор понапред.

Дури и упростената експозиција која во неколку наврати го има директниот придонес за ова е сосема занемарлива ако не очекуваш серијата комплетно од единствена перспектива да ти ги отплетка замрсените прашања. Серијата никогаш не се викаше True Detective поради целосниот приказ за размислувањето на детективите додека работат. Приметив дека разочарувањето од финалето кај дел од публиката е поради тоа - демек не си ја вршеле работата доволно добро или ние сме го виделе тоа. Јас цело време сум со впечатокот дека главниот фокус е тоа како баш таа работа влијае на луѓето инволвирани или што тие си носат таму од друго место. Заради тоа останувам да гледам. Има други детективски серии кои се занимаваат со проблематиката на професија, ако ти е веќе до тоа.

Махершала Али е во зенитот на неговата кариера и е вистинска чест овде да го гледаш како удобно се справува со истиот лик во наратив распостелен низ неколку различни временски периоди. Иако за неговата физичка трансформација голема заслуга сигурно има и шминкерскиот тим, остатокот е целосно Али. Бидејќи приказната постојано скока од една година во друга, лесно можеш да видиш за какво брилијатно глумчиште станува збор.

Изненаден сум и од Стивен Дорф кој како актер со помалку звучни наслови во резимето, постојано му парира на неговиот пореномиран колега. Дорф дефинитивно заслужува да се носи со големи улоги и искрено се надевам дека иднината ќе му биде понаклонета. Исто така се пријавувам да предводам бунт доколку перформансот на Скут МекНири во оваа сезона остане ненаграден. Мислам дека конечно дојде време да го добие Емито што му кидна со Halt and Catch Fire.

Не верувам дека ова што се случи во третово поглавје би можело да успее уште еднаш. Сега некако пројде, ама доколку се случи четврта сезона уште следната година тогаш очекувам да ја раскине папочната врвца со првата. Не сум сигурен дека формулата ќе истрпи уште една употреба. Како антологиски формат не смее да си дозволи толку лесно да се потпира на исти штосови, туку да понуди нешто различно. Нешто како отстапката на втората сезона само посмело и порафинирано. Баш ме занима дали Пицолето има некоја тајна замисла и капацитет да го исполни ова. Oд мене шанса како публика ќе има секако.

July 7, 2015

Толку Детектив

Нешто не штимаше уште во првата епизода од втората сезона на True Detective. Но, во ред. Прва епизода, шанса да го прифатиш новото, да си ги оставиш споредбите со она што си го видел претходно и со отворен ум, да видиш што следно ќе излезе од устата под мустаќот на Колин Фарел. Бев скептичен до втората епизода. Полека почна да го одмотува тој хаос од претходната, за на крај да фрли клифхенгерски завршеток кој можеби е знак дека серијата има храброст и идеја? Не баш. Ја гледав третата епизода. Подобро да гледав квиз со Лила за кој не сум сигурен дали е нов или извесна национална телевизија пополнува простор со репризи од 1996. Сè што можеше да направи True Detective со сезоната, го изгоре на почетокот на оваа епизода. За среќа, последната што ќе ми одземе скапоцено саат време.

"Јас... јас сум еднодимензионален лик.."

Ајде, повтори по мене - True Detective е срање. Знаеш дека е срање. Лошо и досадно, што си го гледал еден куп пати до сега. Единствениот лик што знам како се вика, фино и културно застрелан во гради, по една недела тензично чекање да ја дознаам неговата незавидна судбина, стана. Стана, се истресе и серијата продолжи по медиокритетниот клишеизиран правец каде што секоја проститутка во стриптиз клуб знае сè за секого. Но, ова го знаеш веќе и не треба да те изненади зошто е така во скоро секој филм и серија секогаш. Си заглавил гадно со некој случај, ти детективу? Без гајле, нека се симне Дестини од шипката, ја има секоја информација што ти е потребна. 

Другите ликови се толку небитни што не ме ни интересира што се случува со нив. Задремував неколку пати, мада не верувам дека пропуштив нешто особено важно. Тејлор Ки..ч.. ш го пофалив кога се појави во првата епизода. Ме изненади колку e сменет од John Carter, физички некако одговара за улогата. Беше интересен во втората епизода, и покрај тоа што ликот беше по шаблонот за такви ликови. Во третата приметив дека не ни верува во репликите што ги изговара, уште помалку дека се труди да одглуми. Ликовите и актерите ми го отежнуваат следењето на приказната, која веќе не ме ни интересира што е. И, онака ќе го фатат на крај, никој нема да умре од главните ликови веројатно, а и да умре, нема да ти биде гајле. Веќе ја искористија таа финта, во епизода која убаво ти покажува кој потенцијал нема да биде искористен. Штета, дури и фино почнаа да го билдаат идентитетот на сезоната со пејачката во барот и такви моменти што ќе ги потенцирав како добри фори ако нели, догледав до крај. Толку од мене, детективи. 

Последната шанса за гледање нова серија летово ми е она Mr.Robot. Занимливи први две епизоди, добри актери, приказната со малку претенциозни идеи и детали што ми бодат очи, ама ќе дадам шанса на третата епизода неделава.

June 22, 2015

Почеток на втората сезона на Truе Detectivе

Само што досвири песната која ќе ја отвара втората сезона на True Detective, мислев дека крикот на воодушевување ќе ме држи до крајот на епизодата. Тензично, да, меѓутоа некако останав со измешани чувства. Колку и да знаеш дека ова сега ќе е различно од минатиот пат, додека се вика True Detective, нормално е очекувањата да ти бидат високи. Кој може да те обвини? Прерано е да се заклучува било што, но едно е секако сигурно. Втората сезона не е првата. Нова приказна, поинаков случај, друга локација. Мрачна е, многу помрачна од она што ми го најавија трејлерите, со детективи е, има имиња што во главно се симнати од филмско платно, ама тоа е тоа.


Она што малку ме загрижува е леснотијата за предвидување, барем крајот на првата епизода, и шаблонските ликови. Корумпиран џандар, пијаница, што се обидува да биде добар татко вплеткан со градски големец што го користи за остварување криминали. Полицајка што претендира дека поседува јајца и има членови на семејството со кои не е блиска, кои меѓудругото ја иритираат и со тоа што нивниот начин на живот се разликува од нејзиниот. Истрауматизиран воен ветеран што навечер брзо вози мотор за да се испука... Се надевам дека само вака површински изгледаат како што изгледаат, но ајде, дупло повеќе се од претходно, па ќе видиме како ќе се развиваат понатаму. Не дека Кол и Марти беа најоргиналните литературни креации, меѓутоа имаа некој уникатен шмек и димензија што фино ги зацврсти уште на самиот почеток.

Покрај сетирање на стеротипните детективи, епизодата го најави и мистериозниот случај што оваа банда ќе го решава до крајот на сезоната. За среќа, фотографијата и режијата е одлична.  Овој дел од очекувањата ми беше надминат, зошто мислев ќе биде во некоја повесела Калифорнија. Не очекував сурфери, полицајци на точак или да врне кокаин, ама не мислев дека ќе го пренесат тој темен тон под сонцето тука.

Втората сезона ќе има осум епизоди, завршува некаде на почетокот на август. Останувам до крај со надеж дека ќе бидам запрепастен.

March 11, 2014

Првата сезона на True Detective

Посведочивме една од најквалитетните серии во историјата на американската телевизија. Пак. Серија, што покрај другото, убаво го потенцираше талентот што го поседувал Метју МекКонахи. Ете, потврден и со Оскар (за филм што уште не го гледав), ако тоа на некој му е некакво мерило. Во True Detective е маестрален.

Финалето ја затвори истрагата за мистериозното убиство со кое почна серијата. Осум епизоди. Сосема доволно ако знаеш вака мајсторски да раскажеш приказна. Крајот за мене беше совршен. Гледам дека оние кои се занимавале со "мистериите" не се баш највоодушевени. Нормално дека некои прашања нема да се одговорени, но дали воопшто и биле прашања, а не преголемо обрнување внимание на незначајни детали? Фокусот уште од самиот старт беше на ликовите. Приказната, иако крајно занимлива и интригантна, никогаш не (ми) беше во преден план. Како што спомнав и во претходниот пост на истава тема, професијата на ликовите на моменти воопшто не е битна, туку врската меѓу нив и нивниот прогрес. Да, ситуацијата во која беа, е можеби специфична, но не и пресудна.  


Оној дел од приказната, со детективскиот случај, се заврши баш фино. Барем оној дел кој беше важен за Раст и Марти. Навидум премногу едноставно, но воопшто не е. Патот до таму, не беше така мазен како што можеби изгледаше. Погледни во животот на главните ликови. Изброј. Не знам какво откровение очекуваше интернетов што е толку разочаран? Возење, од првата до последната епизода е толку феноменално, што исходот на крај немаше ни да ми биде толку битен.

Не сум сигурен што да очекувам понатаму. Втората сезона доаѓа со нови ликови и комплетно нова приказна. Како се надминува нешто вакво? Додека дочекаме втора сезона, ликовите и целата симболика и мит околу True Detective ќе се врежува сè подлабоко во поп-културата. Се надевам дека нема да се обидат да ја ископираат истата формула. Ова функционира само еднаш. Доколку имаат нешто различно, моето тело е спремно! Додека го држи нивото на квалитет, тука ќе сум како публика.

February 26, 2014

Кој е овој Метју МекКонахи?

Зошто во никој случај не е истиот од пред неколку години! Апсолутно нема шанси да не е заменет со вонземска копија или андроид. Овој талент што го покажува во True Detective некако ми е нереален. Што е следно? Хју Грент со бркови и брилијатна улога во серија за фудбалски клуб составен од канадски Инуити која суптилно ни посочува колку сме всушност мали во овој универзум? Нема шанси да е ова тој Метју МекКонахи, не. Мора да има некое објаснување кое прави смисла.


Но, она што е очигледно, е дека моментално се прикажува серија која дефинитивно останува класика во историјата на телевизијата. И, мило ми е што конечно успеав да го фатам текот на само две епизоди (од вкупно осум) до крајот на првата сезона. Не очекував волку рано да се појави нешто што ќе ми ја пополнува празнината од Breaking Bad. Не правам споредба, само сакам да ја потенцирам генијалноста на True Detective. Темата е сосема различна, а и целиот амбиент. True Detective е далеку помрачна и подепресивна. HBO е можеби стандард за квалитет, меѓутоа ова успева да ја помести линијата после само три епизоди. Четвртата епизода, особено со крајот со сцената во еден кадар, го удри печатот. Шест минути сцена, една од најдобро изрежираните кои ги виделе моиве очи. Без спојлери. 

Без никакво претерување, серијата е фасцнинатна од секој аспект. Режија, сценарио, музика и секако актерите. Вуди Харелсон го сакам секаде каде што ќе се појави. Таков е, харизматичен и некако улогите му се местеле баш како за него. Или па е едноставно добар актер и може добро да се справи со стварите што му налетуваат. Океј, не е Иан Мекгелен, ама да не ситничариме. Метју МекКонахи... Запрепастен сум. Никогаш не ни замислував дека може да одглуми ваков комплексен лик како што е Раст Кол. Секоја чест, сериозно. Го допишувам постов и станувам пак да аплаудирам.

True Detective во осум епизоди обработува приказна која е многу повеќе од вообичаениот детективски стандард и шаблон. На моменти не е ни битно со што се занимаваат ликовите додека протнуваат такви дијалози. Дури и за џандарска серија, отскокнува со реалните и човечки ликови. Нешто како The Wire, само што чепка една потемна страна. Форматот е антологиски, што значи дека следната сезона ќе гледаме сосема друга приказна и ликови. Доколку успее да го постигне ова што моментално го прави првата сезона, ќе ме има како верен гледач и понатаму.