December 12, 2018

Петте омилени Џон Карпентер филмови

Мислам дека на Џон Карпентер не му е потребно којзнае какво преставување. Неговото име засекогаш ќе биде меѓу оние најбитните кои се занимавале со филм и вечен синоним за хорор жанрот. Дали тоа било режија, сценарио или филмска музика, Карпентер неговата визија ја распослува низ повеќе аспекти од таа уметност. Иако некои од неговите филмови наидуваат на неуспех на тогашниот бокс-офис и кај критиката, денес се и тие пораснати во култни класици, а речиси и да не постои помлад режисер кој не го наведува Карпентер како инспирација. 

Годинава They Live наполни дваесет години, Halloween ја обележа четириестгодишнината со едно млако продолжение, а Crapwerk реши повторно прошета низ филмографијата на Карпентер и да се потсети на неговите омилени остварувања. Уживам речиси во сите негови филмови, ама најдобро со кликам со оние од осумдесеттите кога е очигледно на креативниот врв. За жал, тие што ги снима во деведесеттите го немаат баш истиот сензибилитет, а крајот на следната декада ја бележи и неговата пензија како режисер.


Денес Карпентер e скоро целосно посветен на компонирање музика и концертни турнеи. Има два феноменални албуми со музика каква што има создавано за повеќето негови филмови и една антологиска колекција со нови снимки од неговите култни звучни подлоги. Најинтересното ми е што Карпентер има вистинска музичка кариера баш во ист период кога синтвејв, музика во голема мера инспирирана и од неговите саундтреци, е еден од најактуелните андерграунд жанрови и концепти. Но, денешните пулсирачки синтисајзери нека останат тема за некоја наредна прилика, сега следуваат моите топ Карпентер филмови наредени хронолошки.


Ова е филмот кој практично го обликува слешер хорор жанрот во познатата дефиниција. Не дека претходно не постоеле слешерски елементи во хорор филмовите, секако дека постоеле, меѓутоа Halloween со нив го создава совршениот нацрт план кој бргу станува подлога за цел еден бран слични слешер филмови. Карпентер дури во знак на почит кон делата на Хичкок и жанровските корени намерно ја најмува Џејми Ли Кертис, ќерка на Џенет Ли актерката од Psycho. Не поминува долго време пред и самата Џејми Ли Кертис да стане асоцијација за хорор филмови. 

Halloween ми е еден од омилените хорори воопшто и секогаш првиот избор од филмографијата на Карпентер. Густата морничава напнатост и тивкото непријатно присуство на Мајкл Маерс ми се засекогаш нанадминливите слешер хорор параметри. Доволно е само музиката кога да ја чуеш  и знаеш дека ништо добро нема да следи. Карпентер толку добро има изиграно и со осветлувањето тука, што било кое пространство изгледа тесно и клаустрофобично, овозможувајќи доволно простор за целиот терор слободно да вирее.


Осумдесеттите години се златната ера на тестостеронски акциони филмови и научно-фантастични идеи за дистописки, пост-апокалиптични деведесети. Escape from New York е таков амалгам на концепти кој можеби не дефинира сопствени правци како Halloween, ама е доволно значаен за да послужи како инспирација за многу култни ствари како Neuromancer и Metal Gear Solid. Дури има и цела сцена во Cloverfield инспирирана од постерот на филмот и еден добиен судски спор против Лук Бесон за Lockout.


Escape from New York е филм што не губи ничие време, а особено не сопственото. За многу кратка минутажа, Карпентер успева визијата за свет каде што криминалците се доживотно изолирани на затворен остров,да ја изгради како една од најзабавните во фикција. Сето тоа со минимален буџет и неприкосновената харизма на Курт Расел како Снејк Плискин. Иако идејата за приказната функционира само еднаш, го сакам и она полу-функционално продолжение Escape from L.A. Двата имаат некој Б-филм шмек на кој не можам да оддолеам.


Да не постоеше Halloween, веројатно The Thing ќе беше прв на мојата листа филмови од Карпентер. The Thing е еден од најдобрите (научно-фантастични) хорори, од оние што посебно функционираат во ладни снежни зими и филмски маратони кои ги вклучуваат The Shining, па и The Hateful Eight. Вториов не само што исто го има Курт Расел, туку Тарантино го посочува The Thing како главна инспирација и покрај тоа што се жанровски различни. The Hateful Eight дури користи и неколку музички теми на Мориконе кои останале неискористени во The Thing.

Изолацијата никогаш не изгледала толку застрашувачки како во The Thing. Освен можеби кога се случувала на малку повисоко место каде што исто не можат да те чујат како врискаш. А, практичните ефекти што ги има во филмов се повознемирувачки од било кои специјални ефекти што може да ги произведе компјутер. Затоа веројатно тој визуелен хорор фактор во The Thing секогаш ќе биде класи над она што сум го гледал подоцна низ животот. Многу ми е забавен и фактот што The Thing и Blade Runner се излезени во ист ден, критиката ги има распарчено и двата филмови, а гледај како денес историјата ги памти. 


Роди Пајпер, кој инаку не е професионален актер туку борач, сам ја смислил најцитираната фраза од филмот "I have come here to chew bubblegum and kick ass... and I'm all out of bubblegum". Ќе го немавме тоа доколку неговиот лик  првенствено пишуван за Курт Расел бил одигран од самиот Расел, aма наводно Карпентер се предомислил зошто сметал дека веќе глумел во премногу негови филмови. Сепак, некогаш си замислувам каков би бил They Live со Курт Расел и како би изгледала онаа долгата тепачка со Кит Дејвид.


Дефинитивно еден од најпотценетите филмови на сите времиња. Секако, и овој филм на Карпентер има култен статус, а и понатаму осеќам дека е релативно непознат денес. Да, можеби од продукциски аспект филмот делува остарено како многу други жанровски наслови, меѓутоа социo-политичкиот тон на They Live станува сѐ порелевантен како одминуваат годините. Карпентер не се обидувал да претстави друга иднина во 1988, само го рефлектирал она што тогаш му пречело.


Ова ми е најслабата Карпентер декада, барем според бројот на неговите филмови што ми се допаѓаат од овие години. In the Mouth of Madness уште го нема постигнато статусот на овие четири погоре и чим не се случило, веројатно нема ни да се случи. Секогаш кога разгледувам туѓи листи со омилените Карпентер филмови, овој воопшто не го ни гледам таму или е запишан некаде подолу. Штета што ретко доаѓа "на ред" од другите класици на Карптентер, зошто е стварно супер кошмарно филмско искуство.

Карпентер обработува приказна и свет инспирирани од Стивен Кинг и Ловкрафт кои се преполни со мета-референци. Го има Сем Нил и  неговат преамбициозна глума, подостарениот Чарлтон Хестон и најпрвата улога на Хајден Кристенсен. Цел филм е исклучително чуден и надреален, многу пати и ненамерно, ама најбизарното ми е што секое гледање има работи што се случуваат и не ги памтам од претходното, а се сеќавам на некои што воопшто ги нема. A, постои само една верзија од In the Mouth of Madness...

No comments: