April 8, 2020

Филм на неделата: Gerald's Game (2017)

Испровоциран од Doctor Sleep решив малку да се прошетам низ филмографијата на режисерот Мајк Фланаган. Иако како име ми беше релативно непознат до скоро, приметив дека ги знам повеќето од неговите филмови и некои намерно сум одлучил да ги заобиколам. Дел од нив ми изгледале како генеричен хорор и не ме занимало баш кој е режисерот на филм како Ouija: Origin of Evil, на пример. Му го гледав и Hush, што во суштина е слешер хорор кој ентузијастички се стреми да ја освежи жанровската формула, меѓутоа не успева да иновира подалеку од основата со што во повеќе прилики ми го кршеше вниманието.

Во 2017 Фланаган го снима Gerald's Game, кој како и Doctor Sleep е уште една адаптација на книга од Стивен Кинг што ја немам читано. Се сеќавам на добрите критики за филмот кога се појави и сега откако конечно го гледав, жалам што ми требало толку време да му дадам шанса. Gerald's Game раскажува за еден постар пар кој заминува во изолирана викендичка среде никаде со намера да си го освежат бракот. За беља, минути откако господинот ќе ја заврзе госпоѓата со лисици за кревет, умира на лице место од срцев удар и ја остава оваа тазе вдовица да дреме така врзана.


Клучевите од лисиците се далеку, нивните телефони исто, а сопствениците на викендичката не би требало да дојдат со денови. Мојата симпатија уште од времето на Californication, Карла Гуџино бидува заглавена во една исклучително непријатна беспомошна позиција, како физички така и ментално. Немав претстава каде може да продолжи Gerald's Game оттука цел саат и пол до крај. Но, од тоа што малку ми е познато од изворниот материјал на Стивен Кинг, можам да заклучам дека Фланеган одлично се справува со него. Без многу спојлери, главниот лик е оставен да преживува врзан за кревет каде што се чини дека најголемиот непријател му се сопствените мисли и тоа концептуално е беспрекорно изведено. 

Карла Гуџино е многу посериозна актерка отколку што мислев и тука нескромно го цеди цел нејзин актерски капацитет. Сум ја видел на неколку филмови и серии и никогаш не сум бил претерано фасциниран од глумата, ама овде е брилијантна. Не само што е задолжена со ликот на немоќната Џеси, туку и со секоја манифестација на нејзините мисли и внатрешни монолози кои често го опфаќаат други, контрасни слоеви од ликот. Баш ефикасен режисерски механизам за филмот да биде подинамичен и притоа да ја задржи густата тензија во собата и на креветот.

Gerald's Game е еден од подобрите трилери со блага хорореста нијанса што сум ги гледал во последно време. Постојано е напнат, застрашувачки и во неколку прилики крајно емотивен во неочекувани правци. Знае така убаво да те разниша кога нагло ќе сврти. Како што проаѓаат годиниве, некако губам фокус што не ми се враќа кога ќе заринка некој филм или серија, а Gerald's Game оди мазно од почеток до крај. Затоа и го издвојувам како најдобриот од тие што ги гледав неделава и топло го препорачувам ако го имаш пропуштено.

Стварно е добар овој Мајк Фланаган, сега ми е појасно. Има осет за хорор жанрот, конта дека е многу повеќе од евтини преплашувања и крававо насилие, знае да ги обликува ликовите во луѓе со чии судбини е лесно да се соживееш и располага со еден куп штосови кои ете конкретно во Gerald's Game, функционираат секогаш кога ќе ги извади од ракав. Можеби раните филмови не му се најсјани, ама можеш да приметиш како учи подобро да ги реализира идеите. Додека трае оваа карантинска сафра може да му ја погледнам и The Haunting of Hill House серијата, а си спремив и уште неколку негови филмови како Absentia и Oculus.

Види такоѓе:

March 29, 2020

Филм на неделата: Vivarium (2019)

Откако лани премиерно се прикажа на Канскиот филмски фестивал, Vivarium деновиве е конечно достапен и за нашите домашни карантински гледачки маратони. Нетрпеливо го чекав уште од првиот трејлер и мило ми е што до сега успеав да се заштитам од други дополнителни детали и спојлери. Филмот ми понуди малку поразлично искуство од она за кое мислев дека ме подготвил, меѓутоа сум доволно задоволен за да го одвојам како највпечатливиот од тие што успеав да ги извртам во оваа долга недела. 

Vivarium е фино мало трилерче со научно-фантастична нота на ирскиот режисер на Лоркан Финеган кое според тоа за колку кратко постигна силен поларизирачки ефект кај публиката, очигледно не е за секого. Или ќе уживаш или ќе те остави да патиш по тие девеестина минути. Vivarium никогаш не смета дека ти должи повеќе од тоа што го нуди и како таков сосема можам го ценам. Донекаде можам да се сложам дека би бил пофункционален со покомпактно времетраење, како епизода од антологиска серија или краток филм, ама ако успее да те закачи нема ни да осетиш дека е саат и пол.


Млад пар (Џеси Ајзенберг и Имоџен Путс) се во потрага по нов заеднички дом и завршуваат кај еден крајно сомнителен агент за недвижнини кој ќе ги одведе во ново изолирано маало каде што сите куќи изгледаат идентично. Куќите имаат убави дворчиња, уредни тревници, големи соби, ѕидови и мебел во пастелни бои, баш онака за идилично домување. Како Вес Андерсон да ги проектирал. Додека потенцијалните купувачи разгледуваат наоколу агентот го снемува и кога решаваат да си заминат, сфаќаат дека не можат сами да го најдат излезот од огромната населба. 

Не само што куќите изгледаат исто, туку и броевите им се повторуваат, па така бајковитиот впечаток постепено почнува да се претвора во бескраен лавиринтски кошмар. За ситуацијата да биде дополнително усрана, кога после вртење кругови повторно завршуваат кај куќата што ја разгледуваат на почетокот, таму ги чека бебе со порака дека ако сакаат да излезат од ова, ќе мора да го израснат.

Филмот иако е сместен во огромна населба, успева да биде гадно клаустрофобичен и непријатен. Се стреми да ја одржи тензијата дури и во моментите кога некои работи стануваат очигледни и предвидливи, па затоа разбирам доколку некој прерано се разочара. Сепак, онаму каде што потфрла со инвентивноста, компензира со изразен визуелен стил и амбиент. Контрастот меѓу пастелната удобност и хоророт во приказната е дел од тој дозиран баланс. Затоа и некако не ми дозволува да ситничарам дури и за моментите каде што тежнее да протне "големи" теми за да се направи попаметен одошто навистина е.

Најважно е што се одржува како кохеретна целина без да се заплетка во сопствен наративен лавиринт и да ја крепи мистеријата со некои непотребни шпекулации. Внимателно оди таму каде што се обидува да стигне без оптеретеност дали било кој би имал замерки за дестинацијата. Успешно си игра со сите работи кои располага, без да осетиш дека нешто е вишок или па дека премногу недостасува.

Ако ти се гледа како некои несреќници се снаоѓаат во чудни надреални ситуации својствени за филмови како Cube или епизоди од The Twilight Zone, ова е тоа. Иницијалната идеја е супер-интригантна, актерите соодветно ја носат гротескната неприлика за постојано да сочуствуваш со нив и плус има опширна понуда на незаборавни моменти кои сигурно ќе ти се вдомат на подолго ако дозоволиш. 

Види такоѓе:

March 21, 2020

Карантинско кино

Какво време, а? Сите по дома напикани и зачмаени во овие бавни благо-дистописки денови, кои искрено се надевам дека што поскоро малку ќе ни се разведрат. До тогаш, важно е да си поседиме на безбедно без непотребни прошетки, како би си го зачувале сопственото здравје и здравјето на сите околу. Вишок слободни саати никогаш не се на одмет, секако. Така и се отвори приликата моето домашно кино да биде поредовно со проекциите.

Со оглед на тоа што не можам баш да се отштекам од тековната глобална ситуација, изборот на филмови овој период е ми некако "тематски", колку и да звучи тоа несоодветно. Првата недела карантинското кино "Крапверк" изврте неколку филмови со апокалиптичен набој од кои ги издвоив овие три подолу. Ќе се потрудам следнава недела селекцијата да биде малку попозитивна и шарена, зашто хоророт сега некако интензивно почна да доаѓа од пореални извори.

Од иднина каде што огромен дел од човештвото е збришано од вирусна пандемија, Брус Вилис е испратен во минатото да открие дополнителни информации за вирусот, ама ќе го стрпаат во ментална установа. Епа, очигледно не можеш туку така да тврдиш дека си од иднината и зошто си дојден. 12 Monkeys е базиран на францускиот експериментален краткометражен филм La Jetée, чија идеја Тери Гилијам ја канализира во засебно ремек-дело, обмотано во густи слоеви и детали кои ги откриваш со секое следно гледање.


Повремено сакам да си го освежам впечатокот од 12 Monkeys и секогаш успева да ме чачне со ист интензитет. Филмот стареее одлично и никогаш не те остава рамнодушен кон истакнатата визуелна естетика, неповторливите перформанси на Брус Вилис и Бред Пит или емотивната снага на приказната. 12 Monkeys е еден од моите најрани контакти со научна-фантастика која се занимава со патување низ време и мило ми е што толку години го имам на располагање. Од пред некоја година има и серија која никако да седнам да ја проверам, а упорно слушам добри коментари.


"Кога ќе нема повеќе место во Пеколот, мртвите ќе чекорат по Земјата". Безвременската класика на Џорџ Ромеро, таткото на модерната зомби фикција, продолжение на култниот Night of the Living Dead. Често имам внатрешни дебати за кој од овие два филмови, а и општо од целиот Dead серијал на Ромеро ми е омилен и денес како таков ќе го утврдам Dawn of the Dead. Филмот зомби инвазијата ја носи на поголемо ниво за разлика од претходникoт, каде што сега реанимираните мртовци гладни за живо човечко месо веќе се широко распространети низ САД, а веројатно и целиот свет.


Една мала група преживеани ќе се најде заглавена во шопинг мол од каде што се обидува да се заштити од орда немртви, а и банда моторџии кои се дојдени по тоалетна хартија, брашно, квасец и макарони. Како и другите вакви филмови на Ромеро (а тие што подоцна ги инспирира), Dawn of the Dead не се воздржува да распали со општествени критики кои му даваат специфичен тон на жанрот кој можеби на прв поглед изгледа како обичен насилен грозен хорор. Задолжителен зомби материјал чија вредност е дополнителна збогатена со присуството на хорор легендите Дарио Арџенто и Том Савини како дел од креативниот процес. Зек Снајдер сними Dawn of the Dead римејк од 2004 кој не е воопшто лош.


Филмот на Дени Бојл кој заедно со Resident Evil филмскиот серијал успеа да го размрда зомби хорор жанрот, иако технички не се занимава со класични зомбија кои претежно се "живи мртовци". Група активисти за правата на животните ќе провали во лабораторија во Кембриџ со цел да ослободи шимпанза врз кои се експериментира. Притоа, несакајќи ослободува и опасен вирус кој брзо се шири кај луѓето преку крв и плунка, претворајќи ги во ултра-насилници со едвај некаква примитивна свест.


28 денови покасно, Килијан Марфи се буди од кома во болница, затекнат во опустошен Лондон и пандемија со апокалиптични последици. Набргу се спојува со неколкумина преживеани незаразени луѓе кои се обидуваат да стигнат до импровизирана воена база од која се емитува сигнал. Филмот има инвентивен пристап кон стандардизираната жанровска формула, воглавно со брзите зомбиња кои се многу пофрапантна закана од оние во Ромеро класиците. Пореалистичниот тематски тон и некои извесни шокирачки сцени прават никогаш да не ти излезе од глава. 28 Days Later високо котира на мојата листа со омилени зомби остварувања и покрај комичниот Shaun of the Dead е дефинитивно најдобриот европски зомби филм. Има и втор дел, 28 Weeks Later.

March 5, 2020

Ретроспектива на Demolition Man

Прејако беше да си дете во девеести. Гледавме филмови нон-стоп, ако ништо друго. Палиш телевизор и во сред бел ден ти иде филм со Сталоне или Шварценегер. Секој втор ден така. Златното доба на тогашните скопски локални телевизии кои емитуваа пиратска содржина од подрум. Ако решиле да пуштат нешто друго, некој во маало обавезно располага со касети нецелосно преснимени Rambo III или True Lies од телевизија, па не си оставен без твоите акциони херои. Генерации растеа вака.

Сталоне во девеести има фасцинантна филмографија. Речиси сите жанрови ги опфаќа. Ништо не е со завидлив квалитет, а сè е ултра-забавно. Многу од тие денес имаат култен статус, дури и хумористичните излети како Oscar и Stop! Or My Mom Will Shoot. Можеби не како највпечатливи жанровски остварувања, ама сигурно како Сталоне филмови. Еден таков од оваа Сталоне ера е научно-фантастичниот акционен Demolition Man (1993), познат и како филмот поради кој Денис Родман си ја фарбаше косата шарена.


Сталоне е Џон Спартан, посветен заебан џандар, а Сајмон Феникс на Весли Снајпс е насилна будала со особен интерес за убивање недолжни. По еден инцидент каде што ќе загинат многу заложници на Сајмон, некако и двајцата завршуваат во затвор каде буквално се замрзнати на 70 години. Крајно дискутабилен правен систем во далечната 1996, подеднакво сомнителен како адвокатот на Спартан кој дозволил таков полицаец да добие иста казна со манијакален криминалец, но ок. Филмот подоцна треба да ги соочи двајцата во иднина каде што не припаѓаат и тоа е тоа. 

Сајмон се буди пред време, некои триесетина години подоцна, во свет комплетно различен од неговата 1996. Во Сан Анџелес е сè мирно, идилично и речиси утописки. Општеството толку многу напреднало за триесетина години што веќе нема криминал, графити, холестерол и пцуење. Сè се снима и лесно може да добиеш инстантна казна од соодветен апарат во близина. Целиот свет во Demolition Man има ужасно симпатична естетика, дури и фантазира за некоја технологија што денес е реалност. Граѓаните се исклучително примерни, па полицијата нема ни огнени оружја, туку се опремени со глупи палки кои се особено бескорисни против будали како Сајмон Феникс. Веќе погодуваш кој е единствениот човек во овој нов свет кој може ефективно да го сопре. 

Спартан е исто одмрзнат и инстантно вработен во полицијата со единствена мисија - да го улови Сајмон. Спартан е и од друго време, па филмот супер го користи тоа за повеќе пати да ја спроведува "риба на сувo" тропата. Има една прејака сцена кога Спартан се жали дека немало хартија во тоалетот и сите му се смеат, бидејќи нели ова е далечна иднина и хартијата е заменета со некакви "три морски школки". Па, Спартан пцуе неколку пати во автоматот што печати казни за вулгарен јазик и заминува назад во тоалет. Demolition Man не е филм на Верховен, ама некогаш се стреми да има таков сатиричен тон и воглавно е ефикасен. Освен кога безобразно рекламира ланци за брза храна, можеби.

Светот во кој е сместен некогаш е напукнат од нелогични детали. Иднината која би била многу поубедлива доколку е подалечна. Не може ликови кои се повозрасни и биле живи во времето пред Џон Спартан да ставен во суспендирана анимација, сега да се чудат на неговите манири и постапки или да ги осудуваат. Зарем такви радикални индивидуални промени за толку кратко време? Разбирам дека во полициски филмови сценарстите сакаат да имаат некој надреден серко што постојано ќе се конфликтира со главниот лик, ама тука во контекст на временскиот период не функционира баш. Контам дека не е филм што се третира себе пресериозно, ама сепак.

Општиот амбиент на филмот, досетливиот хумор, Денис Лири, музиката на Елиот Голдентал и по сите акциони стандарди феноменалните перформанси на Сталоне и Снајпс, не дозволуваат да биде демолиран дури и кога најсилно ќе се заклати. Demolition Man е презабавен и покрај тоа што располага со еден тон глупости, ама па од денешен аспект многу од таквите придонесуваат да изгледа така шармантно. Ова е филм од најдобрите денови на Сталоне. Кога можеше сам да износи било што само поради тоа што е Сталоне. Како таков, го сметам за еден од неговите најдобри. Нема денес веќе вакви филмови, ама за среќа минатото чува доволно.

March 2, 2020

Doctor Sleep, второкласното продолжение на The Shining

The Shining е еден од најдобрите филмови некогаш снимени во хорор жанрот и e мојата омилена адаптација на Стивен Кинг книга што не сум ја читал. Изворниот материјал е поразличен од филмот на Стенли Кјубрик, барем онолку доволно за да доживее страствен презир од самиот Кинг. Знам дека книгата повеќе се ослонува на натприродното отколку психолошкиот терор, па затоа и никогаш не сум имал желба да ја читам. Може и да не е вооопшто лоша, ама сум толку сврзан со филмот што не верувам дека било што друго би успеало така ефективно да ми ја раскаже приказната за фамилијата Торенс и нивниот престој во хотелот "Оверлук".

The Shining е сосема доволен и перфектно си ја исполнува намената, без оглед на тоа како се однесува кон книжевната основа. Оттаму, некако потешко загризав на идејата за продолжение, посебно вакво филмско кое се обидува истовремено да биде втор дел и на книгата и на филмот на Кјубрик. Ланскиот Doctor Sleep филм, базиран на истоимената книга од 2013, се занимава со возрасен Дени Торенс кој се труди да си го најде местото во светот додека срка алкохол за да се справи со "сјаењето", а и со траумите од последниот пат кога го видовме.


Концептот на "сјаење" е многу суптилно чепнат во The Shining филмот. Знаеме дека е некаква телепатска моќ и луѓето кои се обдарени со "сјаење" може да комуницираат без зборови, меѓутоа кај Кјубрик тоа не е примарната нишка. Не е како некој да беше професорот Чарлс Ксавиер или нешто таму. Doctor Sleep од друга страна, "сјаењето" го користи како главен мотив во филмот кој ги поврзува сите негови точки. Имено, Дени се обидува да заштити едно девојче од мистериозен култ кој практично се храни со животната енергија на луѓе кои можат да "сјаат".

Нафрлени се многу различни аспекти од оваа моќ кои верувам дека имаат некакво значење за оние кои се запознаени со книгите, ама за мене како љубител исклучиво на филмот на Кјубрик и неговата поприземјена природа, се малку преголем "Стивен Кинг од девеести" залак. Очекував дека ќе гледам нешто сосема различно од The Shining и ценам што филмот има сопствен глас дури и кога пулсира во сенката на неговиот предок, само што премногу време троши на некои ствари кои би функционирале многу подобро ако не ти се сервирани директно во фаца.

Со тоа што Doctor Sleep упорно соџвакува многу елементи, ја губи целата мистерија на која би можел одлично да извози. Вака, не само што е лишен од било каква тензија, туку и негативците во ниеден момент не изгледаат како сериозна закана. Никогаш не осетив дека главните ликови се било како загрозени, ни дека внатрешниот конфликт на Дени има некаков разорен потенцијал. Други некои сегменти толку многу непотребно ги развлекува и повторува што дури и заспав неколку пати. Баш ти фала, Докторе. И The Shining согорува споро, ама па таму исходот е далеку поисплатлив.

Покрај култната положба на The Shining, веројатно е невозможно Doctor Sleep да опстои комплетно самостојно без повремено да упатува силни референци кон тој филм. Мислам, се разбира дека може, ама ќе претпоставам дека некој сметал дека е подобро да јавне малку и на таа препознатливост. Единствен човек на кој ова не би му било природно е Стивен Кинг, претпоставувам. И, овој дел од филмот одлично функционира, замисли. Огромен дел од времето Doctor Sleep изгледа фино отцепен, па во моментот кога почнува да ѝ удоволува на публиката дојдена од Кјубрик не делува онака пренападно.

Не знам, можеби ова е мал спојлер сега, ама од тоа што ми е познато за The Shining книгата, хотелот гори речиси до темел и таков е и во Doctor Sleep книгата. Меѓутоа, тука во филмот е направена одлука хотелот сепак да постои како во крајот од првиот филм за да може Дени таму го дочека големото финале. Режисерот Мајк Фланaган се потрудил да обезбеди скоро идентични сетови од ентериерот на хотелот "Оверлук" низ кои елегантно маневрира без тоа да стилски изгледа "кјубриковски". Ептен го испочитував овој момент. Изгледа познато, а не е евтина копија.

Иан МекГрегор е добар како возрасен Ден Торенс. Никогаш не сум помислувал што се случило понатаму со малиот Дени, и ете денес изгледа како неотрезнет Оби-Ван Кеноби. Сосема во ред. Не го гледам МекГрегор често последниве години и баш ми е мило за приликата да го видам пак во главна улога. Остатокот од главната екипа е исто солиден, ама најголемо изненадување ми се актерите кои глумат ликови од првиот филм. Не е воопшто лесно да емулираш такви актери во улоги како The Shining, а малава екипа тука одлично си ја завршила работата. Кратко, ама доволно убедливо и впечатливо.

Иако иницијалниот впечаток од Doctor Sleep не ми е најпозитивен, со тоа што ме буцна доволно за да се распишувам, ме кандиса за второ гледање. Веројатно ова го прави филмот подобен за моја препорака? Има и Director's Cut што трае триесетина минути подолго, па ете тоа ќе го гледам следен пат. Не верувам дека ги поправа нешто многу проблемите со темпото,  праволиниската приказна или недостатокот на вистински хорор, ама ме интересира што има во тој додатен материјал. Го мислам филмот предолго откако го гледав и очигледно ме закачи со нешто, а не ми е јасно во целост што. Не, не е поврзаноста со The Shining.

Види такоѓе:

February 29, 2020

Детоксикација од Star Trek: Picard

Стигнав да изгледам три и пол епизоди од Star Trek: Picard и еве некое време се справувам со душевнaта нелагодност што ми ја предизвикаа. Редовната двонеделна доза Star Trek: The Next Generation од една епизода, сега е зголемена во ударни количества. Имам една дискутабилна теза која се занимава со тоа дека од вкупно 178 епизоди The Next Generation, времето успеало да сочува околу дваесетина сериозно квалитетни, што е отприлика колку една сезона. Тие ги вртам постојано последниве години и никако да ми здосадат. Доволни ми се како единствената Firefly сезона. Сега прегледувам и некои што обично незаслужено ги прескокнувам кога сркам The Next Generation. 

Не ми се сите епизоди "The Inner Light", "The Best of Both Worlds", "Yesterday's Enterprise", "Relics" или "Chain of Command". Има многу што се неугледно остарени, некои се просечни, ама има и такви што сум подзаборавил колку се стварно добри или па претходно не сум укопчал дека се. Се разбира, го земам превид и тоа што Star Trek: Picard сега додава поголема вредност и на најлошите Voyager епизоди, па веројатно поинаку ми е наштимана перспективата. Во оваа прилика ќе одвојам неколку тематски неповрзани, ама најважно е дека деновиве потпомогнаа за Star Trek: Picard полесно да ми го напушти системот.



"Clues" понекогаш ќе ја сретнеш вброена во некоја листа со подобрите The Next Generation епизоди, ама јас често сум ја одминувал за сметка на некои други во мојата стандардна ротација. На пат да истражи непозната планета, целиот екипаж на Enterprise губи свест на триесетина секунди. Како што прогресира епизодата контаат дека можеби биле несвесни многу подолго, а единствениот свесен за време на инцидентот, Дата, изгледа како да ја преќутува целосната вистина. Неговите мотиви се нејасни, како за екипажот така и за тебе како гледач.

Исклучиво интригантна приказна која навигира низ различни морални концепти и вешто си игра со довербата кон вештачка интелигенција. Сакам добри мистерии во фикција, а "Clues" е баш таква, супер-функционална и тензична до самиот крај. Ја имав малку подзаборавено, па успеа да ме начека неспремен неколку пати додека се лупеа слоевите што ја откриваат целата слика. Брент Спајнер е главната движечка сила во епизодава, неверојатно добро е созреан со улогата во цела оваа четврта сезона.


Уште една епизода напумпана со возбудлива мистерија која го фрла Enterprise во временска јамка. Екпажот преживува низ краток настан кој почнува отпочеток во моментот кога бродот неизбежно се судира со друг брод и бидува уништен. Нешто како Groundhog Day, ти текнува. Секоја интерација се одвива речиси исто и завршува со Enterprise распарчен од експлозија, но во секоја следна екипажот постепено почнува да се присетува на некои детали и да се сомнева дека тоа што им се случува веќе се има случено претходно.

Слаб сум на приказни со патување низ време, временски аномалии и дисторзии, а особено кога се причина за старите црвени униформи од филмската ера на оригиналниот екипаж да се појават во The Next Generation. Трековскиот технички жаргон тука е рокнат на најјако и не можеш да не поверуваш во науката што ја користат за да го решат проблемот што упорно ги врти во круг. За да биде уште позабавно, "Cause and Effect" завршува со заплет чија разврска е оставена на твојата имагинација.


Првите две сезони на The Next Generation мене ми се најслаби. Особено втората. Да, има некои исклучително феноменални епизоди како "The Measure of a Man", "A Matter of Honor" или "Q Who", ама воглавно потешко избива над просекот. А, поради тоа што никогаш не успеав вистински да ја засакам докторката Пуласки, "помалите" епизоди од втората сезона полесно завршувале на списокот за прескокнување. На "Unnatural Selection" сега налетав сосема случајно, ја пуштив без сеќавање која епизода е точно. 

Enterprise добива повик за помош од брод на Федерацијата кој е во непосредна близина. Но, додека го пресретнат, екипажот на бродот е веќе целосно мртов од "старост", а со истата епидемија на забрзано стареење се соочува и една истражувачка колонија. Нема да помине долго пред и самиот екипаж на Enterprise да дојде во контакт со опасниот вирус. Но, наместо да почнат панично да штанцаат залихи на брашно и јуфки со репликаторот, нивниот пристап присебен, прагматичен и со специфичен трековски сензибилитет кој е дефицитирен во сериите како Picard и Discovery. Епизодата е уште еден пример за каков капетан е Пикард и на какви работи е спремен за да го заштити својот екипаж од било какви непријатности. Кетрин Пуласки има интересна емотивна приказна тука која ми го направи нејзиниот лик многу подопадлив од обичнo.


Епизода што припаѓа на мојот засекогаш омилен Star Trek медицински персонал, докторката Беверли Крашер, овој пат позиционирана во центарот на една типична Twilight Zone параноја. На Enterprise доаѓа стар пријател на Крашер кој за кратко мистериозно исчезнува од бродот. Не само што никој освен таа не го памти, туку нема никаков податок дека тој човек воопшто некогаш постоел, а не па дека се качил на Enterprise. Додека екипажот се обидува да открие што точно се случува, а Крашер веќе се сомнева во сопствениот разум, исчезнуваат и други луѓе на кои се сеќава и познава само таа.

"Remember Me" додатно се заплеткува кога ќе почне да ги снемува и ликовите кои и ти како публика ги знаеш. Тогаш веќе ништо не ти е сигурно во наративот. Епизодата, иако сезони подоцна, е тесно поврзана со една од најдобрите од првата, "Where No One Has Gone Before". Предлагам прегледување и на таа поради основата на некои од ликовите и настаните. Функционира и самостојно секако, меѓутоа некои работи имаат повеќе смисла така контекстуално. Не се сеќавам на многу епизоди со Беверли Крашер во главен фокус, па можеби оваа е најдобрата таква.


Еве еден фин пример за како можеш да изведеш Star Trek со помрачен тон, а да не биде безживотно, депресивно и мизерно како Star Trek: Discovery. "Schisms" е може малку продукциски подостарена, некако чудно е изрежирана и глумата клизнува повремено дури и кај докажаните актери од редовната екипа, ама толку добро вклопува одредени Star Trek елементи во поинакви научно-фантастични жанрови со што заслужи да се најде во оваа листа.
Каде на друго место ќе видиш вонземјани што киднапираат луѓе од вселенски брод додека спијат за да експериментираат врз нив? Онака старошколски, својствено за таква класична научно-фантастична фикција од пред седумдесет години или една обична The X-Files приказна. Дури има еден крајно симпатичен вистински Star Trek момент, каде и покрај човечките жртви присутно е некакво разбирање за постапките на вонземските киднапери кои можеби се само истражувачи со различни методи од тие на Федерацијата.

February 14, 2020

Пишкарт

Не е дека сум изненаден што Star Trek: Picard е тапа. Со секој тизер и трејлер ми се разјаснуваше што ќе гледам. Star Trek последнава декада е во раце на луѓе што не знаат што е Star Trek, имаат едвај површни познавања за што е точно или едноставно не ги интересира. Едни мислат дека е акциона вселенска опера, други го користат како платформа за пласирање трендовски политички изблици. Star Trek се потпира на неколку јасни столбови кои тука се речиси комплетно отсутни, а ако ги замениш со било што друго, тоа повеќе нема да е Star Trek. Жал ми е што ова се случува со франшизата и тоа баш во време кога на светот му е најнеопходни вредностите за кои се залагал Џин Роденбери.

Star Trek: Picard е уште една пропуштена прилика и последната можност за Патрик Стјуарт да се врати во униформата на Жан-Лук Пикард за уште една авантура. Скурцана е најдобрата шанса Star Trek да се врати на сопствената траекторија. Жално е да гледаш како таков авторитетен дипломатски лик ко Пикард, легенда во Федерацијата и Старфлит е сведен на несмасна карикатура без ничија доверба и поддршка и тоа многу често во име на исфорсираниот диверзитет кој беше метастазата и на Star Trek: Discovery


Некогаш големиот капетан Пикард сега е позициониран како аутсајдер кој застанува пред некаков нефункционален систем во општество што повеќе личи на нашето денешно отколку на утописката иднина од каде што ни е познат. Не знам која е оваа кретенска креативна одлука да се антагонизираат есенцијалните елементи од Star Trek, ама веројатно ќе треба да почекаме на неизбежниот финансиски колапс на серијата пред одговорните за овој преседан да бидат отпуштени. Или обесени нели, баш како што овој денешен Star Trek нѐ подучува дека сите конфликти може да се решат со насилство.

Не разбирам која е придобивката од занимавање со денешни проблеми триста и кусур години во иднината. Нели Star Trek треба да е над ова што сме денес и да се соочува со неприликите на пософистициран начин? Како е возможно секој Star Trek од Enterprise навака упорно да се сопнува и тркала наназад?

Дополнително, серијата гради и еден вештачки свет околу Пикард преполн со за него блиски, а за нас комплетно нови ликови. Прави исклучително аматерски напори да ја престави неговата врска со нив како стабилна и емотивна преку евтина експозиција, која никако не успева да проработи. Сега ние како публика треба магично да сме убедени во историјата на Пикард со оваа багра која му се обраќа со "Џеј Ел", затоа што сценаристите цврсто веруваат дека двајца ликови се блиски ако си се викаат по надимаци.

Покрај тоа што врските помеѓу ликовите, па и самите ликови често, едвај имаат некаква логика, ни самата приказна не успева да се додржи сама. Идејата Пикард да замине на ваква "забранета авантура" е крајно неинспиративна. Милион пати сме го виделе и тој бунт на малиот човек кон големиот злобен естаблишмент и жално е што многу од луѓево што ги пишуваат овие гомна не можат да се дистанцираат од тоа. Баш Star Trek не треба да паѓа на нивото на скорешниот Star Wars кој мисли дека му е потребен негативец како Империјата за борбата на главните ликови да биде значајна. Изгледа е тешко да му најдеш занимација на Жан-Лук Пикард без оштетен Старфлит.

Три епизоди од само осум беа потребни за најпознатиот капетан на вселенски брод да отиде во вселена. Алал. Во нешто чија основа е сплотено човештво и истражување на вселена, нови светови, нови цивилизации, повеќе време се потроши на телевизиски политички интервјуа кои ги рефлектираат ставовите на Патрик Стјуарт за Трамп и Брегзит. До таму е стигната работата. Ова е Star Trek и целата мејнстрим поп култура денес, ама мислам дека се гледа крајот. Профитот паѓа како што расте присилното пикање на политички агенди сегде и верувам дека набргу ќе почнат да се стабилизираат големите франшизи. 

Не е Star Trek ова. Не е ни Пикард. Го гледам Патрик Стјуарт, ама e отсутен ликот што го познавам. Изнемоштен, беспомошен и неприфатен, опкружен со некои нови досадни ликови за кои серијата тврди дека му се стари пријатели. Уште пелени не му сменија до сега. Не знам, и Индијана Џонс беше стар во Crystal Skull, па пак беше Индијана Џонс. Не беше странец на кој му се издерава кој стигне или нешто. Овој Пикард тука многу често е полошо конципиран и од Лук Скајвокер во The Last Jedi.

Исто како и канцерозното Discovery, ова нема никого да инспирира или поттикне за било што, а најмалку да го заинтересира за наука, за како да ги прифати различностите или да се потруди да направи промена за подобра иднина. Со оглед на тоа што се расфрла со вулгарности, не е ни за деца. Празен, шкарт продукт кој нема никаква допирна точка со Star Trek освен што се вика така. Не е изговор "брат, Пикард е - како може да е лошо?". Прекинувам да трошам време на серијава. Го обожавам Патрик Стјуарт и не сакам ова да ми се последните спомени од него кога ќе умре.

January 30, 2020

Каков крш е Warcraft III: Reforged?

Колку сум среќен што пред некој ден ме мрзеше да станам по картицата за да направам приордер на Warcraft III: Reforged. Тоа се тие проблеми на белиот човек кои во овој случај ми заштедија 30 евра. Баш сакав да си ја поклонам за роденден. Reforged, ремастеризираната верзија на култните Reign of Chaos и The Frozen Throne е веќе два дена во оптег и реакциите од играчите се страшни поради ужасниот полу-функционален краен производ. Пред недела дена Blizzard се соочија со слични работи поради финалето на последниот Battle for Azeroth рејд и сериозно мислев дека Reforged е тоа што малку ќе ги искупи.

Јасно ми е дека ова денес не е ни отприлика компанијата со чии игри израснавме, ама веќе е смешно како упорно тонат безнадежно. Можеби ќе имав разбирање долку ова беше игра на инди компанија или некој нов наслов. Срамота е вака да промашиш игра стара дваесетина години. Reforged требаше да биде комплетно преправена верзија на Warcraft III. Нови синематици и видео секвенци, нови модели, нови анимации, обновена графика, редизајниран кориснички интерфејс, соодветно имплементирани опции за онлајн играње, порамнување на фоклорот со World of Warcraft онаму каде што малку издивергира изминативе години... 


Наместо тоа, испадна дека Reforged е само неоптимизирана крпеница преполна со багови од кои многу луѓе не ни можат да ја играат. Ги нема ветените преправени сцени што ги парадираа на BlizzCon, графичките подобрувања не се воопшто конзистентни, некои модели се нови, други изгледаат идентично како тие од 2002. Мултиплеерот е скршен и нестабилен, па дури ни оригиналните верзии на Warcraft III не функционираат нормално, а двете верзии требаше да се меѓусебно компатибилни. 

Проблемите се расеани и низ најситните детали и најфундаменталните функционалности. Во некои ситуации дури и во самиот чет се преклопувал текстот. На некои модели и единици им е сменет полот и скиновите, па играчите се сомневаат дека Blizzard си се спремаат и за продавање на скинови и слично за вистински пари. Извисена е и онаа посветена заедница што се токмеше тука да креира сопствени мапи и сценарија за играње, зашто според новата полиса целата нивна работа сега автоматски ќе припадне на Blizzard. Ова значи дека ако некој утре измодира следна DotA, Blizzard слободно може да му превземе трудот и да го монетизира без надомест за авторот.

Паралелно на ова, за само два дена има и бројни случаи каде што Blizzard одбива да ги рефундира парите на тие што не се задоволни со Reforged со разни глупави изговори. Многу од тие луѓе се спремаат и правно да си ги бараат парите назад зашто се осеќаат измамено и обвинуваат за лажно рекламирање. Презабавно е да ја следиш катастрофава ако не си им дал пари. /r/warcraft3 си пршти без престан овие денови, а корисничката оценка на metacritic во моментов е 1.4/10. Стварно не можам да се сетам кога последен пат сум видел толку низок рејтинг за било што. 

Мислам дека ни за Fallout 76 немаше волку драми. А, имаа долго време да го средат и исполираат ова. Огромна компанија се со многу, многу ресурси. Да, беше малку чудно што ја одложија и го минимализираа маркетингот последниве месеци, ама мислев дека работат на некои ситници, не знам. Катастрофа по катастрофа се Activision Blizzard. World of Warcraft Classic веројатно им успеа само зошто е истата игра од 2004 без некои значителни промени. Сѐ ново што фатија го усраа.

Повеќе ми е смешна целава драма отколку што ми е криво дека нема да играм освежена Warcraft III. Единствено жалам што упорно успевам да наседнам на глупостите што ги ветува оваа запалена дива депонија од компанија. Ама, барем сега не платив пари за да ја научам истата лекција пак. Сигурен сум дека ќе докрпат во следните месеци, можеби дури и ќе пуштат на некој попуст, ама веќе изгубија значителен дел од играчите кои верувам дека нема да се затрчаат назад. Мислам дека и јас сум еден од нив. 

Види такоѓе:

January 20, 2020

Низ дискографијата на Еминем: Music to Be Murdered By

Мислев дека само еднаш во животот ќе ја имаме привилегијата да се разбудиме со тазе излезен ненајавен Еминем албум. Не очекував дека баш вака ќе започне музичката 2020, со вакво пријатно изненадување откако минатата година не беше особено дарежлива кон моите музички потреби и вкусови. Но, Music to be Murdered By колку што ми беше добредојден, толку и ми беше тежок за варење. Revival имаше нејасна цел за некакво "воздигнување" на неговата и онака здрава кариера, па разбирливо ненаклонетите критики кон тој албум дадоа причина на маестралниот преклански Kamikaze. Што е ова сега?

На првите слушања не успевав да го сфатам мотивот зад Music to be Murdered By. Се разгалив со накурчен и дрзок Еминем, а овде не наидов на таков. Kamikaze ме навикна на тој милитантен и испровоциран Еминем кој сега на овој албум е малку стишен. Па, така при првиот викенд со Music to Be Murdered By на рипит, промашив да сконтам дека сега "провокацијата" е всушност само неговиот порив за создавање музика, изразување, за рап. Не мора да војува со критичари, колеги и публика за да биде интересен или релевантен. Откако исклучив некои влезни параметри, Music to be Murdered By почна да ми станува подобар и пологичен со секое наредно слушање. 


Инспирацијата од Алфред Хичкок благо споен со омот кој сигурно тенденциозно потсетува на The Eminem Show и неколкуте тематски скитови можеби ќе те прелажат дека ова е концептуален албум, ама не е. Можеби еден ден ќе доживееме и таков, ама ова не е тоа. Music to Be Murdered By е ишаран со различни теми и идеи, воглавно својствени за нивниот автор кој уште еднаш докажува дека нема намера до сопре и покрај тоа што се доближува до пет банки. Еминем на албумов звучи витално, расположено и не личи толку оптоварен како претходно. Не се труди да се докаже по секоја цена, не се брани, ама не ни напаѓа со цела снага. Да, има стандардни Еминем закачки се разбира, не е ова госпел албум, ама не се главната струја на Music to Be Murdered By.

Продукциски, Music to Be Murdered By е шарен и широко распослан, ама пак не излегува од рамките на рап. Изборот на инструментали е соодветен со темите и ги нема одвратните поп-рок семплови од Revival, мило ми е што таа лекција мораше да ја научи. Сигурен сум дека никогаш веќе нема го чуеме Еминем како рецитира врз такви хорори. Значи, може да имаш певливи рефренчиња без да семплаш глупави певливи рефренчиња. Тука и гостите се добро пречекани, а домаќинот е технички спремен повеќе од било кога дури и за оние кои доаѓаат од друга рап школа. Чувме уште на минатиот албум како Еминем може да извози трап бит без да звучи како старец што неуспешно се обидува да е кул кај младите и мило ми е што на Music има повеќе такви екскурзии.

За фановите од поодамна, тука е Ројс и екипата од несудениот Slaughterhouse бенд (без Џо Баден, нормално) и неколку парчиња кои звучат како да се отцепени од The Eminem Show или Encore. Фали уште Нејт Дог да стане од гробот да го запее рефренот на "I Will" и да си сигурен дека е песна од 2002, а не 2020. Многу ми е интересно како во повеќе прилики на албумов слушнав Еминем од повеќе периоди без да звучи неприродно до степен да е пародија на себе. На Revival имаше неколку такви пропаднати обиди да се рекреира самиот. Овде е очигледно ослободен од сопствениот творечки товар и туѓите очекувања, па некако слободно успева да маневрира низ овие шеесетина минути со различни стари и нови стилови.

Да, Music е огромен, долг албум. Дури и да ги извадиш тие четири-пет скитови од вкупно 20 траки, пак е џиновски. Има неколку песни каде што темата е толку слична и само го прават непотребно долг. Можеби затоа ми звучеше толку идејно раштиман на почетокот. Малку е заморно да слушаш толку возрасен човек како пее за очувот или пропаднати врски. Јасно ни е дека вторава тема му е задолжителна на секој албум, ама досадно е кога упорно ни се презентира истата приказна. Сакам повеќе соработки со Андерсон Пак отколку со Ед Ширан. Знам дека Еминем ќе шлапне јако кај и да го ставиш, ама подобро лепи кога се држи до матичниот жанр и она што е на тој спектар.

Албумот би бил посимпатичен така покомпактен, еве да ги избришеме "In Too Deep" и "Farewell" за почеток, ако може. Секој албум има по една "Drug Ballad", ама овде се повеќе. Но, останатото е баш она што го размислував после Kamikaze, ама не очекував дека ќе се случи толку бргу. Ова е тој следниот природен чекор на Еминем и сигурно нема да се пензионира туку така, особено кога е на сопствениот технички и лирички врв без разлика што ќе го одјебат како остаток од некое друго време. Kamikaze е веќе класика, сакал ти или не. Сега прашањето е колку време ќе му треба на Music to Be Murdered By да се допише до него.

Види такоѓе:

January 12, 2020

Изгледа дека Magic: Legends е уште една предвремена првоаприлска смешка

Очигледно денес секоја онлајн игра со повеќе од еден играч производителите ја рекламираат како MMO, па сите што мислевме дека Magic: Legends ќе биде MMORPG еве сега изгледаме како магариња. Види, технички можеш да се расфрлаш со MMO налепници по игри и да имаш доволно елементи колку да ја оправдаш таквата дефиниција. Веројатно во одредени случаи нема да згрешиш. Mеѓутоа, во овaa ситуација повеќето се согласни дека Perfect World и Cryptic Studios малку манипулаторски ја најавија Magic: Legends минатиот месец. Ете, ако го измениш редоследот на зборовите кои го опишуваат жанрот, можеш тенденциозно да создадеш погрешна слика без да биде "лажно рекламирање".

По помпезното видео соопштение, краткотрајната возбуда околу Magic: Legends ја прекина првото видео во кое се гледа гејмплејот и разјаснува дека ова не е 'action MMORPG' туку 'action RPG', односно досаден шашав Diablo клон со некои минимални онлајн елементи кои не се баш 'massively multiplayer online'. Кога на MMORPG публика ќе ѝ спомнеш 'action', првата и главна асоцијација е борбената механиката и интеракцијата со непријателите, односно метите не ги селектираш со притискање на tab копчето, туку ги нишаниш. Публиката игрите како Tera, Black Desert Online или Elder Scrolls Online ги знае како 'action MMORPG'. 


Ајде еве, ќе речеме дека се работи за недоразбирање и дека публиката можеби има некаква одговорност за сопствените големи очекувања. Ако те насанкале, некогаш сам си крив. Ама, видеата од гејмплејот на Magic: Legends што се моментално достапни изгледаат очајно и тоа е поголемиот проблем. Не може во промотивно видео да ти сецка играта. Неприфатливо е во 2020, без оглед на тоа што си пишал 'pre-alpha footage'. 

Подобро ништо не покажувај отколку да дозволиш секое видео за играта што допрва треба да ја објавиш да ти има повеќе дислајкови отколку лајкови. Можеби доколку самата игра изгледаше барем визуелно попристојно, публиката полесно ќе го занемареше тој "жанровски неспоразум". Буквално нема ништо импресивно или барем малку интересно да се види. Испаѓа како цел буџет да го фукнале на тој првиот тизер.

Magic: the Gathering има опширни светoви и приказни кои континуирано се создаваат и развиват скоро триесет години. Замисли кој потенцијал е тоа за MMORPG. Не очекував од Magic: Legends да дојде и да го качи жанрот на грб да го износи или да е WoW со MtG скин. Нит традиционалниот жанр е популарен денес, нит па Magic: the Gathering како некогаш. Ама, некако е тажно сето тоа да заврши како ваква генеричка игра која веројатно има ужасно мали шанси за успех или профит. Без разлика какви ќе се подобрувањата кои верувам дека после лошиот одзив ќе следат, концептуално пак не ми личи на игра која би можела да е компетитивна во однос на другите во aRPG жанрот денес. Стварно има многу пософистициран избор.

Тука е Path of Exile и нејзините нови експанзии и продолжение, имаш жива и здрава Diablo III, за некој месец и Torchlight Frontiers која ќе биде бесплатна онлајн варијанта на Torchlight. Magic: Legends изгледа смешно во споредба со овие, a сигурен сум дека Perfect World и Cryptic Studios немаат ни добар бизнис модел во план. Да, бесплатна ќе биде, ама тврдам дека ќе пробува да ти го отвори новчаникот на секој чекор како и нивните други игри, пример Neverwinter и Star Trek Online. Гледам дека Magic: Legends користи некаков систем со карти како способности за нејзините четири-пет предефинирани херојчиња и лесно можеш да видиш дека се супер-згодни за продавање за вистински пари. Сепак е ова Magic, нели?

Не знам кој ќе го игра ова, реално. Особено после ова фијаско деновиве. Едно видео што не трае ни минута им изгуби огромен дел од потенцијалните играчи. Не помагаат ни тие видеа што следеа каде што платен тим новинари се трудат да ја фалат и да глумат возбуда додека ја играат. Не знам ни кога точно треба да излезе Magic: Legends, веројатно некаде до крајот на годинава. Доаѓа за PC, неколку конзоли, а сигурен сум дека некогаш и за мобилни платформи зошто изгледа како во некоја фаза да е така дизајнирана. Интерфејсот и едноставниот гејмплеј ме наведуваат да мислам дека додека е развивана се предомислувале за целната група. 

Пропаѓаат проекти, тоа е. Пропаднале и поголеми игри базирани на попопуларна интелектуална сопственост. Жалам што само пак сме години подалеку од асална MMORPG игра базирана на Magic: the Gathering. Уште долго нема талкање низ отворените светови на Миродин, Камигава или Равница каде што ти си Плејнсвокер што сам си го создаваш, нема камера во трето лице, нема масовни групирања со други играчи. Сега ќе можеш само да си кликаш со други двајца во неоптимизиран Diablo клон кон орди генерички зомбија и гоблини.

За крај, има една игра што сакав пред скоро да ја спомнам и моментално добива комплетно спротивен фидбек од овој на Magic: Legends. Исто е изометрична, ама за разлика од ова гомно тука, се рекламира себе како MMORPG и никаде од тоа што до сега излезе можеш да приметиш дека е некаква превара. Да не зборам за тоа колку супериорно изгледа во споредба со гејмџем графичкиот дизајн на Legends. Играта се вика Corepunk и би требало годинава да отпочне некаква бета. Ќе пишам наскоро повеќе, чекам да се присоберат новости. До тогаш обрни внимание, може ќе ја биде.