Очигледно денес секоја онлајн игра со повеќе од еден играч производителите ја рекламираат како MMO, па сите што мислевме дека Magic: Legends ќе биде MMORPG еве сега изгледаме како магариња. Види, технички можеш да се расфрлаш со MMO налепници по игри и да имаш доволно елементи колку да ја оправдаш таквата дефиниција. Веројатно во одредени случаи нема да згрешиш. Mеѓутоа, во овaa ситуација повеќето се согласни дека Perfect World и Cryptic Studios малку манипулаторски ја најавија Magic: Legends минатиот месец. Ете, ако го измениш редоследот на зборовите кои го опишуваат жанрот, можеш тенденциозно да создадеш погрешна слика без да биде "лажно рекламирање".
По помпезното видео соопштение, краткотрајната возбуда околу Magic: Legends ја прекина првото видео во кое се гледа гејмплејот и разјаснува дека ова не е 'action MMORPG' туку 'action RPG', односно досаден шашав Diablo клон со некои минимални онлајн елементи кои не се баш 'massively multiplayer online'. Кога на MMORPG публика ќе ѝ спомнеш 'action', првата и главна асоцијација е борбената механиката и интеракцијата со непријателите, односно метите не ги селектираш со притискање на tab копчето, туку ги нишаниш. Публиката игрите како Tera, Black Desert Online или Elder Scrolls Online ги знае како 'action MMORPG'.
Ајде еве, ќе речеме дека се работи за недоразбирање и дека публиката можеби има некаква одговорност за сопствените големи очекувања. Ако те насанкале, некогаш сам си крив. Ама, видеата од гејмплејот на Magic: Legends што се моментално достапни изгледаат очајно и тоа е поголемиот проблем. Не може во промотивно видео да ти сецка играта. Неприфатливо е во 2020, без оглед на тоа што си пишал 'pre-alpha footage'.
Подобро ништо не покажувај отколку да дозволиш секое видео за играта што допрва треба да ја објавиш да ти има повеќе дислајкови отколку лајкови. Можеби доколку самата игра изгледаше барем визуелно попристојно, публиката полесно ќе го занемареше тој "жанровски неспоразум". Буквално нема ништо импресивно или барем малку интересно да се види. Испаѓа како цел буџет да го фукнале на тој првиот тизер.
Magic: the Gathering има опширни светoви и приказни кои континуирано се создаваат и развиват скоро триесет години. Замисли кој потенцијал е тоа за MMORPG. Не очекував од Magic: Legends да дојде и да го качи жанрот на грб да го износи или да е WoW со MtG скин. Нит традиционалниот жанр е популарен денес, нит па Magic: the Gathering како некогаш. Ама, некако е тажно сето тоа да заврши како ваква генеричка игра која веројатно има ужасно мали шанси за успех или профит. Без разлика какви ќе се подобрувањата кои верувам дека после лошиот одзив ќе следат, концептуално пак не ми личи на игра која би можела да е компетитивна во однос на другите во aRPG жанрот денес. Стварно има многу пософистициран избор.
Тука е Path of Exile и нејзините нови експанзии и продолжение, имаш жива и здрава Diablo III, за некој месец и Torchlight Frontiers која ќе биде бесплатна онлајн варијанта на Torchlight. Magic: Legends изгледа смешно во споредба со овие, a сигурен сум дека Perfect World и Cryptic Studios немаат ни добар бизнис модел во план. Да, бесплатна ќе биде, ама тврдам дека ќе пробува да ти го отвори новчаникот на секој чекор како и нивните други игри, пример Neverwinter и Star Trek Online. Гледам дека Magic: Legends користи некаков систем со карти како способности за нејзините четири-пет предефинирани херојчиња и лесно можеш да видиш дека се супер-згодни за продавање за вистински пари. Сепак е ова Magic, нели?
Не знам кој ќе го игра ова, реално. Особено после ова фијаско деновиве. Едно видео што не трае ни минута им изгуби огромен дел од потенцијалните играчи. Не помагаат ни тие видеа што следеа каде што платен тим новинари се трудат да ја фалат и да глумат возбуда додека ја играат. Не знам ни кога точно треба да излезе Magic: Legends, веројатно некаде до крајот на годинава. Доаѓа за PC, неколку конзоли, а сигурен сум дека некогаш и за мобилни платформи зошто изгледа како во некоја фаза да е така дизајнирана. Интерфејсот и едноставниот гејмплеј ме наведуваат да мислам дека додека е развивана се предомислувале за целната група.
Пропаѓаат проекти, тоа е. Пропаднале и поголеми игри базирани на попопуларна интелектуална сопственост. Жалам што само пак сме години подалеку од асална MMORPG игра базирана на Magic: the Gathering. Уште долго нема талкање низ отворените светови на Миродин, Камигава или Равница каде што ти си Плејнсвокер што сам си го создаваш, нема камера во трето лице, нема масовни групирања со други играчи. Сега ќе можеш само да си кликаш со други двајца во неоптимизиран Diablo клон кон орди генерички зомбија и гоблини.
За крај, има една игра што сакав пред скоро да ја спомнам и моментално добива комплетно спротивен фидбек од овој на Magic: Legends. Исто е изометрична, ама за разлика од ова гомно тука, се рекламира себе како MMORPG и никаде од тоа што до сега излезе можеш да приметиш дека е некаква превара. Да не зборам за тоа колку супериорно изгледа во споредба со гејмџем графичкиот дизајн на Legends. Играта се вика Corepunk и би требало годинава да отпочне некаква бета. Ќе пишам наскоро повеќе, чекам да се присоберат новости. До тогаш обрни внимание, може ќе ја биде.
2 comments:
kje vidime so kje bide. Top 3 spored mene se Path of Exile, Grim Dawn i Last Epoch.
Ama fali dobra igra so sarena grafika :D
Којзнае шо ќе биде Меџиков. :)) Не очекувам многу, а видеава што скоро се појави не ни обеќаат.
Post a Comment