January 30, 2020

Каков крш е Warcraft III: Reforged?

Колку сум среќен што пред некој ден ме мрзеше да станам по картицата за да направам приордер на Warcraft III: Reforged. Тоа се тие проблеми на белиот човек кои во овој случај ми заштедија 30 евра. Баш сакав да си ја поклонам за роденден. Reforged, ремастеризираната верзија на култните Reign of Chaos и The Frozen Throne е веќе два дена во оптег и реакциите од играчите се страшни поради ужасниот полу-функционален краен производ. Пред недела дена Blizzard се соочија со слични работи поради финалето на последниот Battle for Azeroth рејд и сериозно мислев дека Reforged е тоа што малку ќе ги искупи.

Јасно ми е дека ова денес не е ни отприлика компанијата со чии игри израснавме, ама веќе е смешно како упорно тонат безнадежно. Можеби ќе имав разбирање долку ова беше игра на инди компанија или некој нов наслов. Срамота е вака да промашиш игра стара дваесетина години. Reforged требаше да биде комплетно преправена верзија на Warcraft III. Нови синематици и видео секвенци, нови модели, нови анимации, обновена графика, редизајниран кориснички интерфејс, соодветно имплементирани опции за онлајн играње, порамнување на фоклорот со World of Warcraft онаму каде што малку издивергира изминативе години... 


Наместо тоа, испадна дека Reforged е само неоптимизирана крпеница преполна со багови од кои многу луѓе не ни можат да ја играат. Ги нема ветените преправени сцени што ги парадираа на BlizzCon, графичките подобрувања не се воопшто конзистентни, некои модели се нови, други изгледаат идентично како тие од 2002. Мултиплеерот е скршен и нестабилен, па дури ни оригиналните верзии на Warcraft III не функционираат нормално, а двете верзии требаше да се меѓусебно компатибилни. 

Проблемите се расеани и низ најситните детали и најфундаменталните функционалности. Во некои ситуации дури и во самиот чет се преклопувал текстот. На некои модели и единици им е сменет полот и скиновите, па играчите се сомневаат дека Blizzard си се спремаат и за продавање на скинови и слично за вистински пари. Извисена е и онаа посветена заедница што се токмеше тука да креира сопствени мапи и сценарија за играње, зашто според новата полиса целата нивна работа сега автоматски ќе припадне на Blizzard. Ова значи дека ако некој утре измодира следна DotA, Blizzard слободно може да му превземе трудот и да го монетизира без надомест за авторот.

Паралелно на ова, за само два дена има и бројни случаи каде што Blizzard одбива да ги рефундира парите на тие што не се задоволни со Reforged со разни глупави изговори. Многу од тие луѓе се спремаат и правно да си ги бараат парите назад зашто се осеќаат измамено и обвинуваат за лажно рекламирање. Презабавно е да ја следиш катастрофава ако не си им дал пари. /r/warcraft3 си пршти без престан овие денови, а корисничката оценка на metacritic во моментов е 1.4/10. Стварно не можам да се сетам кога последен пат сум видел толку низок рејтинг за било што. 

Мислам дека ни за Fallout 76 немаше волку драми. А, имаа долго време да го средат и исполираат ова. Огромна компанија се со многу, многу ресурси. Да, беше малку чудно што ја одложија и го минимализираа маркетингот последниве месеци, ама мислев дека работат на некои ситници, не знам. Катастрофа по катастрофа се Activision Blizzard. World of Warcraft Classic веројатно им успеа само зошто е истата игра од 2004 без некои значителни промени. Сѐ ново што фатија го усраа.

Повеќе ми е смешна целава драма отколку што ми е криво дека нема да играм освежена Warcraft III. Единствено жалам што упорно успевам да наседнам на глупостите што ги ветува оваа запалена дива депонија од компанија. Ама, барем сега не платив пари за да ја научам истата лекција пак. Сигурен сум дека ќе докрпат во следните месеци, можеби дури и ќе пуштат на некој попуст, ама веќе изгубија значителен дел од играчите кои верувам дека нема да се затрчаат назад. Мислам дека и јас сум еден од нив. 

Види такоѓе:

No comments: