August 17, 2026

Spread на Џастин Џордан и Кајл Страм

Oд почетокот па некаде до средината на 2010-тите, Image Comics беа влезени во една исклучително плодна креативна фаза и лесно беше да пропуштиш стрип како Spread. Покрај тоа што тогаш беше и пикот на The Walking Dead, во период од неколку години почнаа да излегуваат денес култни наслови како Saga, East of West, Descender, Black Science, Lazarus и куп други. Меѓу нив беа и Injection на Ворен Елис, Outcast на Роберт Киркмен што доживеа и краткотрајна телевизиска адаптација, Prophet на Брендон Грам што го читав скоро, па дури и Грент Морисон во тоа време го објави Nameless кај нив. Комотно можеше по корица да избереш нешто од Image и да се погоди квалитетно. 
 
Негде од тој обемен каталог, пред некое време ми излезе и Spread. По сценарио на Џастин Џордан и Кајл Страм како главен цртач и творец на визуелниот дел, приказната на Spread е распространета низ дваесет и пет броеви кои се објавувани од 2014 до 2018. Дејството почнува десетина години откако светот е претворен во постапокалиптична пустелија од грозна зараза која асимилира сè што ќе допре во огромен крвав месест организам. Се шири доволно бавно за да опстојуваат групи преживеани во импровизирани кампови, а иако некои луѓе се имуни на заразата, никој не е безбеден од монструмите што самиот организам ги создава. Имунитетот не помага ако ти го скршат вратот или ти го отворат стомакот со пипци. 
 
 
Во фокусот на приказната е Но, еден од преживеаните кој е имун на заразата. Но воглавно си ја гледа својата работа, додека еден ден случајно не спаси бебе кое би можело да биде клучот за уништување на организмот кој полека гнете сè наоколу. Бебето Хоуп мора да биде заштитено и однесено на безбедно, а опасноста демне на секој чекор. Колапсот на општеството го вади најодвратното од луѓето на површина, така што Но освен со грозоморниот организам, мора да се справува со групи разбојници, канибали, верски фанатици и секаков друг човечки олош што успеал да го преживее крајот на светот. Оттаму и доаѓаат вистинските гадости во Spread, не верувам дека боди хоророт е нешто што би можело да те шокира ако си љубител на жанрот. 
 
Визуелно е врвен. Ако веќе си фатил да читаш нешто вакво, веројатно имаш стомак за лесно да го свариш. Кајл Страм е навистина креативен и е идеален избор за ова. Знае како да ескалира, а во предговорот на првиот том No Hope и самиот објаснува за неговата пасија да црта грозни работи уште од рано детство, инспириран од ствари како Грабоидите во Tremors, стопената фаца во Raiders of the Lost Ark или Макмен од TMNT. Се гледа дека пасијата останала и низ кариерата, а во стилот има куп приметливи влијанија што му дошле подоцна во животот. Ниеден фан на хорор не би останал рамнодушен. Цртежите му се појачани со бои на Фелипе Собреиро кој раскошно го истакнува црвениот организам низ пустите снежни пејзажи кои се и главниот сетинг на Spread
 
 
Некако сè функционира во полза на богатиот слоевит свет што Џастин Џордан го создава. Под површината е полно со разни пресврти, заговори и заврзлами и штета е што трае толку кратко. Џордан успева да ја раскаже замислената приказна, да протарашка низ природата на стварите и да не остави ниеден лик без мотив и историја, ама пак некако не се заситив. Низ броевите на Spread има дополнителни кратки стрипови од различни автори кои раскажуваат неповрзани приказни од тој свет и очигледен е потенцијалот вон дешавките на Но. Според Џордан, планот бил да тераат многу повеќе од загарантираните дваесет и пет, ама скромната продажба ги натерала Image да го завршат според првичниот договор. 
 
И без да го знам ова, некако осетив дека приказната почна да се спушта кон разврска баш во моментот кога дојде до најинтересното. Тоа можеби и ми е најголемиот проблем со Spread, што некако нагло решава да се заокружи, ама како што и самиот Џастин Џордан си кажува, не сакале да ризикуваат да ги скинат среде некаков арк. Во последната колекција од 2025, големиот Spread Compendium, на крајот покрај оригиналниот предлог кон Image, има и нацрт за целиот серијал каде што се опишани некои аркови што воопшто ги нема, а звучат многу интересно. Барем еден од нив би пасувал супер измеѓу овие дваесет и пет броеви колку онака да го стабилизира темпото.
 
 
Во секој случај, Spread е супер материјал доколку сакаш малку да се наквасиш со крвав хорор. Слабо наоѓам време за читање периодов и ми се направи ќеф што успеав да одвојам за нешто вака забавно. Плус, Џастин Џордан не ја крие инспирацијата од The Thing на Карпентер, па и тука ме начека слаб. Милина. Spread е инаку стокмен во неколку колекции и компендиум што исто ги собира сите броеви, ама во тој фалат неповрзаните кратки епизоди. Јас читав некоја комбинација од колекциите и единечните броеви затоа што не успеав од прва да ги најдам собрани последните и испадна подобра идеја. 
 
Единечните броеви имаат кратки написи од авторите поврзани со самата епизода каде што даваат контекст на некои ствари и беа супер за читање. Тие на Кајл Страм се особено забавни затоа што таков раскажува што филмови и серии гледал додека го работел бројот, како некогаш цртал од хотелски лобија на стрип конвенции и општо што му се случувало во тој период. Компендиумот го симнав колку да видам да не има нешто дополнително, ама фалат многу дополнителни работи и некако е гломазен за читање дури и дигитално. Верувам дека Image за некоја година ќе објават уште едно "конечно" издание со сè што фали во ова, ама би бил посреќен доколку го обноват насловот со некакво продолжение. Дотогаш, нека се шири муабетот за Spread, затоа што озбилно вреди.
 

No comments: